238/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 13 март 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 23 став 1 од Законот за цивилните инвалиди од војната („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија„ бр.33/1976, 25/1979, 11/1981, 4/1985 и 12/1989 и „Службен весник на Република Македонија„ бр.17/1991, 38/1991 и 81/1999).

2. Драги Краљевски од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 23 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одредба во два наврата била предмет на измена и дополнување, при што рокот за поднесување на барањата за остварување на правата врз основа на овој закон за последен пат бил продолжен до 31 декември 1989 година. Со оглед на тоа што во Република Македонија се уште имало заостанати убојни средства од војната од 1941 година или можеле да настапат повреди од терористички акти, произлегувало дека врз основа на наведената регулатива граѓаните на Република Македонија повеќе не можеле да поднесат барања за остварување на правата предвидени со Законот. Оттаму, имајќи предвид дека сите граѓани на Република Македонија се еднакви во остварувањето на своите права, според подносителот на иницијативата, произлегува дека со оспорената одредба се дискредитирале цивилните инвалиди од војната што се здобиле со повреди по 31 декември 1989 година.

3. Судот на седницата утврди дека, според содржината на оспорениот член 23 став 1 од Законот, барање за признавање на правата утврдени со овој закон може да се поднесе до 31 декември 1989 година.

4. Според членот 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверувње, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 2 од Законот, цивилен инвалид од војната, според овој закон, се смета:
1). лице кај кое настапило оштетување на организмот како последица на ранување или повреди настанати од тероризирање и лишување од слобода од страна на окупаторот или неговите помагачи (жртва на фашистички терор);
2). лице кај кое настапило оштетување на организмот како последица на ранување или повреди настанати во врска со воени операции: бомбардирања, улични борби, заталкан куршум и друго (жртва на воени дејствија),
3). лице кај кое настапило оштетување на организмот како последица на ранување или повреди здобиени од заостанат воен материјал (жртва на заостанат воен материјал) и
4). лице кај кое настапило оштетување на организмот како последица на ранување или повреди настанати во врска со терористички акции (жртва на терористички акции).

Според ставот 2 на членот 23 од Законот, лицата кај кои ќе настапат повреди од заостанат воен материјал или од терористички акции, по влегувањето во сила на овој закон, барање за признавање на правата можат да поднесуваат во рок од една година по настанувањето на повредите.

Тргнувајќи од содржината на цитираниот член 2 од Законот произлегува дека во него се разликуваат четири категории цивилни инвалиди, според околностите под кои настанала инвалидноста и тоа: цивилен инвалид-жртва на фашистички терор (точка 1), цивилен инвалид-жртва на воени дејствија (точка 2), цивилен инвалид-жртва на заостанат воен материјал (точка 3) и цивилен инвалид-жртва на терористички акции (точка 4). Исто така, имајќи ја предвид содржината на целината на членот 23 став 2 од Законот, произлегува дека во него се предвидени два различни рокови за различни категории на цивилни инвалиди кои течеле различно.

Имено, во ставот 2 на наведената одредба, Законот ги опфаќа цивилните инвалиди жртви на заостанат воен материјал и жртви на терористички акции што се всушност категориите на цивилни инвалиди за кои се залага подносителот на иницијативата. За овие категории цивилни инвалиди од влегување во сила на Законот и се уште е предвиден преклузивен рок за признавање на правата утврдени со овој закон кој се смета од настанувањето на повредата, но не повеќе од една година.

Останатите две категории на цивилни инвалиди (цивилни инвалиди жртви на фашистички терор и жртви на воени дејствија), како категории кои не се опфатени во членот 23 став 2 од Законот остварувале права за повреди или оштетувања што настанале во период 1941 до 1989 година или за временски период од 48 години, под услов оштетувањето или повредата да настанале од фашистичкиот терор или воените дејствија и ако барањето за остварување на правата го поднеле сметано до 31 декември 1989 година, како краен рок.

Оттаму, не е точно тврдењето на иницијативата дека наведените категории на цивилни инвалиди сметано по 31 декември 1989 година, како рок од оспорениот член 23 став 1 од Законот, не можат да ги остварат своите права, бидејќи нивните права се остваруваат согласно ставот 2 на истата одредба од Законот и тоа секогаш сметано од денот на настанувањето на повредата.

Според Судот правата за кои се залага подносителот на иницијативата не се остваруваат врз основа на оспорената одредба (член 23 став 1 од Законот), која егзистирала во правниот поредок, како основ за остварување на правата на цивилните инвалиди од членот 2 точка 1 и 2 од Законот, сметано од влегувањето во сила на Законот, па се до 31 декември 1989 година, туку врз основа на членот 23 став 2 од Законот, која се однесува на цивилните инвалиди од членот 2 точка 3 и 4 од Законот, што ги покрива и сегашните случаи. Во конкретниот случај, подносителот на иницијативата погрешно го сфатил и прото-лкувал оспорениот член 23 став 1 од Законот, кога тврди дека со него се доведува во прашање еднаквоста на граѓаните жртви на заостанат материјал и терористички акции со останатите цивилни жртви пред Уставот и законите, гаранитирана во членот 9 од Уставот. Впрочем двете групи на цивилни инвалиди и никогаш немале еднаква правна положба по однос на законски предвидените рокови за поднесување на барање за остварување на правата што ги утврдил Законот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа­те­лот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.238/2007
13 март 2008 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски