У.бр.193/2008

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 февруари 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Тарифата на Централниот регистар на Република Македонија, донесена од Управниот одбор на Централниот регистар на Република Македонија, бр. 02-01/38 од 05.09.2007 година, во делот „за дејствијата кои не се наброени ќе се наплаќа паушал од 505,00 денари“, на која Владата на Република Македонија има дадено согласност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 119/2007).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на член 3 од предлог-договорот за користење на интернет дистрибутивен систем од трговскиот регистар и регистарот на други правни лица објавен на веб страната на Централниот регистар на Република Македонија.

3. Александра Илиева, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесe иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, Тарифата на Централниот регистар на Република Македонија, во делот „за дејствијата кои не се наброени ќе се наплаќа паушал од 505,00 денари“ била во спротивност со член 29 став 3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, затоа што Владата била должна да го наведе износот на материјален трошок на секоја информација посебно, а не паушално како што било наведено во оспорената одредба. На тој начин се наложувало наплата и за информации од јавен карактер кои требало да бидат бесплатни, а на оспорениот начин можеби се наплатувало и повеќе од вистинскиот материјален трошок. Превисокиот паушален износ за добивање на информации од јавен карактер, кој бил највисок од целата тарифа, бил во спротивност и со член 16 ставовите 2 и 3 од Уставот.

Согласно член 3 од оспорениот предлог- договор, за увид во податоците со кои располагал Централниот регистар на Република Македонија, на субјектите им се наплатувал износ од 10.000,00 денари, што било во спротивност со член 29 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, според кој, увидот требало да биде бесплатен. Исто така, член 3 од овој договор бил во спротивност и со член 16 став 2 од Уставот, каде се гарантирало правото на слободен пристап до информациите.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да ги поништи оспорените одредби.

4. Судот на седницата утврди дека според член 1 став 1 од Тарифата на Централниот регистар на Република Македонија, за извршените услуги од делокругот на својата работа, кој е утврден со Законот за Централен регистар или со друг закон, а кои се однесуваат на упис, внесување, обработување, обединување, класифицирање, селектирање, складирање, чување и користење на податоците, Централниот регистар на Република Македонија наплаќа соодветен надоместок кој е утврден во оваа тарифа, чиј составен дел е табеларен преглед во кој се прикажани тарифните стапки, видот на услугата и основата на пресметката искажана во денари. Согласно став 2 на овој член, за дејствијата кои не се наброени во став 1 од овој член, ќе се наплаќа паушален износ од 505,00 денари.

Предлог – договорот за користење на интернет дистрибутивен систем од трговскиот регистар и регистарот на други правни лица, е објавен на веб страната на Централниот регистар на Република Македонија, како образец на договор за склучување на поединечни договори помеѓу Централниот регистар на Република Македонија, како давател на услугата, од една страна и иден корисник на услугата, од друга страна, со кој ќе се уредуваат правата, обврските и одговорностите на двете идни договорни страни во однос на предметот на договорот, времетраењето и јазикот на договорот, доделувањето на контролорски акаунт, точноста на податоците, достапните податоци и начинот на нивното користење, виша сила, лица за контакт, корупциско или измамничко однесување, применлив закон, решавање на спорови и завршни одредби.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 16 став 3 од Уставот, се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување информации.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно член 18-а став 1 од Законот за централен регистар („Службен весник на Република Македонија“ бр. 50/2001, 49/2003, 109/2005 и 88/2008), за извршените услуги од делокругот на својата работа, кој е утврден со овој или друг закон, а кои се однесуваат на упис, внесување, обработување, обединување, класифицирање, селектирање, складирање, чување и користење на податоците во Централниот регистар на Република Македонија, како и дистрибуирање на податоците до заинтересираните корисници, Централниот регистар на Република Македонија наплаќа соодветен надоместок кој се утврдува со Тарифа на Централниот регистар, која ја донесува Управниот одбор на Централниот регистар, а на која согласност дава Владата на Република Македонија.

Согласно наведената законска регулатива, Управниот одбор на Централниот регистар на Република Македонија, на седницата одржана на 5 септември 2007 година, донел Тарифа на Централен регистар на Република Македонија, бр. 02-01/38 од 5.09.2007 година, со која го утврдил надоместокот за извршените услуги од делокругот на својата работа.

Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 2 октомври 2007 година, донела Одлука бр. 19-4162/1 од 2 октомври 2007 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 119/2007) со која дала согласност на Тарифата на Централен регистар на Република Македонија, бр. 02-01/38 од 5.09.2007 година.

Со наведената тарифа се опфатени услугите од делокругот на Централниот регистар на Република Македонија наведени во член 18-а од Законот, при што е утврден надоместок за секоја поединечна услуга, односно дејност (вкупно 74), со тоа што е оставена можност за дејствија кои не се наброени во табеларниот преглед на оваа тарифа, да се наплаќа паушал во износ од 505,00 денари

Според Судот, наводите во иницијативата дека плаќањето на паушален износ било несогласно со член 29 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и со член 16 став 3 од Уставот, се неосновани. Имено, согласно член 29 став 3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр. 13/2006 и 86/2008), Владата на Република Македонија на предлог на Министерството за финансии ќе донесе акт со кој се утврдува надоместокот за материјалните трошоци за дадената информација од имателите на информации.

Меѓутоа, во конкретниот случај, правен основ за донесување на оспорената тарифа е член 18-а од Законот за централен регистар, а не член 29 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Оспорената тарифа е донесена од Централниот регистар на Република Македонија, а Владата само дала согласност на Тарифата. Од наведеното произлегува дека станува збор за два различни акта кои уредуваат прашања за висината на надоместокот кога се користат одредени податоци, односно информации, но едниот акт се однесува на надоместокот на материјални трошоци кој го пресметуваат давателите на информации од јавен карактер согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а другиот, оспорениот акт, се однесува на надоместоците кои ги наплаќа Централниот регистар на Република Македонија за услугите од негова надлежност, согласно Законот за централен регистар како посебен закон со кој се уредува работењето на Централниот регистар.

Поради тоа, Судот оцени дека нема правен основ оспорената тарифа да се разгледува и цени во однос на нејзината согласност со член 29 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно дека паушално определениот износ во оваа тарифа не треба да се поистоветува со материјален трошок за добиена информација во смисла на оваа законска одредба.

Предвидувањето на паушален надоместок за дејствијата кои не се наброени во член 1 став 1 од оспорената Тарифа, во ситуација кога со Тарифата се наброени 74 конкретни дејствија за кои се плаќа надомест, според Судот, не е во спротивност со член 18-а од Законот за Централен регистар, како основ за донесување на Тарифата. Ова од причина што Законот ги определува дејствијата за кои се плаќа надоместок, па оттука, и надоместокот во паушален износ се однесува единствено за таков вид на дејствија и претставува претпоставка за целосна операционализација на законската одредба. Висината на паушалниот надоместок, пак, подлежи на согласност од Владата на Република Македонија и Уставниот суд не е надлежен за оцена на целисходноста на таквото решение.

Поради тоа, Судот оцени дека не се основани наводите во иницијативата дека со определениот паушален износ се повредувало уставно гарантираното право на јавно информирање и слободен пристап до информациите.

Имајќи го предвид наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на Тарифата на Централниот регистар на Република Македонија, бр. 02-01/38 од 05.09.2007 година, во делот „за дејствијата кои не се наброени ќе се наплаќа паушал од 505,00 денари“ со член 16 ставовите 2 и 3 од Уставот и член 29 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

6. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека оспорениот предлог-договор за користење на интернет дистрибутивен систем од трговскиот регистар и регистарот на други правни лица, објавен на веб страната на Централниот регистар на Република Македонија, нема карактер на пропис, поради што не е подобен за уставносудска оцена.

Имено, оспорениот предлог договор е само образец за склучување на поединечни договори помеѓу Централниот регистар на Република Македонија, како давател на услугата, од една страна и иден корисник на услугата, од друга страна, со кои ќе се уредуваат правата, обврските и одговорностите на двете идни договорни страни при користењето на интернет дистрибутивниот систем на Централниот регистар. Оттука, произлегува дека оспорениот предлог- договор со кој би се уредувале облигационо-правните односи помеѓу договорните страни не е пропис кој според својот доносител и содржината која ја уредува, би подлежел на уставносудска оцена.

Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.193/2008
11 февруари 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски