206/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 декември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 2 од Зако-нот за изменување и дополнување на Законот за локалните избори („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2004).

2. Илчо Илиев од Делчево, преку Николчо Атанасовски, адвокат од Делчево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Имено, по цитирање на Амандманот XVI на Уставот, подносителот на иницијативата наведува дека овој амандман бил основ за донесување на Законот за локалните избори како и на Законот за локалната самоуправа.

Потоа, во иницијативата се цитираат член 1 и член 49 од Законот за локалната самоуправа, како и член 1 од Законот за локалните избори и се изведува заклучок дека во второнаведениот закон не било предвидено траењето на мандатот ниту на градоначалникот, ниту на советниците, ниту на претседавачот на советот. Sпоред подносителот на иницијативата времетраењето на манадатите било пропишано со Законот за локалната самоуправа, од каде тој смета дека само со овој закон можел да биде продолжен мандатот на градоначалниците и на членовите на советот, а не тоа да се прави преку оспорената одредба.

Оттаму, подносителот на иницијативата имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби, смета дека оспорената одредба била противуставна.

Понатаму, во иницијативата се појаснува дека против подносителот на иницијативата Илчо Илиев од Делчево, кој бил градоначалник на општината Делчево се до последните локални избори, бил подигнат обвинителен акт за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба по член 353 став 5 од Кривичниот законик. Заради ваквата негова положба се бара од Судот оспорената одредба по поведување на постапка за оценување на уставноста да биде поништена, но не и да биде укината, бидејќи само со поништувачка одлука тој би го изгубил својството на службено лице и не би одговарал за наведеното кривично дело. Ова од причини што иако Законот престанал да важи за подносителот на иницијативата од него се уште произлегувале правни последици.

Во одговор на вака поднесената иницијатива Уставниот суд со писмо У.бр.210/2004 од 23 октомври 2006 година, го известил подносителот на иницијативата дека веќе e одлучуваno за уставноста на оспорената одредба и со Решение У.бр210/2004 од 2 февруари 2005 година Sudot одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста.

По повод дописот на Судот, подносителот на иницијативата, во оставениот рок, го известил Судот дека покрај сознанието дека веќе било одлучувано за истата правна работа инсистира повторно да se одлучува.

3. Судот на седницата утврди дека sпоред чле н 2 од Законот, членот 75-а се менува и гласи: „Првите наредни локални избори за членови на совети и градоначалници ќе се одржат до 31 март 2005 година(став1). Мандатот на постојните градоначалници и членовите на советите трае до изборот на нови градоначалници и членови на советите (став 2)“.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согла сноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имено, според член 192 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија„ бр.40/2006), со денот на влегувањето во сила на овој законик (31 март 2006 година), меѓу другото престанува да важи и Законот за локалните избори („Службен весник на Република Македонија“ бр.45/2004, 52/2004, 60/2004 и 4/2005).

Оттаму, Законот за локалните избори, заедно со сите негови измени и допонувања, вклучувајќи ја и оспорената одредба, престанал да биде дел од правниот поредок на Република Македонија сметано од наведениот датум.

Притоа, овој неспорен факт на подносителот на иницијативата му е познат, а тој, исто така, има и сознание дека оспорениот член бил предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија и Судот со Решение У.бр.210/2004 од 2 февруари 2005 година не повел пост апка за оценување на неговата уставност. Меѓутоа, и покрај сето наведено инсистира Судот повторно да одлучува и да донесе интервентна, поништувачка одлука како евентуално би бил ослободен од кривична одговорност во постапката што против него е во тек.

Тргнувајќи од суштината на член 110 од Уставот произлегува дека Судот ја оценува уставноста само на оние закони кои што се дел од правниот поредок на Република Македонија, што со други зборови значи дека Уставниот суд е надлежен да ја оценува уставноста само на оние закони кои се во правна сила, односно важат и се применуваат на територијата на Република Македонија, а не и на закони кои што престанале да важат.

Притоа, во член 47 алинеја 1 од Деловникот, постои исклучок од вака определената надлежност и тоа за случаите кога Судот ќе најде основи за оценување на уставност во времето на важење на оспорените акти, но само под услов актот да престанал да важи во текот на постапката пред Уставниот суд за оценување на неговата уставност, а не и пред тоа, што овде не е случај.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби и пред се фактот што оспорената одредба како дел од Законот за локалните избори престанала да важи со влегувањето во сила на Изборниот законик, и повеќе не е дел од правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека како таква не може да биде предмет на оцена на уставноста пред Уставниот суд, заради постоење на процесни пречки за одлучување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 о д ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 206/2006
6 декември 2006 год.
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи