21/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 септември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за поттикнување на развојот на стопански недоволно развиените подрачја (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/94).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Тодор Петров, пратеник во Собранието на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со него бил формиран орган на државната управа, а не бил донесен со двотретинско мнозинство, како што било предвидено во Уставот, туку бил донесен со мнозинство гласови од присутните пратеници, поради што не бил во согласност со член 95 став 3 од Уставот, односно истиот не можел да се смета за донесен.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот закон се уредуваат мерките за поттикнување на развојот на стопански недоволно развиените подрачја, показателите и раничните вредности за утврдување на степенот на стопанската развиенот на општините, криериумите за утврдување на специфичните подрачја, изворите и намените на средствата на институцијата преку која ќе се спроведува оваа политика (член 1).

Во член 4 од Законот е предвидено дека за спроведување на мерките за поттикнување на развојот на стопански недоволно развиените подрачја ќе се формира Агенција за стопански недоволно равиени подрачја. Според член 16 од Законот Агенцијата е орган во состав на органот на управата надлежен за работите на развојот и истата има својство на правно лице.

Судот исто така утврди дека според доставените стенографски белешки од седмото продолжение на седумдесет и првата седница на Собранието на Република Македонија, одржана на 12 јануари 1994 година, Собранието го донело Законот за потикнување на развојот на недоволно развиените подрачја со 52 гласа “за” и 2 гласа “против”. На седницата при гласањето за овој закон присуствувале 61 пратеник.

4. Според член 95 од Уставот на Република Македонија државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон. Се забранува политичко организирање и дејствување во органите на државнаа управа. Организацијата и работите на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Судот смета дека смислата на одредбата на член 95 од Уставот е да наметне посложена постапка за донесување на законите кои се однесуваат на оганизацијата и работата на државната управа, со други зборови оваа уставна одредба обврзува на поголем степен на согласност за промени во овој сегмент на државната организација.

Понатаму, Судот констатира дека системот на органите на државната управа во смисла на утврдување на нивната организација (утврдување на видовите, бројот и називите на органите на управата) и нивната работа (надлежност на одделни органи и постапката за нивната работа) веќе се утврдени со друг закон (Законот за органите на управата “Службен весник на Република Македонија” бр.40/90). Во тие рамки уредена е и организацијата, надлежноста и начинот на работа на Министерството за развој (член 113 точка 7 и член 121 од Законот за органите на управата). Поради тоа, Судот смета дека систем на државната управа во наведената смисла претставува само она што е уредено со Законот за органите на управата, кој може да се менува само со двотретинско мнозинство, а дека се друго, без оглед на тоа што исто така се однесува на организацијата и работата на органите на управата, не претставува систем и може да се уреди со закон кој не мора да биде донесен со двотретинско мнозинство.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека за донесување на Законот за поттикнување на развојот на стопански недовол но развиените подрачја не било неопходно двотретинско мнозинство, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со наведените уставни одредби и одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.