17/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 април 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на тестовите за подготовка на возачки испит од „Б“ категорија (пробни тестови) и на тестовите за полагање на возачки испит од „Б“ категорија, донесени од Комисијата за едукација, превенција и безбедност на сообраќајот на патиштата.

2. Сане Георгиевски од Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, означените акти предвидувале сообраќајни знаци кои не се определени во Правилникот за сообраќајните знаци донесен согласно член 397 став 2 од Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата, и тоа сообраќаен знак – „тунел“ (во пробните тестови) или сообраќајните знаци – „број на автопат“, „број на пат резервиран за сообраќај на моторни возила“, „пешачка зона“, „голомразица“, „колона од запрени возила“, „зона во која е ограничена брзината“, „неутврдена банкина“ (во тестовите за полагање), поради што оспорените акти не биле во согласност со Законот.

3. Судот на седницата утврди дека тестот број 3 од тестовите за подготовка на возачки испит од „Б“ категорија го содржи сообраќајниот знак „тунел“, кој не е определен во Правилникот за сообраќајните знаци донесен согласно член 397 став 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.14/1998, 38/2002 и 38/2004).

Исто така, тестовите број 1, 2, 4, 6, 8 и 12 од тестовите за полагање на возачки испит од „Б“ категорија ги содржат сообраќајните знаци наведени во иницијативата, а кои не се определени во означениот правилник донесен врз основа на наведениот закон.

Понатаму, Судот утврди дека со Одлука, бр.07-1897/1, донесена од Министерството за образование и наука – Комисија за едукација, превенција и безбедност на сообраќајот на патишата на 22 февруари 2007 година, укинати се означените броеви на тестовите.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со оглед на тоа што оспорените тестови не претставуваат прописи во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува по иницијативата, поради што согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Бајрам Положани.

У.бр.17/2007
4 април 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи