21/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 јуни 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на висината на паричен надоме­сток, кој по основ на партиципирање во доизградба на секундарната фекална канализација би претставувал обврска на жителите на Горно Лисиче, број 07-234/1 од 10 јануари 2008 година, донесена од Советот на општина Аеродром („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.1/2008).

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, Уставот на Република Македонија и законите не давале основ, совет на општина да воведува за граѓаните паричен надоместок, односно да воведува данок или друг вид јавна давачка за финансирање на определени општински интереси и цели како што се во случајов со оспорената Одлука за наведените инсталации. Од овие причини оспорената Одлука не била во согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа членот 8 став 1 алинеја 3 кој се однесувал на владеење на правото, членот 9 кој се однесувал за еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, членот 33 според кој секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки, членот 68 став 1 алинеја 3 според кој Собранието на Република Макекдонија ги утврдува јавните давачки, и член 114 став 4 според кој локалната самоуправа се уредувала со закон. Оспорената одлука не била во согласност и со членот 36 точка 15 од Законот за локалната самоуправа, како и со членот 15 од Законот за град Скопје.

4. Судот на седницата утврди дека со членот 1 од оспоре­ната одлука е определено дека предмет на Одлуката е утврдување на висината и начинот на наплата на паричен надоместок кој по основ на партиципирање во доизградба на секундарната фекална каналиација би претставувал обврска на жителите на Горно Лисиче.

Со членот 2 од Одлуката, се задолжува градоначалникот на општина Аеродром да ги преземе сите активности потребни за спроведу­вање на Одлуката, и за таа цел да формира комисија со претставници од општинската администрација, Советот и Градоначалникот на општина Аеродром.

Со одредбите од членовите 3 и 4 од Одлуката е определено дека наведената комисија може да соработува со Градот Скопје за остварување на заедничките интереси, и дека партиципирањето за предметната немана се воведува како обврска за секој обврзник за период од 6 месеци во износ од 500 евра во денарска противвредност по среден курс на Народната банка на Република Македонија.

Според членот 5 од Одлуката, обврзници се сите жители на Горно Лисиче, како и сите граѓани кои не се жители на овие места, а имаат сопствени станбени и деловни објекти во населеното место.

Со членот 6 од Одлуката е определено дека уплатата на надоместокот од страна на граѓаните ќе се врши еднократно или на 6 еднакви месечни рати на наменска жиро-сметка за партиципирање отворена во Министерството за финансии – Сектор Трезор.

Според членот 7 од Одлуката, висината на надоместокот ќе се намали во зависност од обезбедувањето на други средства по разни основи. Разликата до вистинските трошоци потребни за завршување на изградбата, да се обезбеди од средства кои би се барале од сите реле­вантни институции на државата, како и од други субјекти кои донираат средства за ваков вид проекти.

Според членот 8, надзорот за наменското трошење на сред­ствата ќе го врши надзорен одбор именуван од Советот на општината Аеродром.

Во членот 9 од Одлуката е определено дека граѓаните кои нема да го користат правото на плаќање на рати, при приклучување на секундарната фекална канализација се должни целиот износ да го уплатат веднаш.

Според членот 10 од Одлуката, ЈП „Водовод и канализација“ со писмена согласност на општината Аеродром ќе го врши надзорот над приклучувањето на инсталациите, а општинската администрација се задолжува да ја преземе техничката помош во реализацијата на проек­тот (избор на изведувач, надзор и контрола, технички прием и сл.).

Според членот 11 динамиката на извршување на оваа одлу­ка ќе зависи од создадените правни и технички услови и приливот на средствата уплатени од граѓаните и по други основи за што ќе одлучува Комисијата од член 2 на оваа одлука.

Според членот 12, уплатените средства од страна на жите­ли­те по основ на партиципирање во доизградбата на секундарната фекал­на канализација во Горно Лисиче, ќе биде засметан при регули­ра­ње на надоместокот за уредување на градежното земјиште (комуналии).

Со членот 13 е определено дека оваа одлука стапува во сила со денот на објавување во „Службен гласник на општина Аеродром“.

5. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Репуб­лика Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на устав­ниот поредок на Република Македонија.

Според членот 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Со членот 68 од Уставот се определени надлежностите на Собранието на Република Македонија, според кои тоа донесува закони и ги утврдува јавните давачки.

Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Макењдонија“ бр.5/2002) во членот 36 ги определил надлеж­ностите на советот на општината, а Законот за градот Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2004) во членот 15 ги определил надлежностите на општините во градот Скопје, меѓутоа со нив не се утврдени надлежности врз основа на кои единиците на локалната самоуправа со свои акти утврдуваат јавни давачки, ниту се дадени законски овластувања за тоа.

Со оглед на тоа што оспорената одлука е донесена од Советот на општина Аеродром и со неа, врз основа на членот 15 од Законот за град Скопје и членот 36 од Законот за локалната самоуправа, се утврдува јавна давачка за определената намена утврдена во Одлуката, Судот утврди дека за Одлуката основано може да се постави прашањето за согласноста со наведените одредби од Уставот и зако­ните. Ова не само поради тоа што јавна давачка се утврдува со закон, туку и поради тоа што со закон се уредуваат видот, висината, олеснува­њата, ослободувањата и другите елементи на јавната давачка, за што не постоел основ во Уставот и законите за нивно пропишување со оспоре­ната Одлука со која се утврдува јавната давачка за граѓаните во Горно Лисиче во општината Аеродром.

Судот, исто така оцени дека се настанати услови, согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, до конечното одлучување да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одлука.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.21/2008
11 јуни 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски