182/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 4 февруари 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на член 10 став 1 точка 2 од Општите услови за осигурување од последици на несреќен случај (незгода), донесени од Управниот одбор на АД за осигурување и реосигурување “Македонија”, чиј правен следбеник е “КЈУБИ Македонија” – Скопје, со Одлука бр.0202-1120/11 од 12 јуни 1991 година, а изменети и дополнувани со Одлука бр.0202-1753/1- ЏЏВИ од 21 декември 1994 и бр.0202-2782/114 од 25 декември 1998 година.
2. Македонскиот полициски синдикат, застапуван од адвокатот Дељо Кадиев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на членот 10 став 1 точка 2 од актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорениот член 10 став 1 точка 2 од Општите услови не бил во согласност со членот 952 од Законот за облигационите односи затоа што се предвидувало дека сите обврски на осигурувачот се исклучени ако несреќниот случај е причинет, односно настанал поради војна, инвазија, акт на надворешен непријател, воени движења или воените операции, граѓанска војна, востание, бунт или револуција, а не само ако несреќниот случај е причинет со воени операции, како што било предвидено во членот 952 од Законот. Инаку, според мислењето на подносителот на иницијативата ваквото решение на оспорената одредба се должело на преширокото толкување на поимот “воени операции” од наведениот член од Законот од страна на доносителот на Општите услови за осигурување од последици на несреќен случај (незгода).
Ваквата одредба во Општите услови за осигурување од последици на несреќен случај (незгода) била пречка повеќе работници во министерството за внатрешни работи да го остварат правото на надомест на штета по основ на последиците на несреќните случаи поврзани со настаните во Република Македонија од 2001 година и покрај тоа што помеѓу министерството за внатрешни работи и АД за осигурување и реосигурување “Македонија” на ден 22 ноември 1999 година бил склучен Договор за колективно осигурување на работниците од последици од несреќен случај (незгода) и за случај на смрт поради болест. Ова, според мислењето на Судот, е, и главниот мотив за поднесување на иницијативата.
3. Судот на седницата утврди дека според членот 10 став 1 точка 2 од Општите услови за осигурување на лица од последици на несреќен случај (незгода), исклучени се сите обврски на осигурувачот ако несреќниот случај е последица на настан кој директно се припишува на војна, инвазија, акт на надворешен непријател, воени движења или воени операции (без оглед дали е објавена војната или не), граѓанска војна, востание, бунт или револуција.
Освен во овие случаи, со овој член од Општите услови за осигурување од последици на несреќен случај (незгода) е предвидено исклучување на обврските на осигурувачот и од други ризици, односно несреќни случаи доколку тие настанале, меѓу другото, и поради земјотрес, управување со воздушни летала, пловни објекти, моторни и други возила без пропишана службена исправа и др.
4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи со Уставот и со законите.
Во Република Македонија дејноста осигурување е уредена со Законот за осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/1997, 79/1999, 13/2001, 26/2001 и 4/2002) и Законот за супервизија на осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 27/2002), со чие влегување во сила престанаа да важат сите одредби од Законот за осигурување, освен одредбите на дел петти кои се однесуваат на задолжителното осигурување и казнените одредби на членовите 122 и 138.
Согласно наведената законска регулатива, работите на осигурување може да ги врши друштво за осигурување кое според член 3 од Законот за супервизија на осигурување се основа како акционерско друштво со седиште во Република Македонија, под условите утврдени со овој закон и Законот за трговските друштва.
Според член 6 од наведениот закон, друштвото за осигурување може да врши работи на осигурување во една или повеќе класи на осигурување, во рамките на една од групите на осигурување и тоа:
1. неживотно осигурување, кое ги опфаќа класите на осигурување од точките 1 до 18 од членот 5 на овој закон и
2. осигурување на живот, кое ги опфаќа класите од точките 19 до 23 од членот 5 на овој закон.
Во член 5 точка 1 од истиот закон, осигурувањето од последици на несреќен случај – незгода е утврдено како посебна класа на осигурување и истото, во случај на смрт или нарушување на здравјето поради повреда, покрива: исплата на осигурената сума во еден целосен износ, исплата на осигурената сума во рати, комбинација на исплати од претходните два случаи или исплата поради повреди, нарушување на здравјето или смрт на патници.
Освен другите работи што се однесуваат за основањето и работењето на друштвото за осигурување, во дел трети од Законот за супервизија на осигурување или поточно во членот 39, се утврдени сите акти на деловната политика на друштвото, меѓу кои се и општите и посебните услови за осигурување по класи на осигурување. Според овој член како акти на деловната политика на друштвото за осигурување се изготвуваат и сите акти за задолжителното осигурување, кое е уредено во дел петти од Законот за осигурување, кој што се применува и по влегувањето во сила на Законот за супервизија на осигурување.
Имајќи го предвид наведеното, како и тоа дека во конкретниот случај станува збор за Општи услови за осигурување на лица од последици на несреќен случај (несреќа) донесени од Акционерско друштво за осигурување и реосигурување согласно Законот за супервизија на осигурување, Судот утврди дека тие не претставуваат пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, туку се акт на деловната политика на друштвото за осигурување кое што ги донело.
Дека овие Општи услови не претставуваат пропис произлегува и од фактот што во член 1 од самите услови е утврдено дека тие се составен дел на договорот за осигурување на лица од последици на несреќен случај што договорувачот на осигурувањето ќе го склучи со Акционерското друштво за осигурување и реосигурување “КЈУБИ Македонија” – Скопје, на кој договор инаку се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи.
Со оглед на тоа што Општите услови за осигурување на лица од последица на несрреќен случај (незгода) не се пропис, Судот утврди дека не е надлежен за оценување на законитоста на оспорениот член 10 став 1 точка 2 и дека за секој настанат спор меѓу договорните страни во врска со нивните права и обврски, како и со содржината на договорот за осигурување, чиј составен дел се и овие општи услови, е надлежен да решава друг суд, а не Уставниот суд на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.182/2003
4 февруари 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова