18/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 март 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на писмото на Управата за јавни приходи при Министерството за финансии на Република Македонија, бр.232/1 од 11 јули 1994 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Претпријатието во општествена сопственост за стопанисување со шуми и примарна обработка на дрво “Кајмакчалан” – Битола му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на писмото означено во точката 1 од ова решение, затоа што со него директорот на Управата за јавни приходи, всушност вршел инструктажа до подрачните единици за финансии, за начинот на пресметувањето и плаќањето на даночните обврски на работниците во групацијата шумарство, со што не се применувал Законот за персонален данок, што било во несогласност со Уставот и Законот.

3. Судот на седницата утврди дека со оспореното писмо на директорот на Управата за јавни приходи, во прилог до подрачните единици за финансии се доставува преглед на трошковник во сечата и дотурот на дрва што како стандарди биле утврдени од Здружението за шумарство и дрвна индустрија при Стопанската комора на Македонија – Групација за шумарство.

Во писмото се укажува дека оваа структура на просечните трошоци (учеството на платата во сечата изнесува 25,35%, а во дотурот на дрвата 23,36%) може да се применува во основицата за пресметувањето и плаќањето на обврските на личните примања на работниците во групацијата-шумарство.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите со Уставот и законите.

Бидејќи Судот оцени дека оспореното писмо на директорот на Управата за јавни приходи не претставува пропис во смисла на членовите 51, 52 и 110 од Уставот и со него не се востановуваат даночни обврски, согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата ја отфрли.

Во однос на наводите во иницијативата за (не) примената, односно за погрешната примена на Законот, во однос на пресметувањето и наплаќањето на даночните обврски, Судот, исто така, не е надлежен да одлучува, а за евентуално другите можни импликации од оспореното писмо, подносителот на иницијативата заштитата на своите права може да ги оствари во управна и судска постапка.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.18/97)