225/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 24 декември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

2/2
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Начелниот став бр-1/96, на Врховниот суд на Република Македонија донесен на општата седница одржана на 17 јуни 1996 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Васко Костески од Битола му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со начелниот став Врховниот суд ги пречекорил овластувањата утврдени во член 35 став 1 од Законот за судовите и член 98 став 2 од Уставот и ги нарушил темелните вредности на уставниот поредок утврден во член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот.

3. На седницата Судот утврди дека според начелниот став надомест на штетата што работникот ја трпи поради незаконитиот акт или незаконитото дејствие на работодавецот, со кое е отстранет од работното место и работните задачи што ги извршувал, се определува во височина на заработувачката што би ја остварил да не бил отстранет, поаѓајќи од исплатените плати кај работодавецот на тоа или соодветно работно место и работни задачи.

Работникот има право да бара надомест на штетата, определен според претходниот став, да се зголеми за процентот на порастот на трошоците за живот, сметано од исплатата на секоја месечна плата кај работодавецот до денот на поднесувањето на барањето за надомест на штетата.

Обврската за надомест на штетата стасува по правосилноста на одлуката со која се поништува незаконитиот акт, односно со која се утврдува незаконитоста на дејствието на работодавецот и тоа од денот кога работникот поднел барање за исплата на надоместот. Од тој ден работникот има право и на законска затезна камата.

4. Согласно член 101 од Уставот на Република Македонија Врховниот суд како највисок суд во Републиката обезбедува единство во примената на законите од страна на судовите при што согласно член 35 алинеја 1 од Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија бр.36/95) Врховниот суд на општа седница утврдува начелни ставови и начелни правни мислења по прашања од значење за обезбедување на единство во примената на законите од страна на судовите.

Од наведените одредби од Уставот и законот произлегува дека начелните ставови и правни мислења всушност претставуваат облик на општење меѓу судовите со кој се обезбедува единство во примената на законите. Притоа, Врховниот суд ниту со Уставот ниту со законот не е овластен да донесува прописи со кои на општ начин се уредуваат правни односи, туку тој е овластен да донесува само акти со кои ќе влијае на начинот на примена на законите во повеќе исти или слични случаи од страна на надлежните судови.

Со оглед на тоа што оспорениот начелен став на Врховниот суд, не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, туку со него се обезбедува единство во примената на законите од страна на судовите, Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува неговата согласност со Уставот и со закон, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.225/97)