18/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, член 28 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 април 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на
а) Одлуката за мерилата, начинот и постапката за утврдување и стекнување на платите на рботниците во “ИНТЕРИМПЕКС” во 1992 година, бр.1735 од 1 јули 1992 година;
б) Правилникот за организација и предмет на работа на “ИНТЕРИМПЕКС” – А.Д. п.о. – Скопје од 25 јуни 1992 година;
в) Одлуката за продолжување на мандатот на Работничкиот совет, бр.4157 од 30 декември 1991 година;
г) Одлуката за конституирање на Собранието на “ИНТЕРИМПЕКС” – Акционерско друштво за надворешна и внатрешна трговија и туризам п.о. – Скопје, бр.3206 од 16 декември 1992 година;
д) Одлуката за избор на Управен одбор на “ИНТЕРИМПЕКС” – Акционерско друштво за надворешна и внатрешна трговија и туризам п.о. – Скопје, бр.3209 од 16 декември 1992 година;
ѓ) Одлуката за чекање работа со право на надомест на личен доход бр.1240 од 29 април 1992 година;
е) Одлуката за чекање работа со право на надомест на личен доход бр.443 од 1 март 1993 година;
ж) Решението за распоредување и утврдување на основната плата и додатоците на основната плата на работникот, бр.281 од 30 јуни 1992 година, и
з) Меѓусебната согласност на оспорените акти со Статутот на “ИНТЕРИМПЕКС” – Скопје.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Димитар Граматиков од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што тие не биле во согласност со Уставот, со член 47 од Законот за претпријатијата и со Статутот на Претпријатието.
3. На седницта Судот утврди дека оспорените акти означени во точката 1 под а) и б) од ова решение, биле донесени во фазата на трансформацијата на Општественото претпријатие во Акционерско друштво во мешовита сопственост и дека тие со донесувањето на новите акти од страна на органите на Акционерското друштво, престанале да се применуваат заклучно со 31 декември1992 година, што значи не биле во важност кога е поднесена иницијативата за нивното оспорување, поради што, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за поведување на постапка за оценување на уствноста и законитоста на оспорените акти.
Судот, исто така, утврди дека актите означени во точката 1 под в), г), д), ѓ), е) и ж) од ова решение, по својот карактер не претставуваат прописи во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што оцени дека не е надлежен да одлучува за нивната уставност и законитост.
По однос на наводите во иницијативата за несогласноста на оспорените акти со Статутот на Претпријатието, Судот, исто така, оцени дека согласно член 110 од Уствот на Република Македонија не е надлежен да ја оценува меѓусебната усогласеност на општите акти.
4. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.