172/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 јануари 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Статутот на Воената Академија “Генерал Михајло Апостолски” Скопје Пречистен текст бр.02-589/1 од 12.10.1999 година.
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на статутот означен во точката 1 од ова решение затоа што, тој не бил во согласност со член 52 став 1 и 2 од Уставот и Законот за објавување на законите и другите прописи и акти.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 11 став 1 од Законот за Воената академија, Наставно научниот совет на
Воената академија по претходно добиено мислење на министерот за одбрана бр.03-1260/2 од 21 март 1996 година го донел Статутот на Воената академија бр.03-39/4 од 21 март 1996 година.
По донесувањето на Статутот со одлука на Наставно научниот совет на Воената академија извршени се измени и дополнувања на Статутот во 1996, 1997, 1998 и 1999 година за што е дадено мислење на министерот за одбрана, пречистент текст бр.02-585/1 од 12 октомври 1999 година. Во Статутот се регулирани прашања кои се однесуваат на: организационата поставеност на Воената академија; управувањето и раководењето; наставно, научноистражувачката и издавачката дејност, питомци и слушатели, наставници и соработници, материјално обезбедување на наставата, воннаставни активности, воени свечености и прослави школувањена припадници на вооружени сили на странски држави, евиденција и јавни исправи, финансирање на Академијата и преодни и завршни одредби.
Во преодните и завршни одредби односно во член 142 од Статутот е предвидено дека тој влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето на огласна табла на Академијата.
4. Според член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
Според член 52 став 2, пак, законите и другите прописи се објавуваат во ” Службен весник на РМ” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.
Во Законот за објавување на законите и другите прописи и акти (“Службен весник на РМ” бр.56/99) е уредено прашањето на објавување на законите, другите прописи и акти во “Службен весник на РМ” како и издавање на службеното гласило “Службен весник на РМ”.
Во член 3 од наведниот закон таксативно е утврдено што се објавува во ” Службен весник на РМ”.
Во точка 6 на овој член е предвидено дека покрај другото во “Службен весник на РМ” се објавуваат “прописите на Народната банка на Република Македонија и на другите правни лица кога со нив, врз основа на овластувањата утврдени со закон се уредуваат односи од јавен интерес во областа на нивната дејност”.
Според член 2 од Законот за Воената академија (“Службен весник на РМ” бр.30/95 и 54/97) Воената академија е воена високообразовна и научна истражувачка установа.
Академијата врши и научно истражувачка работа како интегрален дел на вкупната дејност и основа за остварување на наставно образовната работа.
Работите од став 1 на овој член поблиску се уредуваат со Статут на Академијата.
Во член 11, пак, е предвидено дека Статутот на Академијата го донесува наставно научниот совет по претходно мислење од министерот за одбрана.
5. Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби Судот смета дека секое правно правило за да влезе во сила не треба да биде исклучиво објавено во службеното гласило на Републиката. Тоа правило важи и е задолжително само за прописите донесени од страна на државните органи и организации и јавни служби, кога со тие прописи се уредуваат односи од јавен интерес, односно се уредуваат права и обврски за граѓаните, со оглед на тоа што целта на објавувањето е обнародување на актите на овие органи и организации и јавни служби. При тоа битно е да се истакне дека членот 52 од Уставот во кој е уредено прашањето за објавувањето на актите е сместено во главата ИИ точка 3 од Уставот која се однесува на гаранциите на основните слободи и права на човекот и граѓанинот.
Со оглед на тоа што со Статутот на Во ената академија се уредуваат односи кои се однесуваат на организацијата, органите, дејноста, седиштето, управувањето и раководењето со високообразовната институција, а правото на студентите – питомци на Воената академија се уредуваат со Законот за воената академија и Законот за високото образование, Судот смета дека не постои обврска Статутот на Воената академија да биде објавен во службено гласило на Републиката, поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност на оспорениот статут со член 52 став 2 со Уставот.
6. Прашањето на објавување на општите акти на универзитетот и на високообразовните установи е уредено со член 52 став 1 од Уставот и Законот за објавување на законите и другите прописи и акти.
Со оглед на тоа што во член 142 од Статутот на Воената академија е предвидено тој да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето на огласна табла на Академијата, што е и направено, Судот смета дека се исполнети условите од член 52 став 1 од Уставот, поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со наведените одредби.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов, судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.172/2000
24 јануари 2001 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов