205/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 16 и 17 март 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за усвојување на Генерален урбанистички план на град Тетово, бр.07-430/3 од 16 април 2003 година (“Службен гласник на граде Тетово” бр.3/2003), донесена од Советот на општина Тетово на седницата одржана на 16 април 2003 година.

2. Ќанија Јонузи, Зибер Мустафи и 15 други граѓани од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука била во спротивност со одредбите на членот 17, член 18 и член 21-а став 1 и 2, а особено со ставот 2 на овој член од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Како причини за тоа подносителите на иницијативата наведуваат дека тие не биле информирани за донесувањето на Генералниот урбанистички план, и дека не била спроведена јавна анкета ниту расправа. Или, поконкретно се наведува дека Генералниот урбанистички план не бил истакнат на јавно место, со што на заинтересираните граѓани им било скратено правото да достават свои забелешки и предлози. Исто така, се наведува дека не бил изготвен ниту извештај за стручната расправа и јавната анкета.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека при донесувањето на оспорената одлука не бил почитуван ниту Законот за гробиштата, а особено членот 2 од овој закон според кој кога нема место за закоп престанува функцијата на гробиштата. Не бил почитуван ни соодветниот правилник за класификација на објектите кои ја загадуваат животната средина според кој гробиштата спаѓале во четврта категорија на загадувачи, а помеѓу нив и станбените објекти требало да има зелена тампон зона хортикултурно уредена на растојание над 40 метра и оддалеченоста на станбените згради требала да биде од 201 до 500 метри што не било случај со постојните гробишта во населба “Дреновец” спрема новиот Генерален урбанистички план. Во овој контекст се укажува дека проблемот на гробиштата траел веќе 15 години и истиот требало да биде решен со донесувањето на Генералниот урбанистички план, ако бил почитуван законот.

Поради наведеното подносителите на иницијативата бараат Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја укине. Притоа во иницијативата не се наведува член од Уставот во однос на кој се оспорува нејзината уставност.

Во иницијативата, исто така, се предлага Судот, до донесувањето на конечната одлука, да донесе решение за запирање на сите дејствија, односно градежни работи што инвеститорот Јавното комунално претпријатие – Тетово ги презел во врска со рушењето на стариот ѕид и поставување на нов ѕид, односно ограда на православните градски гробишта во Тетово, согласно издаденото одобрение за градење. Со ова одобрение, според наводите во иницијативата, фактички се вршело проширување на гробиштата со оглед на тоа што при изработувањето на урбанистичкиот проект за изградба на новиот ѕид не бил почитуван членот 32 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, ниту Законот за изградба на инвестициони објекти.

Во прилог на иницијативата се доставени сите барања, односно поднесоци со кои жителите од населба “Дреновец” – Тетово се обраќале до надлежните органи во врска со решавање на проблемите околу гробиштата и одговорите, односно актите што ги добивале од тие органи.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука има само 3 члена, од кои во членот 1 се утврдува дека се усвојува Генералниот урбанистички план на град Тетово.

Според членот 2 од Одлуката, составен дел на оваа одлука е техничката документација изработена од јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови Скопје со тех. бр.01/03 од 1 јануари 2003 година и техничката документација со тех. бр.24/94, изработена од страна на АД “Комунапроект” – Тетово, кои не се објавуваат. Две копии остануваат во општината, а едно копие се доставува до Министерството за транспорт и врски ПЕ – Тетово.

Според членот 3, оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Тетово”.

4. Во однос на постапката во која е донесен Генералниот урбанистички план за град Тетово со Одлуката, чија уставност и законитост се оспорува со оваа иницијатива, врз основа на документацијата која е доставена од Советот на општина Тетово Судот на седницата ја утврди следната фактичка состојба:

Нацртот на Генералниот урбанистички план на град Тетово и документационата основа како прилог на овој план, биле изготвени од Заводот за урбанизам, проектирање и инженеринг “Комунапроект” АД Тетово, со тех.бр.24/94.

На Нацртот на планот била изработена стручна ревизија од страна на Институтот за просторно планирање, урбанизам, сообраќај и екологија “ИН-ПУМА” – Скопје, од април 1996 година.

Одговор на стручната ревизија дало АД “Комунапроект” – Тетово под бр.0701-266/1 од 26 март 1999 година.

Градоначалникот на општина Тетово, донел Одлука бр.08-562/2 од 24 мај 1999 година за организирање стручна расправа по нацртот на Генералниот урбанистички план на град Тетово.

Извештајот од одржаната стручна расправа, со претставници од органите, организациите и јавните претпријатија од подрачјето на опфатот со планот е изготвен од главниот архитект на градот, под бр.20-798/1 од 19 јули 2002 година, а известувањето за постапување по стручната расправа и стручната ревизија е од 13 февруари 2003 година под бр.20-146/1.

Сите забелешки од стручната расправа и стручната ревизија биле внесени во Предлогот на Генералниот урбанистички план на град Тетово, изработен од Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови, Скопје со тех.бр.01/03 од јануари 2003 година.

Министерството за транспорт и врски, врз основа на член 22 од Законот за просторно и урбанистичко планирање со акт под бр.13-1342 од 20 февруари 2003 година дало согласност на Предлогот на Генералниот урбанистички план на град Тетово.

Одлуката за усвојување на Генералниот урбанистички план на град Тетово е донесена од Советот на општина Тетово на седницата одржана на 16 април 2003 година, под бр.07-430/3 и оваа одлука е објавена во “Службен гласник на општина Тетово” бр.3/2003.

Од текстуалниот дел на Генералниот урбанистички план на град Тетово видно е дека поради решавање на проблемот околу христијанските гробишта, кои според постојната состојба, со сегашната површина не одговарале на стандардите, предвидена е нова локација во атарот на населеното место “Фалише”, со што во догледен период се планира дека ќе се реши проблемот на погребување на верниците од христијанска вероисповест. Уредувањето на локацијата за гробиштата е еден од приоритетите во првата етапа на развој предвидена за планираниот период со овој генерален урбанистички план (до 2012 година). Инаку, зоната, односно вкупната површина наменета за гробишта видно и од текстуалниот и од графичкиот дел на Генералниот урбанистички план на град Тетово изнесува 8,69 ха.

5. Видовите на планови, содржината, изработувањето, како и постапката за донесување на плановите се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање “Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002).

Во членот 7 од наведениот закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирање, покрај другите, се донесува и генерален урбанистички план.

Според член 10 став 1 од Законот, генерален урбанистички план се донесува за подрачје на населено место, стопански комплекс и за други подрачја предвидени за градба. Според ставот 2 на овој член од Законот, генералниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границите на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните единици и блокови и за инфраструктурата. Билансните показатели содржат податоци за површините и намените на земјиштето, показатели за инфраструктурата и параметри за уредување на просторот на урбаните блокови согласно со соодветните стандарди и нормативи. Во ставот 3 на овој член е утврдено дека документацијата на генералниот урбанистички план за постојната состојба и проекциите претставуваат документациона основа на планот која заедно со нацртот на планот се доставува на стручна ревизија.

Понатаму, во член 17 став 1 од Законот е утврдено дека плановите од член 7 на овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план. Според ставот 2 на овој член од Законот, по нацртот на генералниот урбанистички план се организира стручна расправа со учество на претставници на органите и организациите од подрачјето опфатено со планот, а според ставот 5, стручната расправа по генералниот урбанистички план ја организира општината, односно градот Скопје.

Според член 18 став 3 од Законот, извештај за стручната расправа за плановите од членот 17 став 5, меѓу кои и за генералниот урбанистички план, со образложение за неприфатените забелешки изработува општината, односно градот Скопје.

Согласно член 19 од Законот, пред организирањето на стручната расправа и јавната анкета, на нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија која ја врши правно лице кое има добиено овластување од членот 16 став 1 на овој закон, што го определува градоначалникот. Изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето на стручната ревизија.

Според членот 21-а од Законот, при изработување на урбанистички план од членот 7, точка 2, општ акт од членот 25 и урбанистички проект од членот 32 на овој закон, задолжително се применуваат нормативи и стандарди за уредување на просторот, кои, пак, согласно, ставот 3 на овој член, ги донесува министерот надлежен за работите на уредувањето на просторот.

Според членот 22 став 3 од Законот, општината донесува урбанистички планови од членот 7 точка 2 од овој закон, меѓу кои е и генералниот урбанистички план, а според ставот 6 на овој член, урбанистичките планови од ставот 3 се донесуват по издавањето согласност на предлогот на планот од страна на министерството надлежно за работите на уредувањето на просторот.

Од изнесените законски одредби произлегува дека Законот за просторно и урбанистичко планирање не предвидува обврска по генерален урбанистички план да се спроведува јавна анкета, со излагање на планот на јавно место, во која би учествувале и заинтересираните граѓани од конкретното подрачје опфатено со планот.

Имајќи го предвид наведеното, како и фактот дека по нацртот на Генералниот урбанистички план на град Тетово е спроведена стручна расправа и извршена стручна ревизија и дека надлежното министерство дало согласност на Предлогот на планот, Судот утврди дека овој план е донесен во постапка утврдена со Законот за просторно и урбанистичко планирање. Оттука, наводите во иницијативата дека Генералниот урбанистички план на град Тетово не бил во согласност со членовите 17 и 18 од овој Закон затоа што не била спроведена јавна анкета се ирелевантни, односно не можат да претставуваат основ за сомневање во согласноста на оспорената одлука со наведените членови од Законот, бидејќи според нив јавната анкета не е дел од постапката за донесување на генерален урбанистички план, како што е тоа случај со деталниот урбанистички план.

Со оглед на тоа што законитоста на оспорената одлука со иницијативата се оспорува и во однос на членот 21-а од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Судот утврди дека неможе да се постави прашањето за нејзината согласност ни со овој член од Законот. Ова од причини што стандардите и нормативите на кои се упатува во овој член од Законот се задолжителни за изработувачите на урбанистичките планови, па оттука Судот не е надлежен да одлучува дали тие во конкретниот случај се почитувани или не. Исто така, имајќи предвид дека стандардите и нормативите за планирање на просторот се утврдени во соодветниот правилник донесен од министерот надлежен за работите на уредување на просторот, а не со закон, а како овој правилник и генералниот урбанистички план се прописи со иста правна сила (подзаконски прописи), Судот не е надлежен да ја оценува нивната меѓусебна согласност.

Наведеното на соодветен начин се однесува и во врска со наводите во иницијативата со кои Генералниот урбанистички план на град Тетово се оспорува и од аспект на Законот за гробиштата, Законот за заштита и унапредување на животната средина и природата и посочениот Правилник за класификација на објектите кои ја загадуваат животната средина. Имено, со оглед на тоа што како основа за оспорување со овие прописи се наведува непочитувањето на одредбите за утврдување на степенот на загаденоста на воздухот и растојанието кое треба да постои меѓу станбените објекти и гробиштата, Судот утврди дека и овие прашања кои се од стручно-технички карактер и не се однесуват на правните аспекти на постапката за донесување на урбанистичките планови, излегуваат надвор од границите на неговата надлежност.

Конечно, во врска со издаденото одобрение за изградба на ограден ѕид на постоечките православни гробишта во Тетово, за чиј урбанистички проект се наведува дека не бил почитуван членот 32 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно пропишаните стандарди и нормативи и дека издаденото одобрение не било во согласност ни со Законот за изградба на инвестициони објекти, Судот утврди дека подносителите на иницијативата заштитата на нивните права и интереси за кои сметаат дека им се повредени со овие акти треба да ја остваруваат во постапка пред други надлежни органи, а не во постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука за усвојување на Генералниот урбанистички план на град Тетово пред овој суд.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.205/2004
16 и 17 март 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова