199/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 април 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата во одделот “регистрација на возила” (членовите од 325 до 347 од Законот).

2. Илија Илиевски од Струмица, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што недоследно се применувал во практиката при регистрација на моторните возила, што не било согласно со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорените одредби од Законот се уредуваат прашања во врска со техничкиот преглед на возилата, издавањето на сообраќајни дозволи и потврди за регистрација, се определуваат возилата што носат по две или по една регистарска табличка, постапката за регистрација на возилата и сл.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Судот, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.

Исто така, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Со оглед на тоа дека со иницијативата се бара оценување на примената во практиката на одделот “регистрација на возила” (членовите од 325 до 347) од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, согласно член 110 од Уставот и член 28 од Деловникот, Судот оцени дека е ненадлежен да одлучува по истата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.199/99
12 април 2000 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков