237/1996-0-0

Вовед

Врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 25 декември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на

– Мислењето на Министерството за финансии бр.14-298/3 од 2 март 1994 година, упатено до Сојузот на младинските и студентските задруги во Македонија,

– Мислењето на Министерството за финансии бр.09-3356/1 од 26 април 1996 година, упатено до Сојузот на младинските и студенските задруги на Македонија, и

– Известувањето на Министерството за финансии бр.16-697/1 од 21 мај 1996 година, упатено до управата за јавни приходи.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Младинската задруга “25 Мај” од Велес и Младинската задруга “Младинец” од Скопје му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени воточката 1 од ова решение, затоа што тие не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија и член 14 став 1 точка 10 од Законот за пресоналниот данок од доход, затоа што Министерството за финансии не е надлежно да го толкува значењето за персоналниот данок од доход, и да го утврди начинот на пресметување на даночната основа на персоналниот данок од доход на секое поединечно ангажирање на лице од задруга заради извршување на работи од дејност на задругата.

3. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот утврди дека оспорените мислења и известувањето не претставуваат прописи, односно со нив не се регулираат односи туку со нив само се појаснува примената на одделни одредби од Законот за персоналниот данок од доход.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законот.

Со оглед на тоа што оспорените мислења и известувањето не претставуваат пропис за кој Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.237/96)