210/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 став 1 алинеја 1 и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 март 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Заклучокот за отстранување на времени објекти кои се наоѓаат на улица “Иво Лола Рибар” во Гостивар, бр.08-335/2, донесен од Собранието на општина Гостивар на 13 септември 1994 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Акционерско друштво “Тутун” во Скопје, за поведување постапка за оценување законитоста на заклучокот означен во точката 1 од ова решение, затоа што бил донесен со цел да се реализира урбанистички план кој не бил заснован на среднорочна програма на Републиката за изготвување и донесување на просторни и урбанистички планови, а не за реализација на урбанистички план кој е донесен врз основа на таква програма, поради што Заклучокот не бил во согласност со одредбите од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.
3. На седницата Судот утврди дека во точката 1 од Заклучокот се предвидува да се отстранат времените објекти кои се наоѓаат на улица “Иво Лола Рибар” од јужната страна на малиот парк, со цел да може да се уреди просторот на Плоштадот и улица “Иво Лола Рибар” согласно Деталниот урбанистички план и дека во точката 2 се определува Заклучокот да се достави до подрачната единица на Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија во Гостивар, заради извршување.
4. Имајќи ја предвид изнесената содржина на Заклучокот со која не се утврдуваат права, обврски и одговорности, како и уставната определба гра?аните во единиците на локалната самоуправа да можат да учествуваат во одлучувањето по прашања од локално значење и од областа на урбанизмот непосредно или преку претставници (член 115 став 1 од Уставот на Република Македонија), Судот оцени дека оспорениот заклучок претставува мислење на Собранието на општина Гостивар и негово учество во одлучувањето за наведените прашања, а не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што Судот не е надлежен да одлучува за неговата согласност со Уставот и со закон.
Од тие причини, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, Д-р Никола Крлески, Д-р Стојмен Михајловски, Д-р Милан Недков, Бесим Селими, Д-р Јосиф Талевски и Д-р Тодор Џунов. У.бр.210/94