225/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 февруари 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на

а) уставноста на член 55 став 2 алинеја 5 од Законот за здравствено осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 25/2000, 34/2000, исправка 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003 и 84/2005) и

б) согласноста на член 55 став 2 алинеја 5 од Законот за здравствено осигурување со членовите 11 став 1 алинеја 8, 108, 118 и 144 – 160 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004 и 84/2005).

2. Фармацевтската комора на Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 11 став 1 алинеја 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.84/2005), а во суштина се работи за член 55 став 2 алинеја 5 од Законот за здравствено осигурување означен во точката 1-а од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одредба не била во согласност со член 39 став 1 од Уставот и не била во согласност со членовите 11 став 1 алинеја 8, член 108, член 118 и членовите 144 – 160 од Законот за здравствена заштита.

Ова затоа што со оспорената одредба од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување на Фармацевтската комора и се одземало правото на рамноправна застапеност во Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување. Имено фармацевтската комора на Македонија се ставала во нерамноправна положба во однос на другите две комори од областа на здравството, затоа што во работата и донесувањето на одлуките од страна на Управниот одбор на Фондот за остварување на правата на осигурениците од областа на здравството целосно се исклучува еден сегмент од здравствената заштита – фармацијата.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека оспорениот член не бил во согласност со Законот за здравствена заштита имајќи предвид дека со Законот за здравствена заштита е дефирнирано и регулирано уставното право на здравствена заштита на граѓаните, кое меѓу другото, го опфаќа и правото на лекови, помошни материјали кои служат за примена на лековите и санитетски материјал потребен за лекување според листата на лекови што ја утврдува Министерството за здравство.

3. Судот на седницата утврди дека Според член 53 од Законот за здравствено осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002 и 31/2003) за спроведување на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување се основа Фонд за здравствено осигурување. Фондот врши дејност од јавен интерес и врши јавни оваластувања утврдени со овој закон.

Во членот 54 од наведениот закон е определен делокругот на работата на Фондот за здравствено осигурување со таксативно набројување на правата, обврските, одговорностите во спроведувањето на задолжителното здравствено осигурување.

Според член 55 став 1 од Законот, со Фондот управува Управен одбор.

Според став 2 на член 55 од Законот Управниот одбор се состои од 13 члена кои ги именува Собранието на Република Македонија за време од две години и тоа: шест претставници на осигурениците, двајца претставници од работодавците, тројца претставници од здравствените установи на предлог на коморите од областа на здравството, еден претставник од Министерството за здравство и еден претставник од Министерството за финансии.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.84/2005) односно со оспорениот член 11 се менува членот 55 став 2.

Според овој член Управниот одбор се состои од 7 члена кои ги именува и разрешува Владата на Република Македонија за време од четири години и тоа: еден претставник предлага Министерството за здравство, еден претставник предлага Министерството за финансии, еден претставник предлага Сојузот на синдикатите на Македонија, еден претставник предлага Стопанската комора, еден претставник предлага Лекарската комора на Македонија и Стоматолошката комора на Македонија, еден претставник предложен од Здружението на пензионери и еден претставник на осигурениците предлага Здружението на потрошувачите.

Од анализата на Законот за здравствено осигурување произлегува дека во Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување до донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување, Лекарската, Стоматолошката и Фармацевтската комора предлагале тројца претставници од здравствените установи, а со измените на Законот, Лекарската и Стоматолошката комора предлагаат еден заеднички претставник за член во Управниот одбор во Фондот за здравствено осигурување, односно Фарамацевтската комора не учествува во предлагањето на кандидати за претставници во Управниот одбор односно заеднички претставник имаат само Лекарската и Стоматолошката комора.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи ја предвид наведената одредба од Уставот со која е утврдена надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија, содржината на оспорениот член како и наводите во иницијативата произлегува дека со неа се бара Судот да ја оцени уставноста на член 55 став 2 алинеја 5 не затоа што содржи норма која не е во согласност со Уставот, туку затоа што содржината на нормата не е таква што според подносителот би требало да биде.

Оттука, тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд, Судот оцени дека барањето во иницијативата излегува надвор од рамките на неговата наделжност, па согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд постојат процесни пречки за постапување по барањето, поради што одлучи како во точката 1-а од ова решение.

5. Воедно, Судот оцени дека имајќи ја предвид уставната одредба од член 110 и деловничката одредба од член 28 алинеја 1 иницијативата треба да биде отфрлена и по однос на барањето за оценување на согласноста на оспорениот член од Законот за здравствено осигурување со одделните одредби од Законот за здравствена заштита, поради што одлучи како во точката 1-б од ова решение.

6. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.225/2005
22 февруари 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова