232/1996-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седниците одржани на 12 и 19 февруари 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста член 58 став 1 алинеја 3 од Општиот колективен договор на ниво на стопанство на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/94 и 30/96).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 58 став 1 алинеи 1 и 2 од општиот колективен договор означен во точката 1 од ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување уставноста и законитоста на член 67 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/94 и 30/96).

4. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје, за поведување постапка за оценување уставноста на општите колективни договори, означени во точките 1 и 3 од ова решение затоа што ги предвидувале начинот и условите кога работникот може да остане на работа и покрај тоа што ги исполнува условите за пензија, иако овие услови не биле предвидени и во Законот за работните односи на што упатувала одредбата од член 132 став 5 од Уставот на Република Македонија.

5. Судот на седницата утврди дека согласно алинејата 3 од член 58 од Општиот колективен договор на ниво на стопанството на Република Македонија, работникот кој наполнил 40 години пензиски стаж или 65 години живот и најмалку 15 години стаж на осигурување и на кој по сила на законот му прстанува работниот однос, може да остане во работен однос доколку таква одлука донесе надлежниот орган на работодавецот во случаи утврдени со колективен договор на ниво на работодавец.

Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 108 став 1 точка 5 од Законот за работни односи работниот однос по сила на закон престанува ако работникот наполни 40 години пензиски стаж или 65 години живот и најмалку 15 години стаж на осигурување, ако работодавецот, во согласност со условите утврдени со закон и општ колективен договор, не одлучи работникот да остане во работен однос.

Од наведените одредби се гледа дека Уставот предвидува правата на вработените и нивната положба да се уредуваат со закон и со колективни договори.

Законот за работните односи, пак, продолжувањето на работниот однос на работникот, кој ги исполнува условите за пензија, го препушта во надлежност на работодавецот, кој притоа мора да се придржува на условите утврдени во закон и општиот колективен договор, при што во однос на условите за продолжување на работниот однос Законот не предвидува делегирање на надлежноста во смисла овие права на работникот да се регулираат, наместо со општ колективен договор, со колективен договор на ниво на работодавец.

Со оглед на тоа што алинејата 3 на член 58 од Општиот колективен договор на ниво на стопанството на Република Македонија предвидува случаите кога работникот може да остане во работен однос да се утврдуват со колективен договор на ниво на работодавец, а истите не се содржани во Законот за работни односи, Судот оцени дека може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и Законот за работни односи.

6. Исто така, Судот на седницата утврди дека членот 58 алинеите 1 и 2 од Општиот колективен договор на ниво на стопанството на Република Македонија предвидува работникот кој наполнил 40 години пензиски стаж или 65 години живот и најмалку 15 години стаж на осигурување и на кој по сила на закон му престанува работниот однос, да може да остане во работен однос доколку таква одлука донесе надлежниот орган на работодавецот под услов работникот да е ангажиран со определен проект од значење за работодавецот, до завршувањето на проектот, и ако со пројавената потреба од засновање на работен однос кај службата надлежна за посредување при вработувањето не може да се обезбеди работник кој ги исполнвуа условите за работното место.

Согласно член 108 став 1 точка 5 од Законот за работни односи работниот однос по сила на закон престанува ако работникот наполни 40 години пензиски стаж или 65 години живот и најмалку 15 години стаж на осигурување, ако работодавецот, во согласност со условите утврдени со закон и општ колективен договор не одлучи работникот да остане во работен однос.

Од наведената одредба произлегува дека Законот го овластува работодавецот да може да одлучува работникот да остане на работа и по исполнувањето на условите за пензија, при што работодавецот е должен да ги почитува условите што за ваквите случаи се утврдени со закон и општ колективен договор.

Со оглед на тоа што, во конкретниов случај, утврдувајќи ги условите кога работникот може да продолжи со работа , и по исполнувањето на условите за остварување правото на пензија, работодавецот се движел во рамки на законски предвидените услови, Судот оцени дека оспорениот договор е согласен со Законот за работни односи и Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Понатаму, Судот на седницата утврди дека оспорениот член 67 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната смоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност бил предмет на оценка пред Судот и дека со решение У.бр.136/94 од 21 декември 1994 година не повел постапка за оценување на неговата уставност и законитост.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што за одредбата од член 67 од Општиот колективен договор Судот не повел постапка за оценување нејзината уставност и законитост, а не наоѓа основа за поинакво одлучување, одлучи како во точкатата 3 од ова решение.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.(У.бр.232/96)