218/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 април 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за висината на цените на погребалните услуги, донесена од Работничкиот совет на Работната организација за комунални работи “Комуналец” Ц.О. Струмица, бр.02-2335/1 од 14 декември 1994 година, во делот “други услуги – издавање потврда за одобрение за изградба на споменик од физичко лице”.

2. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива на Ѓорѓи Витанов од Струмица, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбата од Одлуката означена во точката 1 на ова решение, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 33 од Уставот на Република Македонија и член 12 од Законот за гробиштата (“Службен весник на СРМ” бр.18/73).

3. Во одговорот на наводите содржани во Решението за поведување постапка доносителот на актот истакна дека износот од 1.500,00 денари кој го наплатува за влез во градските гробишта во Струмица на физичките и правните лица кои градат или реконструираат надгробни споменици не претставува такса ниту друга јавна давачка туку трошок на претпријатието во врска со изведувањето на работите.

4. Судот утврди дека со издавање на одобрение “Комуналец”-Струмица се обврзува дека ќе дозволи изградба и реконструкција на споменик на физички и правни лица и ќе обезбеди користење на вода, електрична енергија по потреба и исфрлање на градежен шут кој ќе се створи при изведување на работите. За услугите претпријатието наплатува 1.500,00 денари при издавање на потврда за одобрение.

Според мислењето на Судот наплатувањето на износот од 1.500,00 денари при издавањето на потврдата за одобрение за градба и реконструкција на споменик всушност претпријатието определило цена на услугите, односно надомест за потрошена вода, електрична енергија и трошок за исфрлање на градежен шут, што не претставува такса, ниту друга јавна давачка.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста и законитоста на оспорената одредба од Одлуката поради што одлучи како во точката 1 на ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.218/99
19 април 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков