191/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 10 и 11 декември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението за престанок на финансирањето на центрите за детско творештво (пионерски домови) во Република Македонија број 10-3876/1 од 6 ноември 2001 година на Министерството за образование и наука.

2. Центарот за детско творештво “Ѓоре Органџиев” ц.о.од Велес, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иници јативата со оспорениот акт се повредувале преодните и завршни одредби од Законот за основното образование во кои било предвидено континуитет на постоењето и функционирањето на центрите за детско творештво, како составен дел на концептот на основното образование во Република Македонија. Одредбите од Законот предвидувале средствата за финасирање на дејноста на основното образование да се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, а воедно врабо тените во министерствата имале статус на државни службеници според одредбите на Законот за државните службеници. Оттука, донесеното Решение не било во согласност со споменатите закони.

Несогласноста на оспореното Решение по однос на членот 44 од Уставот и Конвенциите за заштита на децата, подосителот на иницијативата ја согледува во предвиденото самофинансирање на центрите за детско творештво што директно паѓало на товар на буџетот на децата и нивните родители. Со вака предвидениот начин за финансирање се запоставувал училишниот процес по однос на талентираните ученици, кои афинитетите за одделни области ги развивале токму во центрите за детско творештво.

3. Судот на седницата утврди дека со оспореното решение се определува дека Министерството за образование и наука од 1 јануари 2002 година, престанува со финансирање на центрите за детско творештво (пионерски домови) и тоа плати и други надоместоци, како и материјални трошоци за работа на истите и дека Министерството ќе обезбеди средства за таа намена заклучно со 31 декември 2001 година.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по неа и ако за истата работа веќе одлучувал, а не постојат основи за поинакво одлучување.

Со Решението У.бр. 249/2001 од 23 јануари 2002 година, Уставниот суд на Република Македонија ја отфрлил иницијативата на Центарот за детско творештво “Вита Поп-Јорданова” од Штип, бидејќи нашол дека оспореното Решение за престанок на финансирањето на центрите за детско творештво (пионерски домови) во Република Македонија број 10-3876/1 од 6 ноември 2001 година на Министерството за образование и наука не претставува пропис во смисла на членовите 51, 52 и 110 од Уставот и затоа не подлежи на уставносудско оценување.

Уставниот суд по повод сега поднесената иницијатива на Центарот за детско творештво “Ѓоре Органџиев” ц.о. од Велес, оцени дека не постојат поинакви основи за одлучување од утврдените при донесувањето на Решението У.бр.249/2001 од 23 јануари 2002 година.

5. Врз основа на изнесеното, а имајќи предвид дека Уставниот суд веќе го оценил оспорениот акт во постапката по предметот У.бр.249/2001 и ја отфрлил поднесената иницијатива наоѓајќи дека актот нема карактер на пропис, како и тоа дека не постојат поинакви основи за одлучување, се одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.191/2003
10 и 11 декември 2003 год.
С к о п ј е
ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова