189/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 29 декември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на член 14 во глава 4 на Протоколот бр. 2 од Законот за ратификација на Спогодбата за соработка помеѓу Република Македонија и Европската заедница (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/97).

2. АД “Пелистер” од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на согласноста на означениот член од ратификуваната спогодба означена во точка 1 од ова решение, со Царинскиот закон (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/98) и со Уредбата за враќање на царина за увезени стоки употребени во производството на стоки за извоз (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/96 и 67/97) затоа што со него се ограничувало правото на враќање на царина на увезени стоки од Европската заедница употребени во производство за извоз, што било утврдено со Царинскиот закон и означената уредба. Притоа, иницијативата се повикува на член 51 од Уставот на Република Македонија според кој законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, за да се покаже дека и ратификуваните меѓународни договори мора да бидат во согласност со законите на Република Македонија.

3. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите, како и за други прашања утврдени
во тој член и во други членови од Уставот, но не и за меѓусебната согласност на законите односно меѓусебната согласност на другите прописи од ист ранг во хиерархијата на правните акти.

Врз основа на тоа, без оглед на тоа што Законот за ратификација на Спогодбата за соработка помеѓу Република Македонија и Европската заедница согласно член 118 од Уставот на Република Македонија е дел од внатрешниот поредок на Република Македонија, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за неговата согласност со царинскиот закон, а уште помалку со означената уредба.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.189/99
29 декември 1999 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков