182/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 29 октомври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 38 став 9 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, критериумите за издавање на одобрението за сеча во приватните шуми требало да бидат пропишани со Законот за шумите или некој друг закон, а не со подзаконски пропис на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, како што било предвидено во делот од оспорената одредба. Ова од причина што министерот бил извршен орган на државната управа и тој требало да работи врз критериумите и во рамките пропишани со Уставот и законите, а не тој да пропишува критериуми за одобрение за сеча во приватните шуми. Подносителот на иницијативата смета дека оспорената законска одредба била во спротивност со член 8 алинеи 3 и 6, член 30, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија и предлага Судот да поведе постапка за оценување на нејзината уставност.

3. Судот на седницата утврди дека според член 38 став 1 од Законот за шумите, сеча во шума во приватна сопственост се врши со одобрение за сеча. Според ставот 2 на овој член од Законот, одобрение за сеча во шума во приватна сопственост издава јавното претпријатие, односно правното лице кое врши одгледување и заштита на шумата за посебна намена, по барање на сопственикот на шумата. Согласно ставот 3 на овој член од Законот, одобрение за сеча во приватна шума која е сопственост на повеќе сосопственици, може да се издаде само врз основа на заедничко барање од сите сосопственици. Судот понатаму утврди дека согласно ставот 9 од Законот, чиј дел е оспорен со иницијативата, формата и содржината на барањето од ставовите 2 и 3 на овој член потребната документација, критериумите за издавање на одобрението за сеча и начинот на вршење на сеча во приватните шуми го пропишува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, според членот 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, е и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Согласно член 51 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Во членот 91 алинеи 1 и 5 од Уставот е утврдено дека Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/1997, 7/2000, 89/2004, 54/2007 и 103/2008) се уредува одгледувањето, користењето и заштитата на шумите (член 1).

Во членот 2 од овој закон е утврдено дека шумите како природно богатство се добро од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Согласно член 3 став 1 од овој закон шума, е земјиште обраснато со шумски видови дрвја и грмушки, како и шумски голини и ливади, шумски патишта, шумски расадници и другите површини кои се тесно поврзани со шумите.

Според член 4 став 3 од овој закон, користење на шумите во смисла на овој закон е сечење на дрвја и производство на шумски сортименти, одгледување, собирање и производство на други шумски производи (шумски плодови, лековити растенија или нивни делови, печурки, лишаи, мов, семе, смола, камен и друго), ставање во промет на дрво и други шумски производи, како и користење на шумите за туризам, лов и рекреација.

Според ставот 4 на истиот овој член од Законот, заштита на шумите, во смисла на овој закон, е заштита од противправно присвојување и користење, бесправни сечи, пожари, растителни болести и штетници, напасување на добиток, желадење, противправно собирање на други шумски производи и други оштетувања.

Во членот 5 од Законот е определено дека одгледувањето, користењето и заштитата на шумите (во натамошниот текст: стопанисување со шумите) е дејност од јавен интерес.

Според член 12 од овој закон кој е поместен во Глава II со наслов „Стопанисување со шумите“, точка 1 со поднаслов „Шуми за стопанска и за посебна намена“, се предвидува дека според намената шумите можат да бидат за стопанска и за посебна намена.

Согласно член 17 од овој закон, за стопанисување со шумите во државна сопственост за стопанска намена, Владата на Република Македонија основа јавно претпријатие за стопанисување со шуми.

Во точка 3 од оваа Глава од Законот, законодавецот во повеќе одредби го уредил прашањето за користење на шумите.

Според член 31 од Законот, користењето на шумите се врши според намената и на начин кој обезбедува трајно зачувување и зголемување на вредноста на шумите, постојано зголемување на нивниот прираст и принос, како и зачувување и унапредување на нивните општокорисни функции. Користење може да се врши само на оние шуми за кои е донесен посебен план.

Согласно член 32 став 1 од Законот, сеча во шума се врши само по претходна ознака за сеча, а согласно ставот 2 на овој член, под ознака за сеча се подразбира: одбирање и означување на стебла за сеча и евидентирање на дрвната маса при стеблимичната сеча, како и обележување на површината и евидентирање на дрвната маса при површинска чиста сеча. Во ставот 3 е дефинирано дека стеблимична сеча е поединечна сеча на одбрани стебла, а површинска чиста сеча е сеча на сите стебла во одделот односно пододделот. Согласно ставот 4 на овој член од Законот, ознака за сеча се врши според предвидувањата во посебните планови. Според ставот 5 на истиот член од Законот, ознака при стеблимична сеча се врши до 31 октомври во тековната за наредната година и тоа во обем од најмногу 80% од предвидената дрвна маса. Остатокот од дрвната маса дополнително се означува после извршената сеча според претходната ознака. При дополнителната ознака се означуваат и се евидентираат сите неозначени стебла кои се оштетени при сечата. Согласно ставот 6 на овој член од Законот, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го пропише начинот на вршење на ознака за сеча.

Според член 33 став 1 од Законот, ознака за сеча во државна и во приватна шума како и на ретки видови на дрвја и дрвја надвор од шумата врши јавното претпријатие, односно правното лице кое врши одгледување и заштита на шумата за посебна намена, а според ставот 2, за вршење ознака за сеча согласно со став 1 на овој член, во приватна шума средства обезбедува сопственикот на шумата.

Според член 34 од Законот, ознака за стеблимична сеча можат да вршат само стручни лица со високо образование од шумарска насока, со најмалку две години работно искуство во шумарството, а за површинска чиста сеча, стручни лица со високо образование од шумарска насока со најмалку една година работно искуство во шумарството, или шумарски техничар со најмалку шест години работно искуство во шумарството.

Во членот 35 од Законот е пропишано дека јавното претпријатие и другите правни лица кои вршат одгледување и заштита на шумите со посебна намена се должни за извршената ознака за сеча да го известат шумарскиот инспектор во рок од 15 дена од денот на завршувањето на ознаката. Не може да се врши сеча ако ознаката не е извршена на целата површина од пододделот односно одделот и ако не е извршен преглед на ознаката од шумарскиот инспектор.

Членот 37 од Законот предвидува забрана за вршење на сеча во државна шума од страна на физички лица заради препродажба.

Во членот 37-а од Законот е уредено прашањето за вршење сеча во државна шума од страна на физички лица заради обезбедување на сопствени потреби. Според ставот 1 на овој член, дозволено е вршење сеча во државна нискостеблеста шума од страна на физички лица заради обезбедување на сопствени потреби. Според ставот 2 на истиот член од Законот, сечата во државна шума заради обезбедување на сопствени потреби се врши по претходно поднесено барање од физичкото лице до јавното претпријатие, односно правното лице кое врши одгледување и заштита на шумата за посебна намена. Ставот 3 на овој член од Законот предвидува дека за извршената сеча од ставот 1 на овој член физичките лица плаќаат надоместок согласно со ценовникот на јавното претпријатие, односно правното лице кое врши одгледување и заштита на шумата за посебна намена. Согласно ставот 4 на овој член, за исечената дрвна маса од ставот 1 на овој член јавното претпријатие, односно правното лице кое врши одгледување и заштита на шума со посебна намена, води евиденција на посебен образец. Ставот 5 од овој член на Законот, предвидува дека начинот на обезбедување за сопствени потреби со огревно дрво на физички лица од државна шума, количината на огревно дрво, формата и содржината на образецот од ставот 3 на овој член ги пропишува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Прашањето за вршење на сеча во шуми во приватна сопственост е уредено со членот 38 од Законот за шуми. Согласно ставот 1 на овој член, сеча во шума во приватна сопственост се врши со одобрение за сеча. Според ставот 2 на истиот член од Законот, одобрение за сеча во шума во приватна сопственост издава јавното претпријатие, односно правното лице кое врши одгледување и заштита на шумата за посебна намена, по барање на сопственикот на шумата, а согласно ставот 3, одобрение за сеча во приватна шума која е сопственост на повеќе сосопственици, може да се издаде само врз основа на заедничко барање од сите сосопственици. Во ставот 4 на овој член од Законот е предвидено дека поединец кој е сосопственик на шума во смисла на став 3 од овој член, може да добие одобрение за сеча само со овластување од другите сосопственици. Според ставот 5 на овој член, со одобрението од став 2 на овој член се утврдуваат дрвната маса за сеча и мерките за обновување, одгледување и заштита на шумите, како и рокот за нивно извршување. Во став 6 на овој член е утврдено дека средства за извршување на мерките од став 5 на овој член обезбедува сопственикот на шумата, а во ставот 7 дека во обезбедувањето на средствата од став 6 на овој член учествува и Републиката. Согласно став 8 на овој член од Законот, одобрението за сеча издадено на име на сопственикот на шумата не може да се отстапува на друго лице. Во новододадениот став 9 чиј дел е оспорен со оваа иницијатива е предвидено дека формата и содржината на барањето од ставовите 2 и 3 на овој член, потребната документација, критериумите за издавање на одобрението за сеча и начинот на вршење на сеча во приватните шуми го пропишува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во последниот став 10 на овој член од Законот, е пропишано дека жалба против актот за издавање одобрение за сеча, сопственикот на шумата може да поднесе до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Членот 39 од Законот ги пропишува случаите кога не може да се издаде одобрение за сеча во приватна шума., Имено, согласно овој член, одобрение за сеча во приватна шума не може да се издаде ако:
– лицето не поседува доказ за право на сопственост на шумата;
– не е извршена промена на културата во катастарската евиденција;
– видно не се обележани границите на шумата за која се однесува барањето за сеча и
– не се извршени предвидените мерки во одобрението за сеча од претходната година.

Од анализата на овие законски одредби од аспект на наводите во иницијативата, а притоа имајќи ја во предвид содржината на оспорениот дел на одредбата на членот 38 став 9 од Законот, според мислењето на Судот, произлегува дека законодавецот во Законот за шумите мошне детално и прецизно го уредил прашањето за користење на шумите како и прашањето за сечата на шумите што претставува еден од начините за нивно користење. Имено, законодавецот во одредбите од членовите 32 до 39 прецизно ги утврдил условите под кои може да се врши сеча на шумите (го дефинирал прашањето за означувањето за сеча на шумите, рокот во кој тоа се врши, субјектите што тоа го вршат, квалификациите што треба да ги поседуваат стручните лица кои се задолжени за означување на шумите за сеча, обврските на субјектите за известување на надлежниот шумарски инспектор за извршената ознака за сеча). Законодавецот, исто така, во членот 37-а детално го уредил прашањето за вршење сеча во државна шума од страна на физички лица заради обезбедување на сопствени потреби, додека пак во членот 38, исто така, мошне прецизно е регулирано прашањето за вршење на сеча во шуми во приватна сопственост. Во рамките на овој член законодавецот го уредил прашањето за тоа кој го издава одобрението за сеча во шума во приватна сопственост, условите за издавање на одобрение за сеча во случај кога постои сосопственост врз шумата, содржината на одобрението, кој ги обезбедува средствата за остварување на предвидените мерки, забраната одобрението за сеча да се отстапува на друго лице, правото на жалба против актот за издавање на одобрение за сеча. Покрај овие услови, во членот 39 од Законот законодавецот ги пропишал негативните услови, односно случаите во кои не може да се издаде одобрение за сеча.

Според Судот, од наведените одредби несомнено произлегува дека законодавецот во Законот за шумите ги утврдил основните критериуми за остварување на една од основните цели на уредувањето на овој закон, а тоа е користењето на шумите како добро од општ интерес. Оттука Судот оцени дека овластувањето на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство да ги пропише критериумите за издавање на одобрението за сеча, начинот на вршење на сеча во приватните шуми е во границите на целите и критериумите утврдени во Законот, а не основ за самостојно уредување на материја што е во надлежност на законодавецот. Ваквото овластување на надлежниот министер не е во спротивност со уставните норми, туку е во функција на операционализација на законот и не значи навлегување на извршната во законодавната власт, како што се тврди во иницијативата.

Имајќи ја предвид содржината на изнесените законски одредби, како и Законот во целина, според Судот, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека Законот не содржи критериуми за давање на одобрение за сеча на шумите, поради што не го постави прашањето за согласноста на одредбата од член 38 став 9 во делот: „критериумите за издавање на одобрението за сеча и“ од Законот за шумите, со одредбите од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 182/2008
29 октомври 2008
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски