216/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 23 февруари 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување единечни цени за м3 вода, донесена од Управниот одбор на Комуналното јавно претпријатие “Водовод” – Кочани, под бр.0202-552/1 од 10 декември 2001 година и Заклучокот за давање согласност на Одлуката за утврдување на цената за м3 вода на Комуналното јавно претпријатие “Водовод” – Кочани, донесен од Советот на општина Кочани под бр.07-41/1 од 4 март 2002 година (“Службен гласник на општина Кочани” бр.8/2002).

2. Трајко Манов од Кочани, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата Управниот одбор на КЈП “Водовод” од Кочани со оспорената одлука ги утврдил единечните цени за м3 вода по корисници, меѓутоа овие цени како јавна давачка можеле да се утврдат само со закон, а не со одлука на јавно претпријатие, кое немало законски основ да ги утврдува цените ниту имало овластување да одлучува за тоа.

Со оспорената Одлука, исто така, не бил определен начинот на плаќање на комуналната услуга и согласноста на Одлуката била издадена дополнително од Советот на општината Кочани како основач на КЈП “Водовод” од Кочани, а не претходно пред нејзиното донесување.

Според иницијативата, со оспорената Одлука се правела разлика помеѓу корисниците како потрошувачи на вода и покрај уставната определба за еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите.

Потоа, цената на водата која била определена со Одлуката не се засновала на начелото на еднаква вредност на заемните давања во облигационите односи, во случајов помеѓу давателите на комуналната услуга и потрошувачите.

Од овие причини, а и поради тоа што во службеното гласило на општината не биле благовремено објавени оспорените акти во рок од седум дена по донесувањето, туку подоцна, во иницијативата се наведува дека оспорената Одлука и Заклучокот за давање согласност на Одлуката, биле во спротивност со повеќе одредби од Уставот (член 8 став 1 алинеја 3 и 9, член 9, член 33, член 51, член 52, член 68 став 1 алинеја 3 и член 114 став 4). Оспорените акти биле во спротивност и со одредбите од Законот за јавни претпријатија (член 19 став 1 и став 2 точка 8), Законот за водите (член 132), Законот за водостопанството (член 63), Законот за комунални дејности (член 7 и 27) и Законот за облигациони односи (член 8 став 1).

Со иницијативата, исто така, се бара Судот да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија врз основа на оспорените акти, согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека Управниот одбор на КЈП “Водовод” од Кочани донел Одлука број 0202-552/1 од 10 декември 2001 година, за утврдување на единечните цени за м3 вода.

Во Одлуката е утврдено дека цените за еден м3 вода по корисници се: за домаќинствата 25,00 денари, за корисници од стопанството 41,00 денари, за корисници од вонстопанството 31,00 денари.

Со Одлуката е утврдено дека наведените цени се определени врз основа на анализа на калкулација на вода и дека цените утврдени со оваа одлука ќе се применуваат по добивање на согласност на цените од Советот на општината Кочани.

Советот на општината Кочани донел Заклучок број 07-41/1 од 4 март 2002 година, за давање согласност на Одлуката за утврдување на цената за м3 вода на КЈП “Водовод” Кочани.

Во Заклучокот е утврдено дека тој влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на општина Кочани”. Тој бил објавен во “Службен гласник број 8/2002” на 7 март 2002 година.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото, а според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Согласно членот 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Согласно членот 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Со Законот за водите (“Службен весник на Република Македонија” број 4/1998 и 19/2000) се уредуваат прашања од значење за обезбедување единствен режим на водите во Република Македонија. Водите, водотоците и езерата како добра од општ интерес на Република Македонија, според членот 2 од овој закон, уживаат посебна заштита утврдена со овој закон и се во државна сопственост.

Членот 17 од овој закон определува дека водостопанската дејност е од јавен интерес. Со членот 132 е утврдено дека се плаќа надоместок за водите во зависност од нивната намена по различни корисници и на начин и услови кои се посебно определени и разработени со одредбите од овој закон.

Според член 1 став 1 од Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на Република Македонија” број 38/1996, 6/2002 и 40/2003) јавните претпријатија се основаат заради вршење на стопанските дејности од јавен интерес, а како такви дејности во членот 2, меѓу другите, се утврдени и комуналните дејности.

Според членот 3 став 3 од истиот закон, општините и градот Скопје можат да основаат јавни претпријатија за вршење на одделни стопански дејности од јавен интерес во рамките на своите надлежности под услови и начин утврдени со закон, а овие претпријатија, согласно ставот 5, се во сопственост на општината, односно градот Скопје.

Во членот 6 е утврдено дека јавното претпријатие има својство на правно лице, кое го стекнува со уписот во трговскиот регистар.

Според членот 11 точка 6 и членот 19 став 1 и став 2 точка 8 од овој закон, управниот одбор на јавното претпријатие ги има сите овластувања да презема мерки кои се потребни и корисни заради постигање на целите на јавното претпријатие во согласност со закон, ги утврдува цените на производите и услугите, а основачот на јавното претпријатие дава согласност на актот со кој се утврдуваат цените на производите и услугите што јавното претпријатие ги продава и врши за корисниците.

За разлика од Законот за јавните претпријатија, функцијата на Законот за комунални дејности (“Службен весник на Република Македонија” број 45/1997, 23/1999, 45/2002 и 16/2004) во основа не е да се занимава со статусните прашања на јавните претпријатија и односите меѓу претпријатието и неговиот основач, туку да обезбеди правна рамка за давање на квалитетни и достапни услуги на корисниците. Оттука, овој закон согласно член 1 се занимава со уредувањето на основните услови и начинот на вршењето на комуналните дејности, нивното финансирање и други прашања од значење за овие дејности. Како комунална дејност, според членот 3 од овој закон, меѓу другото, е предвидено снабдувањето со вода за пиење под што се подразбира зафаќање, обработка и дистрибуција на вода до мерниот инструмент на корисникот; обработка и испорака на технолошка вода (зафаќање, обработка и дистрибуција на вода до мерниот инструмент на корисникот); одведување и пречистување на отпадни води и атмосферски води.

Според членот 15 од овој закон, општината може да основа јавно претпријатие заради организирано и квалитетно вршење на комуналните дејности и стопанисување со објектите на комуналната инфраструктура од локален карактер.

Висината на цената и начинот на плаќање на комуналните услуги, согласно членот 27 од Законот за комунални дејности ја определува управниот одбор на јавното претпријатие, по претходна согласност на основачот. Според членот 29 став 1 алинеја 1 од овој закон, плаќањето (цената) на услугите за снабдување со вода се определува според еден метар кубен обработена и испорачана вода.

Според Судот од наведените законски одредби произлегува дека комуналната дејност – снабдување на населението (правните и физичките лица) со вода ја вршат јавни претпријатија основани од општините, односно градот Скопје посебно за вршење на таа дејност, кои што како даватели на услугите се овластени да ја утврдуваат и висината на цената и начинот на плаќањето на оваа комунална услуга и тоа по претходна согласност на основачот. Притоа, висината на цената се утврдува по наведената мерна единица, од еден метар кубен обработена и испорачана вода.

Со оглед на наведеното и имајќи предвид дека оспорената одлука број 0102-552/1 од 10 декември 2001 година е донесена од Управниот одбор на Комуналното јавно претпријатие “Водовод” – Кочани и дека Советот на општината Кочани како основач на ова јавно претпријатие дал согласност на Одлуката со оспорениот Заклучок број 07-41/1 од 4 март 2002 година, објавен во “Службен гласник на општина Кочани” број 8/2002 од 7 март 2002 година, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната уставност и законитост од аспект на наводите изнесени во иницијативата.

Имено, постои законски основ за донесување на оспорените акти од Управниот одбор на јавното претпријатие и Советот на општината Кочани; цените утврдени во оспорената одлука стапиле во примена по добивање на согласност со оспорениот заклучок на Советот на општината објавен во службеното гласило на општината што значи цените на јавното претпријатие важат и се во примена по согласноста на основачот на јавното претпријатие; потоа со оспорените акти се врши категоризација на цени за вода по различни корисници и потрошувачи за одделни намени (во домаќинството, стопанството и вонстопанството), а со тоа еднаквоста на корисниците не е доведена во прашање бидејќи тоа важи за оние кои се во исти услови а не во различни услови според кои е и нивната поделба; со оспорената одлука се утврдува висината на наплатата за вода и не се работи за утврдување на јавна давачка; и секако обврската за плаќање надоместок по утврдените цени за овој вид комунални услуги има нормативно-правна рамка за сите корисници, меѓутоа оценувањето на еднаквата вредност на заемните давања во односите помеѓу субјектите е фактичко прашање и не е во рамките на уставносудската надлежност.

Врз основа на изнесеното Судот утврди дека не може да се доведе во прашање уставноста и законитоста на оспорените акти поради што нема основ ниту за донесување на решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија врз основа на оспорените акти, согласно со членот 27 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.216/2004
23 февруари 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова