17/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 февруари 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 65 став 3 од законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91, 46/93 и 55/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, ППС “Книговодител” од Штип му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се воведувала обврска за плаќање на придонес за здравствено осигурување во зависност од просечниот коефициент на стручност, со што на работниците со повисок степен на образование им биле нарушени правата утврдени со член 32 став 1 и 2 од Уставот и се создавала нееднаквост меѓу работниците.

Исто така, со член 39 од Уставот му се гарантирало на секој граѓанин правото на здравствена заштита, при што не било предвидено да се утврдуваат посебни услови за лекување по основ на стручност.

Со ваквиот начин на определување на придонесот се дестримулирало вработувањето на високостручни кадри, со што опаѓала и продуктивноста на трудот.

3. Уставниот суд на Република Македонија, на седницата утврди дека во член 65 од Законот е утврдена основицата за пресметување и плаќање на придонесот за здравствено осигурување. Според најновите измени на овој член од Законот извршени во ноември 1995 година, како основица за пресметување и плаќање на придонесот за здравствено осигурување од платата се зема бруто платата во која се содржани придонесите и даноците што се плаќаат од платата (став 1). На граѓаните на кои не им се утврдува остварена плата како основица за пресметување на придонесот се зема основицата од која се пресметува и плаќа данок од плата, зголемена со придонесите од плата и даноците (бруго основица) (став 2).

Според оспорениот став 3 од овој член од Законот основица за пресметување на придонесот од ставовите 1 и 2 на овој јчлен се утврдува најмалку во висина од најниската плата по работник утврдена со колективен договор помножена со просечниот коефициент на сложеност на трудот во организацијата и со бројот на работниците вработени во организацијата.

4. Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а согласно член 35 од Уставот Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека правото на здравствена заштита на граѓаните, како една од социјалните права, се остварува под услови, на начин и во постапка утврдена со закон и со колективен договор, врз начелото на солидарност.

Исто така, од овие уставни одредби произлегува дека Републиката е должна да обезбеди нормативни и материјални претпоставки за остварување на нејзината уставна обврска да се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност. според тоа, Републиката треба со нормативни акти да ги утврди условите под кои може да се остваруваат социјалните права, односно во конкретниот случај правото на здравствена заштита, да ги утврди изворите на средствата за обезбедување на ова право и да создаде нормативни претпоставки сите граѓани под еднакви услови да го остваруваат ова свое право и под еднакви услови да го сносат товарот за обезбедување на средства за остварување на ова право.

Според тоа, иако со Уставот не се определени мерила и критериуми за димензиите и обемот на остварувањето на правата од областа на здравствената заштита Судот смета дека со законите и другите прописи со кои се уредуваат прашањата во оваа област мора да бидат утврдени начела и принципи кои еднакво ќе се однесуваат на сите осигуреници корисници на здравствена заштита. Во тие рамки утврдувањето на основицата за пресметување на придонесите за здравствено осигурување претставува еден од условите на остварувањето на правото на граѓаните на социјално осигурување. Со оглед на тоа што висината на таа основица (како еднаква мера за сите) е врзана за сложеноста на трудот, Судот оцени дека со тоа се утврдуваат еднакви критериуми за пресметување на стапките на придонесите за здравствено осигурување на оние категории осигуреници кои се наоѓаат во еднаква фактичка положба односно кои имаат ист коефициент на сложеност на трудот.

Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.17/96)