21/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 февруари 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

а) уставноста на член 163 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2000, 49/2003, 113/2005 и 51/2007), и

б) уставноста и законитоста на членот 173 од Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје („Универзитетски гласник“ бр.60/2005) – пречистен текст.

2. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 56 став 1 во делот: „Сојузот на“ и членот 106 став 1 во делот: „од Сојузот на студентите“ од наведениот Статут.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот која се однесува за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката со која сите студенти се обврзани при упис на студиска година да уплатат сума од 150 денари на сметката на невладината организација „Сојуз на студенти“.

4. Младински образовен форум – Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 163 од Законот означен во точката 1 од ова решение, оценување на уставноста и законитоста на делови од членовите 56 став 1 и 106 став 1, членот 173 од Статутот означен во точката 1 и 2 од ова решение, како и Одлуката означена во точката 3 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот член 163 од Законот за високото образование бил во спротивност со членот 20 ставовите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија од причини што на студентите им се ограничувала слободата на здружување заради остварување на нивните интереси, со тоа што само преку сојузот на студентите можеле да бидат единствени легитимни претставници на студентите во органите на управување на високо образовните установи.

Од содржината на иницијативата по однос на оспорените членови од Статутот на Универзитетот, произлегува дека подносителот на иницијативата смета дека во органите на управувањето на Универзитетот, студентите не требало да бидат претставени само преку сојузот на студентите, туку и преку другите форми на студентско организирање, кое нешто било спротивно на членот 20 од Уставот на Република Македонија.

Подносителот на иницијативата, исто така, смета дека Одлуката на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со која сите студенти биле обврзани при упис на студиска година да уплатат сума од 150 денари на сметката на невладината организација Сојуз на студенти, била во спротивност со Уставот на Република Македонија и со членот 11 од Европската Конвенција за човекови права од причини што ги принудувала студентите да членуваат во невладина организација – Сојуз на студенти.

5. Судот на седницата утврди дека според член 163 од Законот за високото образование студентите учествуваат во управувањето со високообразовните установи преку претставниците на сојуз на студенти на универзитетот во органите на високообразовните установи, преку формите на самоорганизирање или на друг начин според условите утврдени со закон и статутот на високообразовната установа.

Судот на седницата, исто така, утврди дека според оспорениот член 56 став 1 од Статутот на Универзитетот, членовите на Универзитетскиот сенат, со непосредно и тајно гласање, ги избираат наставно-научните совети на факултетите, наставничките совети на високите стручни школи, советите на научните установи, органите на Сојузот на студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и органите на управување и придружните членки.

Според оспорениот член 106 став 1 од Статутот, Ректорската управа ја сочинуваат ректорот, проректорите, деканите на факултетите, директорите на високите стручни школи, директорите на научните установи и еден претставник на студентите од Сојузот на студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Според оспорениот член 173 од Статутот, студентите учествуваат во управувањето со Универзитетот и со факултетите, високите стручни школи и научните установи во неговиот состав преку претставниците на Сојузот на студентите на Универзитетот во органите на универзитетот и факултетите, високите стручни школи и научните установи, преку формите на самоорганизирање или на друг начин според условите утврдени со закон и со статутите на унвиерзитетот и факултетите, високите стручни школи и научните установи.

6. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според член 20 став 1 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивите политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, а во ставот 2 од овој член од Уставот е утврдено дека граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Согласно членот 46 од Уставот, на универзитетот му се гарантира автономија, а условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот се уредуваат со закон.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со членот 58 од Уставот е утврдено дека сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето, а учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.

Законот за високото образование во членот 1 определил дека предмет на уредување на овој закон се условите и постапката за основање, финансирање и престанок на високообразовните установи и се утврдуваат основите на организација, управување, развој и за вршење на високообразовната дејност.

Според членот 10 став 1 од Законот, високообразовните установи ја вршат својата дејност врз принципот на академската автономија, а според став 3 од овој член, автономијата на универзитетот вклучува академска слобода на високообразовните установи, автономија на управувањето со високообразовните установи и неприкосновеност на автономијата.

Основен акт на вискообразовната установа е статутот, со кој согласно членот 8 од Законот, се уредуваат внатрешната организација, начинот на вршење на високообразовната дејност, овластувањата и начинот на работата и одлучување на нејзините органи, други прашања од значење за нејзината дејност и работење, за кои со овој закон е предвидено да се уредуваат со статут, како и други односи во согласност со остварувањето на нејзината автономија. Статутот го донесува органот на управување на високообразовната установа.

Прашањето на составот на сенатот е уредено со членот 66 од Законот, кој во ставот 1 утврдува дека сенатот го сочинуваат претставници од високо образование установи и на научните установи кои се во состав на универзитетот, избрани непосредно и со тајно гласање од редот на професорите, односно научните советници и од студентите.

Според членот 73 од Законот, како органи на факултетот се определени наставно-научен совет, декан и деканатска управа.

Со членот 74 став 1 од Законот е пропишано дека наставно-научниот совет е орган на управување и стручен орган на факултетот, а според одредбата од ставот 4, наставно-научниот совет го сочинуваат редовните и вонредните професори и доцентите.

Прашањето на учеството на студентите во управувањето е уредено со оспорениот член 163 од Законот според кој студентите учествуваат во управувањето со високообразовните установи преку претставниците на сојуз на студенти на универзитетот во органите на високообразовните установи, преку формите на самоорганизирање или на друг начин според условите утврдени со закон и статутот на високообрзовната установа.

Тргнувајќи од содржината на оваа оспорена законска одредба, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата и членот 20 од Уставот во однос на кој се оспорува членот 163 од Законот, произлегува дека со оваа оспорена законска одредба не се врши ограничување на правото на студентите само преку сојузот на студентите да бидат претставени во управувањето со високообразовните установи, туку ваква можност законодавецот им дава и на другите форми на организирање на студентите.

Имено, законодавецот во оспорениот член 163 од Законот во однос на учеството на студентите во управувањето со високообразовните установи, освен претставниците на сојузот на студентите, тоа право им го утврдил и на другите форми на саморганизирање или на друг начин според условите утврдени со закон и статутот на високообразовната установа.

Оттука, имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 163 од Законот за високото образование со членот 20 од Уставот.

7. Според оспорениот член 56 став 1 од Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, членовите на Универзитетскиот сенат, со непосредно и тајно гласање, ги избираат наставно научните совети на факултетите, наставните совети на високите стручни школи, советите на научните установи, органите на Сојузот на студентите на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и органите на управување на придружните членки.

Според ставот 2 на овој член од Статутот, мандатот на членовите на Универзитетскиот сенат трае четири години, со право на уште еден последователен мандат.

Во ставот 3 од овој член од Статутот е утврдено дека мандатот на претставниците на студентите трае 2 години, со право на уште еден последователен мандат.

Според оспорениот став 1 на членот 106 од Статутот, ректорската управа ја сочинуваат ректорат, проректорите, деканите на факултетите, директорите на високите стручни школи, директорите на научните установи и еден претставник на студентите од Сојузот на студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Според оспорениот член 173 од Статутот, студентите учествуваат во управувањето со Универзитетот и со факултетите, високите стручни школи и научните установи во неговиот состав преку претставниците на Сојузот на студентите на Универзитетот во органите на Универзитетот и факултетите, високите стручни школи и научните установи, преку формите на самоорганизирање или на друг начин, според условите утврдени со закон и со статутите на Универзитетот и факултетите, високите стручни школи и научните установи.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, содржината на оспорените одредби од членовите 56 став 1 и 106 став 1 од Статутот, како и наводите во иницијативата, Судот смета дека со овие оспорени одредби на студентите им се ограничува правото само преку Сојузот на студентите да избираат свој претставник во Универзитетскиот сенат, односно само претставник на Сојузот на студентите да биде избран како член на ректорската управа, со што на студентите всушност им е ограничено правото да учествуваат во управувањето во органите на Универзитетот само преку Сојузот на студентите, а не и преку други форми на самоорганизирање на студентите или на друг начин според условите утврдени во закон како што е утврдено и во членот 163 од Законот за високо образование.

Исто така, наведените оспорени одредби од членовите 56 став 1 во делот: „Сојузот на“ и 106 став 1 од Статутот во делот: „Од Сојузот на студентите“ можат да се проблематизираат и во однос на членот 66 став 1 од Законот според кој, сенатот го сочинуваат претставници од високообразовните установи и на научните установи кои се во состав на универзитетот, избрани непосредно и со тајно гласање од редот на професорите, односно научните советници и од студентите. Значи, во оваа одредба од Законот претставниците на студентите не се бираат исклучиво само од Сојузот на студентите, туку се дава можност студентите сами за тоа да одлучуваат.

Оттука, според мислењето на Судот основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од членовите 56 став 1 во делот: „Сојузот на“ и 106 став 1 во делот: „Од Сојузот на студентите“ од Статутот со членот 20 став 1 и 2 од Уставот, како и Законот за високото образование.

По однос на оспорениот член 173 од Статутот Судот смета дека оваа оспорена статутарна одредба сепак преку формулацијата: „преку формите на самоорганизирање или на друг начин“ им дава можност за учество на студентите во управувањето со органите во Универзитетот низ повеќе форми и начини, што значи дека студентите не се ограничени само преку Сојузот на студентите да учествуваат во управувањето со органите на Универзитетот, факултетите итн., поради што Судот не го постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со Законот.

8. По однос на Одлуката на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје со која студентите биле обврзани при упис на студиска година да уплатат сума од 150 денари на сметката на невладината организација „Сојуз на студенти“, Судот утврди дека со допис У.бр.21/2007 од 27 февруари 2007 година Судот се обрати до подносителот на иницијативата за прецизирање на иницијативата во овој дел со цел да се идентификува за која Одлука станува збор, меѓутоа подносителот на иницијативата истата не ја прецизирал. Исто така, и во мислењето на ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се наведува дека оспорената одлука не е одлука на органите на Универзитетот.

Со оглед на тоа што подносителот на иницијативата не ја прецизирал иницијативата во делот кој се однесува на наведената оспорена одлука Судот оцени дека согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата во овој дел ја отфрли поради процесни пречки за одлучување по неа.

9. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.21/2007
20 февруари 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски