189/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 мај 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 145-а од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 4/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006 и 153/2007).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Во иницијативата најнапред се укажува на член 136 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, дека во постапката за решавање на правата од пензиското и инвалидското осигурување се применуваат прописите за општата управна постапка, и на член 267 од Законот за општата управна постапка, дека управното решение се огласува за ништовно во случаите определени во таа законска одредба. При таква состојба, се смета дека одредбата од оспорениот член 145-а значело дека се повредува уставното начело – владеење на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија бидејќи одредбата била излишна.

Подносителот на иницијативата укажува и на член 16 од Законот за општата управна постапка, дека правосилно управно решение може да се поништи, укине или измени и тоа само во случаи утврдени со закон, што е разработено во членовите 263-266 од Законот за општата управна постапка, а не и да се огласи за ништовно како што определува оспорениот член 145-а.

Исто така се укажува на член 269 став 1 од Законот за општата управна постапка, дека со огласувањето на решението за ништовно се поништуваат и правните последици што ги произвело таквото решение, а не како што определува оспорениот член 145-а, дека правните последици настапуваат од првиот ден на наредниот месец по донесувањето на решението со кое се губи стекнатото право. Подносителот на иницијативата смета дека членот 145-а од Законот за пензиското и инвалидското осигурување го повредува член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека членот 145-а е систематизиран во Глава VIII – „Остварување, користење и губење на правата“, Поднаслов 1. „Остварување на правата“ од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Притоа, во оваа глава и поднаслов се уредуваат прашања за постапката околу правата за пензиското и инвалидското осигурување.

Членот 145 од Законот, кој претходи на оспорениот член 145-а, определува: „Правосилно решение, по барање на странката или по службена должност, може да се измени со ново решение, ако со правосилното решение е повреден законот или општ акт на Фондот на штета на странката“ (став 1). „Ако со правосилното решение е повреден законот или општ акт на Фондот на штета на странката, правото по новото решение припаѓа од денот кога се исполнети условите за стекнување со правото“ (став 2).

Оваа одредба е содржана во Законот од 1993 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993 од 30 декември 1993 година).

Според оспорениот член 145-а од Законот: „Правосилно решение со кое на осигуреникот му е признато право, кое според прописите од пензиското и инвалидското осигурување не му припаѓа со ново решение се огласува за ништовно, целосно или делумно“ (став 1). „Правните последици од огласувањето на решението за целосно или делумно ништовно, настапуваат од првиот ден на наредниот месец по донесувањето на решението со кое стекнатото право се губи, целосно или делумно“ (став 2).

Оваа одредба е внесена во основниот текст на Законот за пензиското и инвалидското осигурување со член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2006 од 6 јуни 2006 година).

Во член 3 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005) е предвидено дека по одредбите на овој закон се постапува доколку не постојат други управно-процесни одредби во посебни закони.

Од изнесените законски одредби, покрај другото, произлегува дека во основниот текст на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993) е предвидено да може да се измени правосилно управно решение со кое се повредува законот или општ акт на Фондот на штета на странката (член 145) и дека со оспорената законска одредба се предвидува ништовност на правосилно управно решение со кое на осигуреникот му е признато право кое не му прапаѓа по прописите за пензиското и инвалидското осигурување, со тоа што последиците од таа ништовност настапуваат од првиот ден на наредниот месец по донесување на решението, не и пред тоа (член 145-а ставовите 1 и 2). Од наведената одредба на Законот за општата управна постапка произлегува дека одредбите од тој закон се применуваат доколку непостојат други управно-процесни одредби во посебни закони.

4. Според член 34 од Уставот: „Граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор“.

Од изнесената уставна одредба, покрај другото, произлегува дека со закон и со колективен договор се уредуваат материјалните и процесните права на граѓаните поврзани со социјалното осигурување, вклучително и пензиското и инвалидското осигурување.

Со оглед на тоа што Законот за пензиското и инвалидското осигурување уредува, покрај материјални, и одделни процесни правила за остварување на пензиско и инвалидско осигурување (на пр. член 145), вклучително и правилото на огласување за ништовно на правосилно решение со кое на осигуреник му е признато право но кое не му припаѓа според прописите за пензиско и инвалидско осигурување, при што последиците од огласувањето на ништовноста настапуваат од наредниот месец (член 145-а ставовите 1 и 2), како и што таквата законска одредба, според член 3 од Законот за општата управна постапка, има примарно значење во однос на соодветните одредби од Законот за општата управна постапка, Судот утврди дека оспорениот член 145-а од Законот е во согласност со наведената уставна одредба и не е во несогласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија..

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.189/2007
7 мај 2008 година
С к о п ј е
лк/Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски