181/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 ноември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 46 став 3 од Статутот на Македонскиот полициски синдикат.

2. Љупчо Велковски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 46 став 3 од Статутот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба од Статутот според која, кандидат за претседател на Македонскиот полициски синдикат може да биде секој кој е член на МПС најмалку 5 години и кој има висока стручна спрема, била спротивно на членот 7 точка 1 подточка 7 од Статутот со тоа што го ограничувало правото на членот на Македонскиот полициски синдикат.

Исто така, оспорената одредба од Статутот не била во согласност и со членот 9 и 24 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 46 од Статутот, Конгресот на предлог на Претседателството избира претседател на Македонски полициски синдикат, од редот на кандидатите кои ги исполнуваат условите.

4. Согласно член 110 алинеја 7 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и здруженијата на граѓаните.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Според член 37 од Уставот, заради остварување на своите економски и социјални права граѓаните имаат право да основаат синдикат.
Синдикатот е посебен облик на организирање на гграѓаните во кој работниците доброволно се обединуваат заради остварување на економски и социјални цели што произлегуваат од работен однос.
Со оспорениот Статут на Македонскиот полициски синдикат се уредува внатрешната организација на синдикатот која се бори за остварување, унапредување на економските и социјалните права и правата од работен однос, како и културните и другите интереси на своето членство.
Тргнувајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин, сметаме дека во случајов Статутот на Македонскиот полициски синдикат, нема карактер на пропис во смисла на членот 110 од Уставот и не е подобен за уставно судска оцена.
Со оглед на тоа што наведениот Статут не претставува пропис во смисла на наведената уставна одредба, туку е интерен акт на Македонскиот полициски синдикат кој ја уредува внатрешната организација на синдикатот, согласно членот 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија според кој Судот ќе ја отфрли иницијативата ако утврди дека не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата, Судот утврди дека во случајов се исполнети процесните претпоставки за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решениe.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.181/2006
29 ноември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи