22/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 октомври 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на РМ” бр.24/2000).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 10, 27 и 29 од Законот означен во точката 2 од ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 53 од Статутот на Фондот за пензиското и инвалидското осигирување на Македонија (“Службен весник на РМ” бр.50/94, 34/95 и 46/99).

4. Здружението на пензионерите Карпош од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означени во точката 1 и 2 од ова решение, како и за оценување уставноста и законитоста на членот 53 од Статутот означен во точката 3 од ова решение.

Во иницијативата најпрво се наведува дека во Законот за
пензиското и инвалидското осигурување, покрај утврдувањето на услови за стекнување право на пензија се регулирани и прашањата за најнискиот износ на пензија и за усогласување на старосната пензија. Потоа се наведува дека на овој закон се правени неколку изменувања и дополнувања и во повеќето од нив се менувала и регулативата за најнискиот износ на старосната пензија и начинот на усогласување на старосната пензија при што генерално сите изменувања на Законот, вклучувајќи ги и оспорените членови од Законот, биле рестриктивни, односно насочени кон неповолни услови и кон понатамошно ограничување на правата на корисниците на пензија, што било спротивно на членовите 34 и 35 од Уставот.

Во иницијативата, како аргумент за неуставноста на оспорените членови од Законот се наведува и тоа дека тие меѓусебно биле спротивни затоа што во нив едно исто прашање се регулирало на различен начин, како на пример усогласувањето на пензиите еднаш се врзувало со просекот на платите на сите вработени во Републиката, а друг пат за просекот на платите во нестопанството. Во таа смисла се истакнува дека меѓусебна несогласност постоела на член 8 со член 27 и членот 10 со член 29 од Законот.

Членот 53 од Статутот се оспорува бидејќи уредувал прашање што требало да биде регулирано со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, а не со статутот.

5. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 8 од Законот всушност се врши измена на дотогашниот член 34 од Законот и тој гласи:

“Најнизок износ на старосната пензија остварена од задолжителното пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност и пензијата остварена од задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување не може да изнесува помалку од утврдената просечна плата на сите вработени во Република Македонија во 2000 година и тоа:
– за корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж над 35 години (маж), односно над 30 години (жена), во висина од 41%;
– за корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж над 25 години (маж), односно 20 години (жена), во висина од 38% и
– за корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж до 25 години (маж, односно до 20 години (жена), во висина од 35%.

Пензијата од став 1 на овој член се усогласува со процентот со кој се усогласуваат другите пензии.”

Со оспорениот член 10 од Законот се менува дотогашниот член 37 кој гласи:

“Усогласувањето на старосната пензија се врши според движењето на индексот на трошоците на живот во висина од 80% и движењето на просечно исплатената нето плата на сите вработени во Република Македонија во висина од 20%.

Пензијата од став 1 на овој член се усогласува од 1 јануари и од 1 јули секоја година според процентот кој се добива како збир на движењето на индексот на трошоците на животот во претходното полугодие и процентот на движењето на просечно исплатената него плата на сите вработени во Република Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи.

Заради примена на став 1 од овој член пензијата остварена во тековната година претходно се сведува во месечен износ според порастот на платите од декември претходната година во однос на просечната плата од истата година.

Според оспорениот член 27 од Законот до престанувањето на важењето на Законот за исплата на платите во Република Македонија најнискиот износ на старосна пензија се определува од просечната плата остварена во нестопанството во Републиката во претходната година и тоа:

– за корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж над 35 години (маж), односно над 30 години (жена), во висина од 40%;
– за корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж над 25 години (маж), односно до 20 години(жена), во висина од 37% и
– за корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж до 25 години (маж), односно до 20 години (жена), во висина од 34%.

По престанување на важењето на Законот за исплата на платите во Република Македонија, а пред 1 септември 2001 година, најнискиот износ на старосна пензија од став 1 на овој член ќе се исплаќа во висина на износот што се исплаќал до денот на престанување на важењето на Законот за исплата на платите во Република Македонија.

Определениот најнизок износ на старосна пензија од ставовите 1 и 2 на овој член повторно не се определува и понатаму се усогласува со процент со кој се усогласуваат и другите пензии.

Според оспорениот член 29 од Законот до престанување на важењето на Законот за исплата на платите во Република Македонија усогласувањето на старосната пензија се врши од 1 јануари и од 1 јули тековната година според движењето на просечната плата на вработените во нестопанството во Републиката, и тоа:

– од 1 јануари според движењето на просечната плата на вработените во нестопанството во Републиката, остварена во декември претходната година во однос на просечната плата во нестопанството, остварена во јуни истата година и

– од 1 јули според движењето на просечната плата на вработените во нестопанството во Републиката, остварена во декември претходната година.

Усогласувањето од став 1 на овој член се врши почнувајќи од исплатата на пензиите за јануари, односно јули тековната година.

Усогласувањето на старосната пензија се врши и во роковите пократки од времето предвидено во став 1 на овој член доколку растот, односно падот на платите, биде поголем од 5% за еден или повеќе месеци во однос на месецот за кој е извршено последното усогласување.

Усогласената пензија од став 3 на овој член припаѓа од првиот ден по месецот за кој е утврден порастот на платите.

Заради примена на став 1 на овој член пензијата остварена во тековната година претходно се усогласува според порастот на платите во јануари таа година во однос на целата претходна година.

Судот на седницата, исто така, утврди дека оспорените членови 10, 27 и 29 од Законот веќе ги оценувал по повод други иницијативи и притоа не повел постапка за оценување на нивната уставност.

Имено, Судот постапувајќи по предметот У.бр.65/2000 година, со Решение под наведениот број од 5 јули 2000 година не повел постапка за оценување уставноста на член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, а кој е изменет со членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот (“Службен весник на РМ” бр.34/2000), бидејќи утврдил дека со оспорениот член усогласувањето на пензиите е уредено на ист начин кој подеднакво се однесува за сите корисници на пензии и дека целта на усогласувањето според овој член е зголемување, а не намалување на пензиите преку што се обезбедува и повисоко ниво на социјална сигурност на оваа категорија граѓани.

Судот, со Решение У.бр.66/2002 од 2 октомври 2002 година, не повел постапка за оценување уставноста ниту на членовите 26, 27 и 29 од Законот, бидејќи во постапката по наведениот предмет оценил дека тоа што различни категории на осигуреници не остваруваат еднакви права односно немаат еднаква пензиска основа туку обемот на тие права и висината на пензиската основа и на основата за усогласување на пензиите зависи од повеќе елементи, не може да претставува основ за повреда на принципот на еднаквост.

Дали при тоа одделни пензионери кои стекнале право на пензија во различни периоди, кога важеле различни основи за валоризација на пензиската основа, биле доведени во понеповолна односно различна положба од други пензионери кои се пензионирале во некој претходен период кога важеле други критериуми за валоризација на пензиските примања, според мислењето на Судот е фактичко прашање, со оглед на тоа што станува збор за различни законски решенија кои додека важеле еднакво се однесувале на сите осигуреници.

6. Со членот 34 од Уставот е предвидено дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор, а според ставот 1 на членот 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 33 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, старосната пензија за осигурениците од членот 131 на овој закон се утврдува од пензиската основа во проценти определени зависно од должината на пензискиот стаж која за секоја година пензиски стаж изнесува 0,75% (маж), односно 0,86% (жена) од пензиската основа, а за пензиски стаж пократок од една година, а најмалку шест месеци изнесува 0,375%, односно 0,43% (жена) од пензиската основа.

Со ставот 2 на овој член се утврдуваат процентите за оние осигуреници кои доброволно ќе пристапат во новиот пензиски систем, а имале навршен пензиски стаж до 1 септември 2001 година, со тоа што на нив законодавецот им гарантира процент за определување на пензијата за секоја година исполнет стаж до 1 септември 2001 година 2,33% (маж) односно 2,60% (жена) од пензиската основа, а за секоја натамошна година пензиски стаж исполнет по 1 септември 2001 година, пензијата им се определува во висина од 0,75% (маж), односно 0,86% (жена), а за пензиски стаж
пократок од една година, а најмалку 6 месеци изнесува 0,375% (маж), односно 0,43% (жена) од пензиската основа.

Со овој член од Законот се определува начинот на пресметување на старосната пензија зависно од должината на пензискиот стаж и за разлика од досегашниот пензиски систем со овој член не се утврдува ограничување на процентот со кој се определува пензијата од пензиската основа.

Според тоа, најнискиот износ на пензија, кој според оспорениот член 8 и понатаму се определува во три групи и зависи од должината на навршениот пензиски стаж, останува, односно е задржан и во новиот пензиски систем и е во функција на обезбедување минимум на материјална и социјална сигурност на оние осигуреници чија што пензија определена според пензискиот стаж и процентите утврдени во членот 33 ќе биде помала од најнискиот износ на пензија определена според оспорениот член 8 од Законот..

Имајќи го предвид наведеното Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 8 од Законот со членовите 34 и 35 од Уставот, од чиј аспект се оспорува неговата уставност.

За разлика од членот 8, решението од членот 27 од Законот, според неговата содржина и карактер е преодна одредба и важи, односно се применува до престанување на важењето на Законот за исплата на платите во Република Македонија, а пред 1 септември 2001 година, од кога почнува да се применува оспорениот член 8 од Законот, односно изменетиот текст на член 34 од изворниот текст на Законот.

Со други зборови, улогата на оспорениот член 27 од Законот е во овој временски интервал да се обезбеди премин на новиот систем на определување на најнискиот износ на пензија согласно членот 8 од Законот, така што воопшто не станува збор за неусогласеност меѓу овие два члена од Законот, како што смета подносителот на иницијативата.

Со оспорениот член 10 од Законот, со кој всушност се менува дотогашниот член 37 од изворниот текст на Законот, законодавецот го напушта поранешното решение старосната пензија да се усогласува само со порастот на платите, но се определува за комбинирани критериуми и тоа усогласувањето на старосната пензија да се врши според движењето на индексот на трошоците на живот и движењето на просечно исплатената плата на сите вработени во Републиката.

Определбата на законодавецот за вакво решение во однос на усогласувањето на старосната, а и на другите пензии, според мислењето на Судот не може да се доведе во прашање од уставно правен аспект, поради што и оспорениот член 10 од Законот не е во несогласност со членовите од Уставот, во однос на кои во иницијативата се оспорува неговата уставност.

Оспорениот член 29 од Законот пак, во врска со кој се оспорува уставноста и на членот 10, а поради нивната меѓусебна неусогласеност, како што се тврди во иницијативата, според мислењето на Судот има истиот однос со овој член од Законот, како и членот 27 во однос на членот 8 од Законот.

Имено, и членот 29 од Законот во однос на член 10 претставува преодна одредба, со која законодавецот утврдил дека до престанувањето на Законот за исплата на платите во Република Македонија пензиите ќе се усогласуваат според критериумот, висината и роковите утврдени во овој член, а не во членот 10 од Законот. Поради тоа, и за овие два члена важи констатацијата дека не постои нивна меѓусебна неусогласеност, која се наведува како аргументација за оспорување на нивната уставност.

7. Во врска со оспорениот член 53 од Статутот на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување Судот утврди дека овој член од Статутот го оценувал постапувајќи по предметот У.бр.207/2000 година, во кој предмет ја оценувал уставноста и законитоста и на другите членови од Статутот, кои што биле оспорени во иницијативата по повод која е оформен овој передмет.

При тоа, Судот утврдил дека со овој член од Статутот во суштина не се уредува прашањето за правото на жалба против решение донесено од првостепен орган, но се уредува поефикасен начин на исплата на пензиите и другите примања во случаи кога се врши нивно усогласување, при тоа не повредувајќи го и правото на жалба утврдено во член 15 од Уставот, од кој аспект се оспоруваше и неговата уставност.

Имено, Судот утврдил дека и во случај на усогласување на пензиите, за што по правило не се издава решение, според ставот 2 на овој член од Статутот, корисникот на пензија може да бара да му се издаде решение против кое ќе може да поднесе жалба согласно член 141 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување за заштита на своите права.

Поради наведените причини Судот, со Решение У.бр.207/2000 од 18 април 2001 година не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 53 од Статутот.

8. Имајќи го предвид наведеното, како и фактот дека Уставниот суд веќе ја оценувал уставноста на членовите 10, 27 и 29 од Законот и уставноста и законитоста на член 53 од Статутот, а ненаоѓајќи основи за поинакво одлучување по повод оваа иницијатива Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.22/2002
23 октомври 2002 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов