205/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 декември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законистоста на Дополнувањето на Колективниот договор на ЈП Македонија пат-Скопје бр.07-20/1 од 26.04.1999 година, како и Дополнувањето на Колективниот договор на ЈП Македонија пат-Скопје од 14.07.2003 година.

2. Стево Стојчев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законистоста на Дополнувањето на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените акти биле донесени спротивно на одредбите на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија бр. 80/2003), кој бил во сила во моментот на донесувањето на оспорените акти на ЈП Македонијa пат-Скопје.

Имено, подносителот на иницијативата наведува дека дополнувањата на Колективниот договор на ЈП Македонија пат не биле склучени во предвидената постапка, бидејќи истите биле донесени на состанок на синдикалната организација на ЈП Македонија пат-Скопје.

Поради наведените причини вo иницијативата се предлага Судот да ја оцени уставноста и законитоста на оспорените акти и истите до ги поништи.

3. Судот на седницата утврди дека дополнувањето на Колективниот договор, односно членот 108 точка 5 гласи:
„ Според должината на работниот стаж:
· од 5 до 10 години……….10 бода
· од 10 до 20 години……..20 бода
· од 20 до 30 години……..30 бода
· од 30 до 40 години……..40 бода. “

Оспорената одредба од член 108 точка 5 од колективниот договор пред дополнувањето предвидуваше дека критериумите и бодовите се определуваат од страна на стручна комисија во која свој претставник има и синдикатот, меѓу другото, и според должината на работниот стаж:
· од 5 до 10 години……….10 бода
· од 10 до 20 години……..20 бода
· од 20 до 30 години……..30 бода
· работник кој е до 5 години пред пензионирање.

Со дополнувањето на овој колективен договор бр.15/2 од 14 јануари 2003 година, која се оспорува со иницијативата, алинејата 4 на точката 5 од членот 108 од колективниот договор гласи: „ работник кој е до 5 години пред пензионирање “ се заменува со: „ од 30 до 40 години “.

Според Судот, дополнувањето на оспорената алинеја на точка 5 од членот 108 од Колективниот договор не е дополнување од суштинско значење, туку претставува техничка исправка, односно доследна опреационализација на критериумите и бодовите во однос на должината на работниот стаж, според кои на работниците ќе им престане работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални и слични промени.
4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописе и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со оглед на тоа што оспореното дополнување на наведениот колективен договор не е од суштинско значење, туку како што се наведува и во мислењето на ЈП „Македонија пат“ ( каде станува збор за техничка грешка при куцање (испуштена е четврта алинеја) на точката 5 од членот 108 од Колективниот договор), Судот согласно наведената деловничка одредба иницијативата ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова – Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.205/2007
12 декември 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски