230/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 13 март 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 8 став 2 и членот 47 во делот

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 20 став 1 во делот: „по претходна согласност од Владата на Република Македонија“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 8 став 2, дел од членот 20 став 1 и дел од членот 47 од Законот за Народната банка на Република Македонија означени во точките 1 и 2 од ова решение.

По цитирање на оспорените одредби од Законот за Народната банка на Република Македонија, членот 60 од Уставот и укажување на содржината на членовите 4 и 5 од истиот закон, подносителот на иницијативата наведува дека Народната банка е независна во остварувањето на функциите доверени со овој и друг закон. Оттаму, Народната банка и членовите на оргните надлежни за донесување на одлуки не барале и не добивале инструкции од органите на државната управа. Ова од причина што Народната банка како правно лице, во целосна државна сопственост имала финансиска и административна самостојност, од каде произлегувало дека со оспорените одредби и делови од одредби од Законот не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 51, членот 60 и членот 91 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека, според членот 8 став 2 од Законот, за зголемување на основниот капитал на Народната банка потребна е претходна согласност од Владата на Република Македонија.

Според членот 20 став 1 од Законот, Народната банка, по претходна согласност на Владата на Република Македонија, ја утврдува политиката на девизниот курс на денарот.

Во членот 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Народната банка на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2003 од 31 јули 2003 година) е предвидено дека во членот 20 став 1 зборовите: „по претходна согласност од Владата на Република Македонија“ и запирката се бришат. Наведениот закон влегол во сила на 8 август 2003 година.

Според членот 47 од Законот, Народна банка, во согласност со Владата на Република Македонија, го утврдува најнискиот апоен во прометот со кој се заокружува крајната пресметка во готовинскиот и безготовинскиот платен промет, како и во деловните книги.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 60 од Уставот, Народната банка на Република Македонија е емисиона банка (став 1). Народната банка на Република Македонија е самостојна и одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањата во Републиката и кон странство (став 2). Организацијата и работата на Народната банка се уредуваат со закон (став 3).

Во III дел од Уставот кој се однесува на „Организацијата на државната власт“, со членот 61 е определено дека Собранието на Република Македонија е носител на законодавната власт на Републиката.

Во членот 68 од Уставот се утврдени надлежностите на Собранието на Република Македонија, во кои е и донесувањето на закони и донесувањето на републичкиот буџет и завршната сметка на буџетот.

Според членот 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт и своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Во членот 91 од Уставот се утврдени надлежностите на Владата на Република Македонија, во кои, меѓу другото е определено дека ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, предлага закони, републички буџет и други прописи што ги донесува Собранието.

Според членот 5 од Законот за Народната банка на Република Македонија, Народната банка е правно лице, во целосна државна сопственост со финансиска и административна самостојност, а според членот 7 став 1 од Законот, капиталот на Народната банка се состои од основен капитал и резерви.

Според член 8 став 1 од Законот за Народната банка на Република Македонија, основниот капитал на Народната банка на 31 декември 2002 година изнесува 1.289.789.232,00 денари и може да се зголемува со распоредување на нето добивката. Ставот 2 од истиот член од Законот е предмет на оспорување со иницијативата.

Според членот 9 од Законот, резервите на Народна банка се формираат и користат на начин утврден со овој закон.

Тргнувајќи од анализа на содржината на напред наведените уставни и законски одредби, јасно произлегува дека банкарскиот систем е еден од фундаменталните столбови на државата, во кој посебно место, според Уставот, има Народната банка на Република Македонија, како самостојна и одговорна банка за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањата во Републиката и кон странство чија организацијата и работата се уредуваат со закон. Притоа, капиталот на Народната банка, како банка во целосна државна сопственост со финансиска и административна самостојност се состои од основен капитал и резерви.

Основниот капитал на Народната банка на 31 декември 2002 година и денес изнесува 1.289.789.232,00 денари и може да се зголемува со распоредување на нето добивката, при што, според оспорениот член 8 став 2 од Законот, за зголемување на основниот капитал на Народната банка потребна е претходна согласност од Владата на Република Македонија.

На денот на влегувањето во сила на основниот Закон за Народната банка на Република Македонија (23 јануари 2002 година) основниот капитал на Народната банка, како законски одредена категорија изнесувал 1.254.717.815,50 денари.

Оттаму, произлегува дека основниот капитал, како фиксна големина не подлежи на едноставни промени, туку до таква промена доаѓа по претходно прибавена согласност од Владата на Република Македонија, по што следи процедура за донесување на закон, од каде произлегува дека е невозможно самоиницијативно, надвор од законски предвидена процедура зголемување на основниот капитал.

Исто така, од значење е околноста што основниот капитал на Народната банка, како државна банка, единствено може да се зголеми од државни средства или поточно од средствата на државниот буџет, кој пак, го предлага Владата на Република Македонија (член 91 алинеја 2 од Уставот), а го донесува Собранието на Република Македонија (член 68 алинеја 4 од Уставот).

Според тоа, со оспорениот член 8 став 2 од Законот, Собранието на Република Македонија ја овластило Владата на Република Македонија да даде претходна согласност за зголемување на основниот капитал на Народната банка на Република Македонија, како фиксна големина што е присутна и секогаш проектирана во Буџетот на Републиката, што е во согласност со уставниот принцип на владеењето на правото и уставната поставеност на Собранието, Владата и Народната банка, како независни, со посебни надлежности, меѓусебно координирани органи.

По однос на законското решение за добивање согласност од Владата на Република Македонија за утврдување на најнискиот апоен во прометот со кој се заокружува крајната пресметка во готови-нскиот и безготовинскиот платен промет, како и во деловните книги предвидено во оспорениот член 47 од Законот, Судот оцени дека со ништо не ги повредува уставните одредби на кои се повикува иницијативата.

Имено, имајќи предвид дека заокружување на крајната пресметка во готовинскиот и безготовинскиот промет, како и пресметка во деловните книги се врши на дневна основа, произлегува дека станува збор за генерална согласност на Владата на Република Македонија дадена на Народната банка на Република Македонија, што всушност е прашање од технички карактер, бидејќи не е поврзано со емисијата на пари и не ја доведува во прашање основната функција на Народната банка, како единствена емисиона банка. Се разбира, во случај на настанување на околности кои би влијаеле на заокру-жувањето на крајната пресметка дека така дадената согласност би претрпела промени што повторно, не ја доведува во прашање уставната положба на Народната банка утврдена во членот 60 од Уставот.

Тргнувајќи од наведеното, според оцена на Судот, оспорениот член 8 став 2 и оспорениот член 47 од Законот се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 60 од Уставот на Република Македонија.

6. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што со иницијативата се бара оценување на уставноста на дел од законска одредба, која повеќе не е во правниот поредок на Република Македонија, според оцена на Судот во случајов се исполнети процесните услови за примена на цитираната деловничка одредба.

Имено, ова од причина што во членот 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Народната банка на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2003 од 31 јули 2003 година) е предвидено дека во членот 20 став 1 зборовите: „по претходна согласност од Владата на Република Македонија“ (оспорениот дел) и запирката се бришат. Наведениот закон влегол во сила на 8 август 2003 година.

Оттука, со оглед на фактот дека оспорениот дел од членот 20 став 1 од Законот повеќе не е дел од правниот поредок, постојат процесни пречки за одлучување.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа­те­лот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.230/2007
13 март 2008 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски