23/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 мај 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за јазиците на кои се изведува наставата на Педагошкиот факултет “Св. Климент Охридски” во Скопје (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/97).

2. Ова решение да се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. На Уставниот суд на Република Македонија му се поднесени иницијативи од Андреа Стојковски и Гоце Наумовски, двајцата од Скопје, ВМРО-Демократска партија за Македонско национално единство – Комисија за образование и физичка култура, Томислав Стојановски од Тетово, Ѓорѓи Илиевски, педагог од Дебар, Сојузот на студенти на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј”-Скопје, Светскиот Македонски конгрес и Сојузот на студенти при Педаготшкиот факултет “Св.Климент Охридски” во Скопје, со осумнаесет потписници за поведување постапка за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што не бил во согласност со дефиницијата на Република Македонија изразена во Преамбулата на Уставот на Република Македонија, со член 7 и член 48 од Уставот на Република Македонија.

Како причина за оспорување иницијаторите Андреа Стојковски и Гоце Наумовски наведуваат дека оспорениот закон претставувал “флагрантно кршење” на решенијата содржани во Уставот на Република Македонија, особено на дефиницијата на Република Македонија изразена во Преамбулата на Уставот на Република Македонија, на членот 7 и на член 48 став 4 од Уставот.

Преамбулата на Уставот и членовите 7 и 48 од Уставот биле јасни и прецизни и не оставале можност за поинакво толкување. Оспорениот закон не бил во согласност со означените одредби од Уставот и водел кон легализирање на таканаречениот “Тетовски универзитет”, сега веќе како дел од Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” во Скопје, воведување повеќе јазичност во Универзитетот и најсериозната последица – федерализација на Република Македонија.

Во членот 7 од Уставот било предвидено дека во Република Македонија службен јазик бил македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Во единиците на локалната самоуправа, во кои како мнозинство живеат припадниците на националностите, во службена употреба покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, биле и јазикот и писмото на националностите на начин утврден со закон. Меѓутоа, со Законот за локалната самоуправа и со Законот за територијална поделба, ниту Универзитетот “Св.Кирил и Методиј”, ниту Педагошкиот факултет во Скопје, не биле утврдени како единици на локалната самоуправа, со што била исклучена можноста за примена на овој член од Уставот како уставна основа на оспорениот закон.

Според член 48 став 4 од Уставот припадниците на националностите имале право на настава на својот јазик во основното и средното образование, на начин утврден со закон. Во училиштата во кои образованието се одвивало на јазикот на националностите, задолжително се изучувал и македонскиот јазик. Меѓутоа, оспорениот закон, така како што бил формулиран, создавал правни претпоставки за натамошно донесување на слични акти, со што ќе се воведело повеќејазичност во високото образование, што всушност претставувало остварување на идејата за универзитет на албански јазик во Тетово.

ВМРО-Демократска партија за Македонско национално единство го оспорува членот 1 и членот 2 од Законот, затоа што не биле во согласност со член 48 став 4 и член 7 став 1 од Уставот. Уставот бил јасен, прецизен и недвосмислен дека припадниците на националностите кои живееле во Република Македонија имаат право на настава на својот јазик само во основното и средното образование, а со оспорените одредби ова право се давало и во предучилишното воспитување и во високото образование, конкретно на Педагошкиот факултет во Скопје.

Оспорените одредби не биле во согласност со член 7 став 1 затоа што во Република Македонија службен јазик бил македонскиот јазик и неговото кирислко писмо, а со изведувањето на настава на Педагошкиот факултет во Скопје и на јазикот на припадниците на националностите и тој јазик станувал службен јазик во Република Македонија.

Оспорените одредби од Законот не биле во согласност и со член 51 од Уставот, затоа што во Република Македонија законите морало да бидат во согласност со Уставот, што не било случај со овој Закон.

Според наводите во иницијативата на Томислав Стојановски Законот не бил во согласност со член 7 став 1 затоа што го повредувал уставниот принцип дека во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Оспорениот закон овозможувал јазикот на припадниците на националностите да се применува на целата територија на Република Македонија како и употребата на тој јазик на сите факултети.

Законот не бил во согласност и со член 46 од Уставот, затоа што ја повредувал автономијата на Универзитетот чие основање и вршење на дејноста се уредувале со Закон за високо образование.

Причините за оспорување на Законот наведени во иницијативите на Ѓорѓи Илиевски, на Сојузот на студентите на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј”, на Светскиот Македонски конгрес и на Сојузот на студентите при Педагошкиот факултет “Св.Климент Охридски” во Скопје се идентични со причините како во предходните иницијативи.

4. Судот на седницата, по претходно одржана подготвителна седница, утврди дека според член 1 од Законот на Педагошкиот факултет “Св.Климент Охридски” во Скопје, наставата на студисксите групи за предучилишно воспитување и за одделенска настава, се изведува на македонски јазик и на јазиците на националностите.

Во членот 2 од Законот е предвидено дека на Педагошкиот факултет во Скопје, наставата на јазиците на националностите се изведува по наставните предметни содржини во наставните планови и програми, освен по предметите што се однесуваат на македонскиот јазик со културата на изразувањето и на историјата, кои се изведуваат на македонски јазик.

Според член 3 од Законот, за наставните предмети за кои по објавувањето на конкурс ќе се утврди дека за изведување настава на јазиците на националностите не постои наставен кадар кој ги исполнува условите предвидени со Законот за насоченото образование, до изборот на соодветен кадар, за изведување настава на јазиците на националностите може да се ангажираат соодветни наставници од постојните високообразовни установи. Со ставот 2 на овој член е предвидено дека доколку не се обезбеди соодветен наставен кадар, согласно став 1 на овој член, за изведување настава на јазиците на националностите може да се ангажираат и соодветни кадри со научен степен доктор на науки или со академски степен магистер по науки од постојните научни и други установи и институции. Според ставот 3 на овој член, за предметите за кои се ангажирани соодветни кадри согласно со ставовите 1 и 2 на овој член Педагошкиот факултет во Скопје е должен на секои шест месеци да објавува конкурс за избор на наставник.

Со членот 4 од Законот е предвидено дека доколку согласно член 3 од овој закон не може да се обезбеди соодветен наставен кадар за изведување настава на јазиците на националностите, до неговото обезбедување наставата ќе се изведува на македонски јазик.

Според член 5 од Законот, до донесување на нормативи и стандарди за изведување на настава на високообразовните установи, на Педагошкиот факултет во Скопје наставата ќе се изведува на јазиците на националностите, доколку во прва година ќе се запишат најмалку 20 студенти, припадници на соодветната националност, а според ставот 2 на овој член, по исклучок од став 1 на овој член, настава на јазиците на националностите може да се изведува и со помал број студенти, за што е потребно да се добие согласност од Министерството за образование и физичка култура.

Во членот 6 од Законот е предвидено дека затекнатите наставници и ангажирани високо-стручни кадри за изведување настава на јазиците на националностите, кои не ги исполнуваат условите утврдени со Законот за насоченото образование за наставник на високообразовна установа продложуваат со работа на Педагошкиот факултет во Скопје до 31 декември 2002 година до кога се должни да ги исполнат законските услови.

И на крајот, според член 7 Законот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

5. Според член 1 став 1 од Уставот на Република Македонија, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, а според ставот 2 на овој член, суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив. Кон овие белези на државата во Преамбулата на Уставот е даден и граѓанскиот карактер на државата.

Преамбулата на Уставот има за цел да го назначи историскиот континуитет на државата, дека Република Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија. Во делот на Преамбулата кој ги определува целите на донесувањето на Уставот во поглед на националностите се утврдуваат и целите да се гарантираат човековите права, граѓанските слободи и националната рамноправност, како и да се обезбеди мир и сожителство на македонскиот народ со националностите кои живеат во Република Македонија.

Ваквиот карактер на државата Република Македонија претпоставува и одредени принципи, меѓу другото, суверенитетот на човекот и граѓанинот, постоење на заштитени слободи и права на човекот и правото на малцинствата да се изрази со сите права како и мнозинството и претставува основа за одредбите на Уставот.

Несомнено како еден од белезите на државноста е и службениот јазик на државата.

Со член 7 став 1 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Според ставот 2 на овој член, во единиците на локалната самоуправа во кои како мнозинство живеат припадниците на националностите, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, се и јазикот и писмото на националностите на начин утврден со закон, а според ставот 3 на овој член, во единиците на локалната самоуправа во кои како значителен број живеат припадниците на националностите, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, се и јазикот и писмото на националностите, под условите и на начин утврдени со закон.

Поаѓајќи од уставното решение содржано во членот 7 не е спорно дека со него прецизно е утврден статусот на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како јазик во службена и јавна употреба во Република Македонија. Исто така, поаѓајќи од оваа уставна одредба, како и од Законот за локалната самоуправа, не е спорно дека употребата на јазикот на припадниците на националностите, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, се предвидува само во единиците на локалната самоуправа, исто како јазик во службена и јавна употреба, што значи дека во соодветните единици на локалната самоуправа актите што се донесуваат треба да бидат на македонски јазик и на јазикот на националностите. Меѓутоа, се поставува прашање дали територијалната – локалната ограниченост на употребата на јазикот и писмото на националностите може да се однесува и во сферата на образованието. Со други зборови дали изведувањето настава на Педагошкиот факултет на определени студиски групи на јазикот на припадниците на националностите може да се смета како употреба на тој јазик во смисла на оваа уставна одредба и дали со тоа се повредува утврдениот уставен принцип дека во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Поаѓајќи од сваќањето за службената употреба на јазикот и писмото на националностите Судот смета дека правото на образование на припадниците на националностите на својот јазик е одвоено прашање од употребата на нивниот јазик како службен јазик во Република Македонија. Според тоа, Судот смета дека оспорениот закон не уредува прашања за службената употреба, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, и на јазикот и писмото на припадниците на националностите, туку уредува одделни прашања од комплексот на образование на припадниците на националностите поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со член 7 од Уставот. Оттука се поставува прашањето дали оспорениот закон има своја основа во уставните гаранции за правото на образование на припадниците на националностите на својот јазик.

Според член 8 од Уставот темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се, меѓу другото, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и слободното изразување на националната припадност.

Со членот 44 од Уставот е предвидено дека секој има право на образование. Според ставот 2 на овој член, образованието е достапно на секого под еднакви услови, а според ставот 3, основното образование е задолжително и бесплатно.

Инаку, правото на настава на јазикот на припадниците на националностите, според Уставот е основно право на човекот и граѓанинот и припаѓа во културните права. Така, со член 48 став 1 од Уставот е предвидено дека припадниците на националностите имаат право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и националните особености. Според ставот 4 на овој член, припадниците на националностите имаат право на настава на својот јазик во основното и средното образование, на начин утврден со закон. Во училиштата во кои образованието се одвива на јазикот на националноста, се изучува и македонскиот јазик.

Од наведените уставни одредби произлегува дека за постоењето на некоја слобода или некое право на човекот и граѓанинот, потребно е тие да се признати со Уставот или Уставот да упатува на нивно уредување со закон или тие да не се забранети со Уставот и со закон, како и ако се признати во меѓународото право. За припадниците на националностите тоа е право на поединецот на образование на својот јазик на територијата на целата Република и како такво не е поврзано со прашањето за употребата на јазиците на припадниците на националностите во единиците на локалната самоуправа.

Поаѓајќи од оспорениот закон дека наставата на Педагошкиот факултет се изведува на јазиците на националностите на студиските групи за предучилишно воспитување и за одделенска настава по наставните планови и програми, освен за предметите што се однесуваат на македонскиот јазик со култура на изразувањето и на историјата, кои се изведуваат на македонски јазик, тоа значи дека наставата на јазикот на националностите се изведува по стручни наставни дисциплини и како такви претставуваат битен елемент за едуцирање на наставниот кадар. Освен тоа по својата содржина тие предмети се и специфични во однос на другите предмети, со сложена стручна терминологија, па оттука произлегува и потребата студентите да ги слушаат на својот мајчин јазик за подобро нивно совладување и на тој начин да постигнат поголемо ниво на стручност и компетентност што ќе им овозможи квалитетно и стручно изведување на наставата на својот мајчин јазик во предучилишното и основното образование. Посебно што основното образование е задолжително и што овој образовен процес се одвива во јавни-државни институции, според мислењето на Судот државата е должна да преземе мерки низ образовниот процес за остварување на ова право. Според мислењето на Судот тоа не значи воспоставување право на припадниците на националностите на високо образование на нивниот јазик, односно проширување на уставно гарантираните права, туку остварување на уставната гаранција за правото на настава на својот јазик во основното и средното образование.

6. Според член 8 алинеја 1 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот.

Со член 118 од Уставот е предвидено дека меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок, што значи дека Уставот прифаќа директна примена на меѓународните договори што се ратификувани, а не само нивна примена преку донесување на закон.

Во оваа смисла Судот ги имаше предвид меѓународните документи јшто се однесуваат на правата на припадниците на националностите на образование и на забраната за дискриминација во образованието како што се: Конвенцијата на УНЕСКО против дискриминацијата во образованието, донесена на 14 декември 1960 година, а стапила во сила на 22 мај 1962 година; Европската повелба за регионалните и малцинските јазици, донесена од Советот на Европа на 5 ноември 1992 година; Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, усвоена од Комитетот на министрите на Советот на Европа на 10 ноември 1994 година и ратификувана од нашата држава, како и Документот за човековата димензија на КЕБС во Копенхаген, донесен на 12 јуни 1990 година.

7. Со член 46 од Уставот на Универзитетот му се гарантира автономија. Според ставот 2 на овој член, условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, се уредува со закон.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот само ја гарантира автономијата на универитетот, а при тоа не ја дефинира нејзината содржина, што укажува дека треба да се дефинира со закон. Поаѓајќи од оваа уставна одредба, а имајќи ги предвид и универзалните вредности за автономијата на универзитетот, според мислењето на Судот оспорениот закон не ја повредува оваа уставна гаранција од причини што уредува прашање кое е во надлежност на државата, а не на универзитетот.

Врз основа на изнесеното, судот смета дека правото на образование на припадниците на националностите на својот јазик е одвоено од прашањето за употребата на нивниот јазик како службен јазик во Република Македонија. Потоа, основното образование е задолжително што значи дека припадниците на националностите имаат право на настава на својот јазик во основното и средното образование, а државата е должна да создаде услови низ образовниот процес да ја обезбеди оваа уставна гаранција. Исто така Судот смета дека оспорениот закон не ја повредува автономијата на универзитетот. Поради тоа Судот смета дека уставната основа за донесување на Законот претставуваат уставните гаранции за правото на припадниците на националностите на образование на својот јазик во основното и средното образование, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означените уставни одредби.

Овие оценки на Судот наоѓаат своја потврда и во означените меѓународни документи.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.23/97)