У.бр.225/1999

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” У.бр.70/92), на седницата одржана на 29 декември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 77 став 3 и член 78 став 2 од Законот за шумите (“Слу-жбен весник на РМ” бр.47/97).

2. Славко Петров – адвокат од Велес, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на членовите 77 став 3 и 78 став 2 од законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите од иницијативата оспорените одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот на Република Македонија . Имено имајќи ги предвид утврдените уставни одредби произлегува дека одземањето на сопственост може да уследи само кога е тоа во јавен интерес утвредн со закон и дека мерката на безбедност не може да има функција на казна која сторителот ќе ја погоди потешко отколку предвидената казна за соодветниот сторен прекршок.

Правната заштита на сопственоста и јавниот интерес утврден со закон, за тоа кога истата може да се одземе или ограничи е обезбедена во Кривичниот законик и Законот за прекршоци каде во одредбите на мерките за безбедност е предвидено и одземањето на предметите со кои е извршен прекршокот или тие кои произлегле од прекршокот.

Смислата на одредбата од Законот за прекршоци и Кривичниот законик со кој се одредуваат мерките на безбедност е заштита што на јавниот интерес, односно заштитното добро.

3. Судот на седницата утврди дека во член 77 став 3 од Законот е предвидено “за сторен прекршок од став 1 на овој член покрај паричната казна се изрекува и мерка на безбедност одземање на предметите употребени или наменети за извршување на прекршокот, како и бесправно прибавените предмети кои настанале со извршување на прекршокот”.

Во член 78 став 2 е предвидено дека “за сторен прекршок од точките 8 и 9 (продава или препродава исечени дрва кои потекнуваат од шума во државна сопственост или без одобрение врши продажба на дрво; врши преработка или откуп на дрво кое не е жигосано или снабдено со испратница) од став 1 на овој член покрај прекршочна казна се изрекува и заштитна мерка одземање на предмети употребени или наменети за извршување на прекршокот, како и бесправно прибавените предмети кои настанале со извршување на прекршокот.

4. Исто така Судот утврди дека Уставниот суд на Република Македонија по предметот У.бр.207/98 со решение од 20 декември 1998 година не повел постапка за оценување уставноста, покрај другото и за членовите 77 и 78 од Законот за шумите, со образложение дека право е на Републиката со закон да ги определи казнивите дела и казните за нив.

Притоа Судот смета дека со предвидувањето на мерка на безбедност одземање на предмети употребени или наменети за извршување на прекршокот не се повредува уставната гаранција за правото на сопственост и правната заштита на сопственоста.

Со оглед на тоа што Судот по оспорените членови веќе одлучувал, а по повод на новата иницијатива не наоѓа основ за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.225/99
29 декември година
С к о п ј е
ат.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков