182/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеа 1 и член 71 став 1 алинеа 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 октомври 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на законитоста на Правилникот за решавање на станбени прашања во Министерството за одбрана бр.14-2718/1 од 29.07.1996 година.

2. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето за запирање од извршување на поединечните акти донесени врз основа на актот означен во точката 1 од ова решение.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Димитрија Атанасовски од Скопје му поднесе иницијатива за оценување на законитоста на Правилникот за решавање на станбени прашања во Министерството за одбрана бр.14-2718/1 од 29.07.1996 година, во која наведува дека истиот бил донесен од страна на министерот за одбрана без за тоа да постои законско овластување, односно спротивно на член 160 од Законот за органите на управата, при што одредбите содржани во истиот правилник биле во спротивност со член 9 и член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија. Предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на означениот Правилник, како и да донесе решение за привремена мерка со кое истиот ќе се запре од извршување.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно член 28 став 1 алинеа 1 од Деловникот, Устравниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од содржината на оспорениот Правилник Судот утврди дека истиот не претставува пропис донесен од министерот за одбрана во вршење на јавни овластувања утврдени со закон, туку претставува акт со кој се уредени прашањата кои се однесуват на решавањето на станбените прашања како едно од правата од работниот однос на вработените во Министерството за одбрана, поради што, имајќи ја во предвид цитираната уставна одредба, најде дека не е надлежен да ја оценува законитоста на оспорениот Правилник.

Судот не го прифати барањето за запирање од извршување на поединечните акти донесени врз основа на оспорениот Правилник, со оглед на тоа што најде дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на наведените причини, Судот, согласно член 28 став 1 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.182/96 )