192/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 јануари 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за одржување на комуналната хигиена на подрачјето на Општина Гостивар, донесена од Собранието на Општина Гостивар на 28 јуни 1985 година.
2. На Уставниотсуд на Република Македонија, Александар Арсовски од Скопје и група граѓани му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што наплатуваето на ѓубретарината за дворно место на викендичките не било во согласност со закон бидејќи дворните мста биле всушност под ливада или шума од каде никој не го собирал ѓубрето, а со оглед на тоа што користењето на викендичките во просек се движело најповеќе 30-40 дена во годината не се ни создавало ѓубре во дворните места.
3. На седницата Судот утврди дека со одредбите на оспорената одлука се регулира одржувањето на комуналната хигиена на подрачјето на Општина Гостивар. Според член 4 од Одлуката, одржувањето на комуналната хигиена на подрачјето на град Гостивар ја врши РО “Водовод” ООЗТ “Солидарност” додека одржувањето на комуналната хигиена во туристичкиот регион околу Мавровското езеро ја врши РО “Маврово” од Мавриви Анови, ако со одредбите на оваа одлука не е определено поинаку. Согласно член 5 од Одлуката, овие организации услугите ги вршат со надоместок чија висина се регулира со посебна одлука. Под смет, во смисла на оваа Одлука, се сметаат отпадоците што се создаваат во секојдневниот живот и работа во станбените и други корисни површини, како и отпадоците од градинарски, овошни и други култури од дворните места, односно се она што се подразбира како отпадни материјали во смисла на Правилникот за техничките мерки и услови за изградба на простор и уреди за собирање и однесување на отпадните материи од странбените згради. Согласно оваа Одлука, РО “Маврово” од Маврови Анови која врши одржување на комуналната хигиена во туристичкиот регион Маврово е должна да врши изнесување и транспортирање на сметот од сите корисни површини и простории како и негово депонирање на посебно уредени депонии. Под корисни површини и простории се сметаат станбени и други корисни простории на домаќинства, визби, шут, гаражи, скали; дворни површини што се користат од домаќинствата; деловни и работни простории; дворни површини на ООЗТ и на други правни и граѓанско-правни лица и други површини што се користат од ООЗТ и други правни и граѓанско-правни лица и граѓани.
4. Според член 115 став 1 и 2 од Уставот во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, меѓу кои и за прашањата од областа на комуналните дејности, при што општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон.
Според член 12 став 1 од Законот за работењето и управувањето на организациите на здружениот труд што вршат комунални дејности од посебен општествен интерес, (“Службен весник на СРМ” бр.36/77) условите и начинот на користење на комуналните услуги, како и правата и обврските на корисниците и давателите на услугите се утврдуваат со прописи на општината.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека општината е овластена со свој пропис да го утврди, покрај другото, начинот на користењето на комуналните услуги и во тие рамки да го определи начинот на наплатувањето на комуналните услуги, меѓу кои и изнесувањето на сметот од станбените површини и од дворните места.
Со оглед на тоа што со оспорената одлука е пропишан начинот на користењето на комуналните услуги односно одржувањето на комуналната хигиена, пред Судот не се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.
Што се однесува до наводите од иницијативата дека никој не го собирал сметот и дека заради поврешено користење на викендичките не се создавал смет во дворните места, Судот оцени дека се тоа фактички прашања за кои Судот не е надлежен да одлучува.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.192/94).