175/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 ноември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на

I. – Оперативната инструкција за проверка на работните способности и процедурите за започнување на вработување со јавен оглас во Царинската управа на Република Македонија, бр.01-2811 од 19 февруари 2007 година, донесена од директорот на Царинската управа;

II. – Правилникот за систематизација на работни места на Царинската управа, бр.02-37990/2 од 28 декември 2005 година, бр.02-21053/4 од 30 јуни 2006 година, бр.02-40927/4 од 22 декември 2006 година, бр.02-5616/1 од 13 јануари 2007 година и бр.02-21166/1 од 7 јуни 2007 година, донесен од министерот за финансии;

III. – Јавниот оглас број 1/2007 за вработување на царински службеници во Царинската управа, објавен во дневниот весник „Дневник“ на 22 февруари 2007 година;

IV. – Јавниот оглас број 2/2007 за вработување на царински службеници во Царинската управа, објавен во дневниот весник „Дневник“ на 11 мај 2007 година, и

V. – Јавниот оглас број 3/2007 за вработување на царински службеници во Царинската управа, објавен во дневниот весник „Дневник“ на 18 јули 2007 година.

2. м-р Орданчо Пецов од Неготино на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, Оперативната инструкција не предвидувала докторско и магистерско образование и нивно вреднување при проверка на работната способност за вработување во Царинската управа на Република Македонија, туку тој степен на образование се изедначувал со високо образованите и се зголемувал со дополнителни 20 поени по основ „други форми на образование“ иако тоа не било поврзано со докторското и магистерското образование, со што овие кандидати биле дискриминирани. Истите пропусти биле присутни и во Правилникот за систематизација на работни места на Царинската управа. Во врска со оспорените три јавни огласи, подносителот на иницијативата наведува повеќе причини за оспорување – предвидувале проверка на знаења од англиски јазик и информатика, што немало врска со работните места виши цариници и цариници за кои се објавени огласите; кандидатите морале да се пријавуваат одделно за секое од повеќе објавени работни места во истите огласи, со што се зголемувале трошоците на кандидатите и се дискриминирале посиромашните; кандидатите имале обврска да се изјаснат за тоа дали се противат на стапувањето во контакт на Царинската управа со претходниот работодавец на кандидатот, што не можело да се прашува и навлегувало во сферата на личното, приватното и професионалното; определувањето во огласите, документите да се доставуваат исклучиво по пошта, а не и лично во архива на Царинската управа, исто така значело дискриминација на посиромашните кандидати; неизвестувањето на кандидатите и недонесувањето на поединечни правни акти (одлуки, решенија) по поднесените пријави, значело неможност за остварување на правата на кандидатите; невраќањето на документите на неизбраните кандидати значело дискриминација на посиромашните кандидати да прават нови трошоци по нови огласи.

3. Судот на седницата утврди дека во врска со Оперативната инструкција иницијативата покренува прашања за дополнување на тој акт и за поинаква примена на Инструкцијата во однос на кандидатите со докторско и магистерско образование. Судот исто така утврди дека оспорениот правилник за систематизација е акт на Царинската управа со кој се уредува внатрешната организација и делокругот на секое работно место одделно, а со означените три јавни огласи се врши пополнување на упразнетите работни места во Царинската управа.

4. Според член 110 став 2 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Со оглед на тоа што со иницијативата се бара дополнување на Оперативната инструкција и нејзина поинаква примена, Судот утврди дека таквото барање не е во негова надлежност според член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Во однос на Правилникот за систематизација, како и означените три јавни огласи, Судот утврди дека тие акти не се прописи во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија со оглед дека се однесуваат на внатрешна материја во Царинската управа, поради што Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.175/2007
21 ноември 2007 година
С к о п ј е
лк/Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски