Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 ноември 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 63 алинеја 5, член 132 став 2 во делот
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорениот член 63 алинеја 5 од Законот за радиодифузната дејност, не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеи 3 и 4, 13, 14, 51 и 54 став 1, како и ставовите 1 и 2 од Амандманот XXV на Уставот на Република Македонија. Ова од причина што, според наводите во иницијативата, ако на имателот на дозволата со судска одлука му била изречена мерка на безбедност забрана на вршење на професија, дејност или должност (член 66 од Кривичниот законик) било противуставно (член 14 став 2 од Уставот на Република Македонија) врз основа на ваквата судска одлука, Советот за радиодифузија да донесува и решение за одземање на дозволата.
Оспорениот дел од членот 132 став 2 од Законот, исто така, според подносителот на иницијативата, не бил во согласност со Уставот на Република Македонија, поточно со член 32 став 5 од Уставот, според кој остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, а не и со Правилник за плати и други надоместоци како што било предвидено во оспорениот законски дел.
Со оспорениот дел од членот 147 став 2 од Законот за радиодифузната дејност, според наводите во иницијативата, се повредувале членот 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и ставот 2 од Амандманот XXI на Уставот на Република Македонија, бидејќи со истиот не се предвидувало правото на жалба или друг вид на правна заштита против првостепеното решение кое го донесува Македонска радио телевизија, туку автоматски и веднаш било определено ова решение да има карактер на извршна исправа согласно со Законот за извршување. Но, подносителот на иницијативата смета дека, ваквото решение не можело да има карактер на извршна исправа ниту според член 14 став 5 од Законот за извршување, бидејќи со Законот за радиодифузната дејност не било пропишано дека жалбата не го задржува извршувањето на одлуката.
3.Судот на седницата утврди дека според член 63 од Законот за радиодифузната дејност, Советот за радиодифузија ја одзема дозволата во следниве случаи, ако:
– имателот на дозволата не започне со вршење на дејноста во рокот утврден во дозволата;
– имателот на дозволата дал неточни податоци врз основа на кои му е издадена дозволата;
– по издавањето на дозволата настанат околности што претставуваат законски пречки за имателот да врши радиодифузна дејност;
– имателот на дозволата не го плати надоместокот во рокот утврден во дозволата и
– на имателот на дозволата со судска одлука му е иречена мерка на безбедност забрана на вршење радиодифузна дејност, односно забрана за пренос на програмски сервиси преку јавна комуникациска мрежа“. (оспорен дел)
Според член 132 од овој закон, за својата работа членовите на Советот на МРТ добиваат надоместок во висина од една третина од просечно исплатената плата во Републиката, по седница.
Членовиите на Советот на МРТ кои живеат надвор од Скопје, имаат право на надоместок на патните трошоци кога присуствуваат на седниците на Солветот на МРТ во согласност со Правилникот за плати и други надоместоци“. (оспорен дел)
Според член 147 од Законот, работите во врска со пресметувањето, наплатувањето и насочувањето на средствата од радиодифузната такса на корисниците од членот 146 на овој закон, како и водењето на регистарот на обврзници за плаќање на радиодифузна такса, ги врши МРТ.
МРТ врз основа на регистарот на обврзници на радиодифузна такса донесува решение кое има каркатер на извршна исправа согласно со Законот за извршување, за утврдување на годишниот износ на радиодифузната такса со кое обврзникот се задолжува да ја плати во 12 месечни износи. Обврзникот е должен радиодифузната такса да ја плаќа месечно најдоцна до 15-ти во месецот, во спротивно за секое задоцнување се плаќа камата утврдена со закон. Наплата се врши на сметка на МРТ која уплатените средства ги насочува на корисниците наведени во членот 145 на овој закон, во износи утврдени во членот 149 на овој закон.
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделобата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Согласно член 13 став 1 од Уставот лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Согласно член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Според Амандманот XXV од Уставот со кој е заменет членот 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Со Законот за радиодифузна дејност се уредуваат условите и начинот на вршење на радиодифузната дејност и работите од јавен интерес во областа на радиодифузијата ( член 1).
Во членот 41 став 1 од овој закон се предвидува дека дозволата за вршење радиодифузна дејност се издава за емитување и пренос на одреден радио или телевизиски програмски сервис независно од техничките средства за пренос под услови, на начин и по постапка утврдена со овој закон.
Според ставот 2 на членот 41 од истиот закон, забрането е вршење на радиодифузна дејност без дозвола.
Според членот 42 од Законот, дозволата е овластување со чие добивање имателот стекнува право да емитува и пренесува одреден радио или телевизиски програмски сервис наменет за прием од страна на јавноста (став 1). Со дозволата се уредува природата на програмскиот сервис (став 2). За емитување на нов програмски сервис е потребно добивање на нова дозвола (став 3).
Оспорениот член 63 од Законот, ги предвидува условите, односно случаите кога на имателот на дозволата, Советот за радиодифузија му ја одзема дозволата. Меѓу другите, е и сега оспорената ситуација Советот за радиодифузија да ја одземе дозволата ако на имателот на дозволата со судска одлука му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење радиодифузна дејност, односно забрана на пренос на програмски сервиси преку јавни комуникациски мрежи.
Тргнувајќи од анализата на наведените уставни и законски одредби, јасно произлегува дека со овој закон се уредуваат условите за вршење на радиодифузната дејност, а еден од условите за вршење на истата е поседување на дозвола за вршење на радиодифузната дејност. Оттука, недопуштено е вршење на радиодифузната дејност без поседување на дозвола, односно овластување за емитување и пренесување на програмски сервис.
Обврската за одземање на дозволата во случај кога на имателот на дозволата со судска одлука му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење радиодифузна дејност, според Судот, не е во спротивност со Уставот на Република Македонија, од причина што ова претставува логична последица од изречената споредна казна. Имено, со забраната за вршење на радиодифузната дејност, поседувањето на дозволата е бесцелно, односно беспредметно. Од овие причини, со оглед на тоа дека каузата за поседување на дозволата, односно вршењето на радиодифузната дејност не постои, оттука продолжувањето на поседување на дозволата ја губи целта на истата, со оглед дека интенцијата на законодавецот е со дозволата да се даде овластување за стекнување право за емитување и пренесување на радиотелевизиски програмски сервис.
Оправданоста на одземањето на дозволата во случаи на забраната на вршење на радиодифузна дејност, законодавецот ја дефинира и во член 59 од Законот, во кој се регулира дека за дозволата се плаќа годишен надоместок на сметка на Советот за радиодифузија. Имено, имајќи го во вид фактот дека на имателот за вршење на радиодифузната дејност му е изречена мерка забрана на вршење на радиодифузната дејност, односно истиот не ја врши дејноста за која е издадена дозволата, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорената одредба не е во согласност со Уставот на Република Македонија. Оттука, истиот нема обврска да плаќа годишен надоместок за дозвола за вршење на дејност, која всушност и не ја врши определен период. Од друга страна, пак, не е исклучена можноста за судска заштита (член 65) ниту пак за обнова на дозволата (член 66).
5. Според член 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според член 126 од Законот за радиодифузна дејност, органи на МРТ се: Советот на МРТ, Управен одбор на МРТ и извршен директор на МРТ.
Според член 127 од истиот закон, Советот на МРТ ја застапува и се грижи за остварување на интерсите на јавноста во поглед на радио и телевизиските програми и работењето на МРТ (став 1). Советот на МРТ е составен од 23 члена (став 2). Членовите на Советот на МРТ ги именува Собранието на Република Македонија на предлог на овластени предлагачи (став 3).
Согласно член 132 став 1 од Законот, за својата работа членовите на Советот на МРТ добиваат надоместок во висина од една третина од просечно исплатената плата во Република Македонија, по седница.
Во оспорениот став 2 на членот 132 од Законот за радиодифузија, е предвидено дека членовите на Советот на МРТ кои живеат надвор од Скопје, имаат право на надоместок на патните трошоци кога присуствуваат на седниците на Советот на МРТ во согласност со Правилникот за плати и други надоместоци. (оспорен дел)
Тргнувајќи од анализата на наведените уставни и законски одредби, јасно произлегува дека членовите на советот, кој е орган на МРТ, не се вработени лица во МРТ, туку тоа се лица кои на предлог на овластените предлагачи од членот 127 од Законот за радиодифузна дејност ги именува Собранието на Република Македонија и кои се именуваат на пет години со право на повторен избор. Оттука, логичен е заклучокот, дека овие лица немаат статус на вработени лица во МРТ, и према кои неможе да се применува уставната категорија од член 32 став 5 од Законот, односно не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.
Законската определба со интерен акт, односно со Правилникот за плати и други надоместоци, да се определува надоместокот за патните трошоци на членовите на Советот на МРТ кои живеат надвор од Скопје, според Судот е во согласност со Уставот на Република Македонија.
6. Во Амандманот XXI од Уставот на Република Македонија се предвидува дека се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен преде суд. (став 1)
Во ставот 2 на истиот Амандман од Уставот на Република Македонија, правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.
Според членот 145 став 2 од Законот, радиодифузната такса е јавна давачка.
Според член 145 став 3, од истиот Закон, од среддствата на радиодифузната такса се финансираат следниве корисници: ЈП Македонска-радио телевизија, ЈП Македонска радиодифузија и Совет за радиодифузија.
Според член 147 став 2 од Законот, кој во дел се спори со иницијативата, се предвидува дека МРТ врз основа на регистарот на обврзници на радиодифрузна такса донесува решение кое има карактер на извршна исправа согласно со Законот за извршување, за утврдување на годишниот износ на радиодифузната такса со кое обврзникот се задолжува да ја плати во 12 месечни износи. Обврзникот е должен радиодифузната такса да ја плаќа месечно најдоцна до 15 во месецот, во спротивно за секое задоцнување се плаќа камата утврдена со закон. Наплатата се врши на сметка на МРТ која уплатените средства ги насочува на корисниците наведени во членот 145 на овој закон, во износи утврдени во членот 149 на овој закон.
Јавната давачка е уставна категорија, која секој е должен да ја плаќа и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Тргнувајќи од ваквата уставна обврска, а притоа имајќи го во вид фактот дека со закон радиодифузната такса е определена како јавна давачка, јасна е интенцијата на законодавецот дека со донесување на решение за утврдување на годишниот износ на радиодифузната такса, се овозможува секој обврзник на радиодифузна такса да ја исполни својата со Устав предвидена обврска, односно, плаќањето на со закон утврдената јавна давачка.
Што се однесува до наводот истакнат во иницијативата дека давањето карактер на ваквото решение на извршна исправа согласно Законот за извршување, не било во согласност со Амандман XXI на Уставот на Република Македонија, бидејќи на тој начин не се дава право на жалба, според Судот не е основан. Ова од причина што согласно член 123 став 1 точка 4 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005 и 50/2006) извршна исправа е и друга исправа која како извршна исправа е предвидена со закон.
Во случајов, во овој закон законодавецот на решението за утврдување на годишниот износ на радиодифузната такса, донесено од МРТ му дава карактер на извршна исправа, кое не е во спротивност со Уставот на Република Македонија, односно со ставот 2 на Амандман XXI на Уставот на Република Македонија, со кој правото на жалба, односно на правна заштита против поединечните акти донесени во прв степен не се гарантира, како што е случај со судските одлуки туку се остава тоа да се уреди со закон. Оттука, според Судот, со оспорениот дел од членот 147 став 2 од Законот за радиодифузната дејност, не се повредува ставот 2 на Амандманот XXI од Уставот на Република Македонија и не може да се прифати тврдењето во иницијатиата дека со истата се повредува темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото предвидено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
7. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.172/2006
15 ноември 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи