Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 јануари 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 154 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 14/95, 71/96 и 32/97).
2. Атанас Ристески од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 154 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба од Законот, правото на вработување на пензионерите се условувало со престанок на исплатата на пензијата, со што се ограничувало правото на работа и правото на социјална сигурност и социјално осигурување и се повредувало начелото на социјална правичност, што не било во согласност со членовите 32 и 35 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 154 од Законот, на корисник на пензија додека е во работен однос или додека врши дејност во Републиката или во странство му се запира исплатата на пензија.
Исто така, Судот утврди дека по поднесена иницијатива од Светозар Георгиевски од Скопје веќе ја оценувал уставноста на овој член од Законот и со Решение У.бр.10/97 од 26 февруари 1997 година не поведе постапка за оценување на неговата уставност со образложение дека како услов за остварување на правото на лична пензија е престанокот на работниот однос односно престанок на другите основи за остварување на средства за живот и тоа осигурување претставува всушност обезбедување на социјална сигурност на граѓаните по престанокот на работниот однос или по престанокот на вршење дејност или на друг со закон предвиден начин за обезбедување средства за живот. Според мислењето на Судот заради обезбедување на начелото на социјалната праведност не постои уставна пречка со закон да се предвиди на лицата кои на друг начин ја обезбедуваат својата социјална сигурност, по стекнувањето право на лична пензија, а не со користење на пензијата, привремено да им мирува користењето на пензијата. При тоа, со привременото ограничување на правото на користење на пензијата, не се задира во веќе стекнатите права, што значи дека тие ниту се оттуѓуваат ниту се одземаат, туку, како што предвидел и самиот Закон во член 6 став 3 привремено се ограничува нивното користење во случаи предвидени со закон.
Судот, исто така, утврди дека постапувајќи по иницијатива на Михаило Симоновски од Битола, со Решение У.бр.42/97 од 12 март 1997 година, ја отфрлил иницијативата за оценување уставноста на член 154 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со оглед на тоа што Судот веќе ја оценувал уставноста на овој член од Законот и не нашол основ за поинакво одлучување.
4. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Тргнувајќи од тоа дека во наводите на иницијативата не се изнесуваат нови факти или околности кои не му биле познати на Уставниот суд во одлучувањето по предметот У.бр.10/97, Судот не најде основ за поинакво одлучување, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 229/98)