204/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 декември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 44 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 17/79, 18/89 и 21/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.71/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Стамен Филипов од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 44 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба се давало можност собранието на општината да утврдува надоместок за употреба на градежното земјиште и да ја определува висината на надоместокот, а сопствениците на недвижен имот се оптеретувале за иста работа да плаќаат данок на имот и надоместок за употреба на градежно земјиште, што не било во согласност со членовите 8, 9, 33, 51 и 68 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 44 став 1 од Законот за градежно земјиште, собранието на општината може да утврди надоместок за употреба на градежното земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации. Според ставот 2 од овој член, со одлуката од став 1 на овој член се уредува висината, роковите на плаќањето и начинот на пресметувањето на надоместокот, според ставот 3 од овој член, надометокот од став 1 на овој член го плаќа непосредниот корисник на таквото земјиште, а според ставот 4 од овој член од Законот, како непосреден корисник, во смисла на став 3 од овој член, се смета носителот на правото на користење на недвижности, сопственикот и носителот на станарското право.

4. Уставниот суд на Република Македонија, постапувајќи по предметот У.бр.161/94, со Решение од седницата одржана на 25 октомври 1994 година, не повел постапка за оценување уставноста на член 44 од Законот за градежно земјиште, бидејќи оценил дека со закон може да се утврди обврска за плаќање надоместоци за уредување и уптореба на градежното земјиште заради оспособување на градежното земјиште за градба односно заради погодностите што на корисникот му ги пружа изграденото градежно земјиште, независно од околноста што со други закони е можно да се пропише и обврска за плаќање данок на имот за зградите што се наоѓаат на тоа земјиште и дека има основ општината со своја одлука да ја утврди висината и начинот на плаќање на надоместоците за употреба и за уредување на градежното земјиште. Исто така, Судот постапувајќи по предметот У.бр.7/96, во кој повторно ја оценувал уставноста на член 44 од Законот, со Решение од 31 јануари 1996 година, не повел постапка за оценување уставноста на овој член од Законот, бидејќи оценил дека е во согласност со членовите 33, 54, 56, 68, 114 и 115 од Уставот.

Судот постапувајќи по предметот У.бр.8/96, со решение од 14 февруари 1996 година и по предметот У.бр.111/97, со решение од 10 септември 1997 година, ги отфрлил иницијативите за поведување постапка за оценување уставноста на член 44 од Законот за градежно земјиште, бидејќи оценил дека за тие прашања веќе одлучувал и не нашол основи за поинакво одлучување.

Тргнувајќи од фактот дека Судот постапувајќи по горенаведените предмети ја оценувал уставноста на член 44 од Законот за градежно земјиште и не повел постапка за оценување на неговата уставност, односно ги отфрлил иницијативите во тој дел, Судот оцени дека за тие прашања веќе одлучувал и не наоѓа основи за поинакво одлучување.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.204/97)