22/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 мај 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за Урбана единица 4 – Запад – Струга бр.07-1127/6 од 3 јули 2004 година донесена од Советот на општина Струга (“Службен гласник на општина Струга” бр.38/2004).

2. Јаковче Матлиевски од Струга на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената Одлука била во спротивност со одредбите од членот 8 став 1 алинеја 3, 6 и 10 од Уставот на Република Македонија, кои се однесувале на начелото на владеење на правото, правната заштита на сопственоста и уредувањето и хуманизацијата на просторот, заштитата и унапредувањето на животната средина. Оспорената одлука била во несогласност и со одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање, бидејќи било пристапено кон измени и дополнувања на планот пред истекот на пет години од неговото донесување во 2003 година. Воедно, постапката на измените и дополнувањата на планот не била спроведена според законот, бидејќи немало јавна анкета меѓу граѓаните за содржините на планот и целите на планот биле за остварување на индивидуални интереси, а не за јавен интерес.

Со иницијативата се бара Судот да донесе времена мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени врз основа на оспорениот план.

3. Судот на седницата утврди дека со Одлука У.бр.192/2004 од 2 март 2005 година Уставниот суд на Република Македонија ја укинал Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за Урбана единица 4 – Запад-Струга, бр.07-1127/6 од 3 јули 2004 година донесена од Советот на општина Струга (“Службен гласник на општина Струга” бр.38/2004), која и сега е оспорена со иницијатива пред овој Суд. При одлучувањето по овој предмет Судот ја оценувал уставноста и законитоста на оспорената одлука од аспект на постапката за нејзино донесување според одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/1977, 8/1980, 51/1988, 10/1990 и 62/1993) и утврдил дека при донесувањето на планот не било прибавено мислење од органот надлежен за заштита на природните реткости во однос на Охридското Езеро односно неговите води кои се споменици на природата, па поради тоа оспорената одлука не била во согласност со членот 9 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро и членот 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија.

Според членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што во случајов оспорената одлука е укината и не постои во правниот поредок, Судот утврди дека постојат процесни пречки согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот да одлучува по иницијативата.

4. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.22/2005
11 мај 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова