208/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и врз основа на член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 март 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 3 од Одлуката за начинот и постапката за исплата на пензиите и другите примања на воените осигуреници кои остануваат на територијата на Република Македонија, донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Градскиот одбор на Здружението на воените пензионери на Република Македонија од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, поради тоа што членот 3 од оспорената одлука бил рестриктивен спрема воените пензионери бидејки висината на пензиите ја определувал со висината на исплатената пензија во месец март 1992 година од страна на Заводот за социјално осигурување на воените осигуреници што не било во согласност со член 65 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување на воените осигуреници кој тогаш важел како и со членот 197 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Во дополнувањето на иницијативата, подносителот наведува дека со примената на оспорената одлука се повредува членот 5 став 1 од Уставниот закон, како и уставните начела на еднаквост и на социјално-правна сигурност. Понатаму, се наведува дека Одлуката имала повратно дејство, дека била донесена од неовластен субјект со оглед дека задирала во прашање што се уредувало со закон и дека корисниците на воените пензии биле доведени во нееднаква положба во остварувањето на правата по основ на прописите кои се однесувале на корисниците на цивилни пензии.
3. На седницата Судот утврди дека на 13 октомври 1994 година Судот ја оценувал во целина оспорената одлука на Владата на Република Македонија вклучувајќи го и членот 3 и со решение У.бр.51/94 не повел постапка за оценување на нејзината уставност и законитост.
Во однос на членот 197 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93) на кој се повикува подносителот на иницијативата, Судот оцени дека со ова преодно законско решение се уредува дека и по 1 јануари 1994 година се обезбедуваат пензиите на воените осигуреници во обем и висина што се веќе определени што значи дека во членот 197 од Законот не станува збор за усогласување на висината на пензиите на воените осигуреници, туку само понатамошно обезбедување на пензиите во обем и висина што се веќе стекнати. Оттука, не би можело да се постави прашањето за согласноста на членот 3 од Одлуката со членот 197 од Законот.
4. Со оглед на тоа што Судот веќе одлучувал за уставноста и законитоста на оспорената одлука, а нема основи за поинакво одлучување, согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловс ки, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.208/94