213/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 април 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 2 став 1 од Законот за обезбедување средства во форма на кредит за предвремена исплата на дел од побарувањата на граѓаните по основ на штедни влогови (“Службен весник на Република Македонија” бр.35/97).

2. Група граѓани од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведвуање постапка за оценување уставноста на член 2 став 1 од законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со него како основа за утврдување на својството на штедач е определена само касовата евиденција на штедилниците, а не и други документи со кои тоа можело да се докаже, со што граѓаните – штедачи во штедилниците се доведувале во нееднаква положба пред законот.

3. На седницата Судот утврди дека според оспорениот член 2 став 1 под штедни влогови на граѓаните во смисла на овој закон се подразбираат штедните влогови на сите членови на едно семејство, за кои постои касова евиденција. Тоа значи дека правото на кредитот што го пропишува овој закон ќе може да го остварат само оние лица што фигурираат во касовата евиденција на штедилниците, но не и оние кои од различни причини не се евидентирани а имаат договри, штедни книшки или друг документ со кој може да се докажува постоењето на штеден влог.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 6 од уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок е и правната заштита на сопственоста.

Според член 9 став 2 од уставот граѓаните се еднакви пред Уставот и Законот.

Разгледувајќи го прашањето за правната природа на законот во целина, Уставниот суд на Република Македонија со решението У.бр.166/97 од 11 ноември 1997 година оцени дека тој закон претставува акт со кој Република Македонија доделува кредит заради ублажување на последиците од ударот што врз економската моќ на штедачите го предизвика пропаѓањето на означените штедилници и од тој аспект има очигледна социјална функција. Тој закон на ниеден начин не навлегува во односите помеѓу штедачите и штедилниците, ниту ги супституира редовните постапка пропишани за такви ситуации, ниту пак негова цел е исплата на штедните влогови и каматите.

Неговиот непосреден основ, пак, е неспорното незаконито работење на одделни штедилници со кои беа оштетени штедачите, но кое исто така ја ралативизира веродостојноста и доказната вредност на документите што се однесуваат на трансакциите на штедилниците.

Имајќи го тоа пред вид, Уставниот суд оценува дека определувањето на касовата евиденција во член 2 став 1 од Законот како единствен валиден критериум за утврдување на штедниот влог и за остварување на правото на кредит има своја основа во потребата од прецизно и неспорно димензионирање на обврските што државата ги презема со овој закон. Имено, ако распадот на легалната физиономија и работње на овие штедилници несомнено доведе до дубиози во валидноста на документацијата на штедилниците, тогаш државата, преземајки обврска за кредитирање, имала право да одреди критериум кој во целокупната незаконита ситуација претставува некаков објективен факт. Притоа Судот, се разбира не го пренабрегнува фактот дек во сферата на банкарското и штедно-кредитно работење освен касовата евиденција постојат и други документи со кои може да се докажува постоењето на штедните влогови, како што се штедната книшка, договор за штедење, налози за уплата и сл. и во таа смисла касовата евиденција ниту е единствен, ниту апсолутен доказ. Меѓутоа касовата евиденција во контекст на законот нема значење на критериум за решавање на односите помеѓу штедилниците и штедачите, туку за воспоставување односи помеѓу државата и граѓаните како корисници на кредит под услови што ги определува законот. Според тоа, оспорената одредба, како ни целиот закон, не навлегува во односите помеѓу штедилниците и штедачите кои ќе се решаваат во постапка предвидена со правилата на правниот поредок и кога и другите документи, освен касовата евиденција ќе бидат доказни средства за меѓусебните долгови и побарувања.

Правото на граѓаните да ги истакнуваат тие доказни средства во соодветна постапка оспорената одредба од закнот не го ограничува, ниту ги става штедачите во нееднаква положба во поглед на остварувањето на правото што го пропишува законот.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со член 8 став 1алинеја 6 и член 9 став 2 од уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.213/97)