216/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 декември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членот 3 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на РМ” бр.80/93, 3/94, 14/95, 71/96 и 32/98).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членот 3 став 1 од законот означен во точката 1 од ова решение. Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорениот член 3 став 1 се менува членот 36 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Според решението од членот 36 од Законот, највисоката старосна пензија не може да изнесува повеќе од 80% од просечната плата остварена во Република Македонија во годината пред остварувањето на правото на пензија, зголемена за четири пати. Врз основа на оваа одредба голем број граѓани-пензионери оствариле највисока старосна пензија од 01.01.1994 до 31.12.1996 година. Со измената на членот 36 од Законот, законодавецот ги направил граѓаните-пензионери нееднакви во висината на старосната пензија, што не било во согласност со членовите 9, 34, 35 став 1 и 54 став 1, 2 и 3 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 3 од Законот со кој се менува членот 36, највисоката старосна пензија не може да изнесува повеќе од 80% од просечната плата остварена во нестопанството во Републиката во претходната година зголемена за 2,7 пати. Највисоката старосна пензија од став 1 на овој член, во текот на годината се усогласува со процентот со кој се усогласуваат другите пензии.

4. Според член 9 од Уставот, граѓа ните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Членот 34 од Уставот определува дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според членот 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Од наведените уставни одредби произлегува дека правото на социјалното осигурување кое во себе ги опфаќа здравственото, пензиското и инвалидското осигурување се однесува на сите граѓани подеднакво. Меѓутоа, Уставот не содржи никакви услови за стекнување на правата од социјалното осигурување ниту пак го уредува режимот на нивното користење. Напротив, карактерот на социјалното осигурување, обемот и субјектите на осигурувањето, изворите за финансисрање на социјалното осигурување е препуштено без никакво ограничување да се уредат со закон и колективен договор.

Платата како категорија од работен однос претставува збир на вкупните примања на работникот по еден или повеќе основи и нејзината висина зависи од квалификацијата на работникот и од обемот на извршената работа.

Пензијата пак, претставува право стекнато врз основа на вложувањата на дел од платата на работникот во фондот за пензиско и инвалидско осигурување и нејзината висина се утврдува во фиксен износ во зависност од висината на вложувањата на осигуреникот под услови утврдени со закон.

Оттука, право е на законодавецот во зависност од економската моќ на државата да определува лимит за најниската односно за највисоката старосна пензија. Во конкретниот случај, со оспорената одредба од законот, законодавецот определил дека највисоката старосна пензија не може да изнесува повеќе од 80% од просечната плата остварена во нестопанството во Републиката во претходната година зголемена за 2,7 пати. Гледана сама за себе, оспорената одредба со ништо не ги прави граѓаните пензионери нееднакви пред Уставот, бидејќи е неспорно дека се однесува на сите граѓани-пензионери кои стекнале право на највисока старосна пензија, ниту пак со неа се доведува во прашање социјалната сигурност на осигурениците.

Во однос на прашањето дали со измената на законската одредба законодавецот ги довел граѓаните-пензионери во нееднаква положба, поради тоа што некои граѓани пензионери го оствариле правото на највисока старосна пензија според претходната одредба која била поповолна, од граѓаните пензионери кои го остваруваат правото на највисока старосна пензија според важечката одредба од законот, Судот оцени дека не станува збор за нееднаквост на граѓаните-пензионери, бидејќи сите тие го оствариле или треба да го остварат своето право на највисока старосна пензија врз основа на два различни правни режими. Според тоа, новиот правен режим востановен со оспорената одредба се однесува на сите пензионери кои го остваруват правото на највисока старосна пензија од моментот на влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

5. Врз основа на изнесеното Судот оцени дека нема основа да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од законот со уставните одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.216/99
15 декември 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков