171/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 став 1 алинеја 5 и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 октомври 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 1 од Законот за висината на стапката на затезната камата (“Службен весник на Република Македонија” бр.65/92 и 70/93).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на меѓусебната согласност на законската одредба означена во точката 1 од ова решение со Законот за облигациони односи.

3. ГИПНОС “Трудбеник” од Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законската одредба означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се овозможувало да тече камата на камата што не било во согласност со Законот за облигациони односи. Таа исто така не била во согласност ниту со член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија, затоа што ги доведувала во нерамноправна положба должниците во однос на доверителите, затоа што првите морале да плаќаат огромни суми на име на камата, а вторите неосновано се збогатувале.

4. На седницата Судот утврди дека со член 1 од Законот за висината на стапката на затезната камата предвидено е дека должникот кој ќе задоцни со исполнување на парична обврска плаќа затезна камата на износот на долгот во висина на есконтната стапка што ја утврдува Народната банка на Република Македонија за 200%.

5. Со член 55 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Судот смета дека наведената уставна одредба има за цел да ја обврзе Републиката еднаквата правна положба на субјектите на пазарот да ја обезбеди преку утврдување на такви услови за одвивање на меѓусебните односи на субјектите на пазарот, како и нивните односи со државата, кои ќе бидат еднакви за сите субјекти на пазарот, а не тие субјекти да ги изедначи со оглед на посебните улоги што тие ги добиваат во рамките на односите во кои стапуваат. Тоа значи дека во сферата на должничко-доверителските односи уставното начело за еднаквоста на субјектите на пазарот не ја обврзува Републиката при законското уредување на тие односи, како дел од односите на пазарот, да ја изедначи положбата на доверителот со положбата на должникот, во смисла на бришење на разликите меѓу нив кои произлегуваат од природата на нивниот должничко-доверителски однос, туку само да пропише еднакви услови за одвиваање на тој однос кои еднакво ќе се однесуваат на сите доверители во деловите што се однесуваат на доверителите односно еднакво ќе се однесуваат на сите должници во деловите што се однесуваат на должниците.

Со оглед на тоа што оспорената законска одредба, при утврдувањето на висината на стапката на затезната камата не врши никаква дискриминација по никаков критериум помеѓу субјектите што во соодветните односи се јавуваат како должници, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со наведената уставна одредба.

6. Во поглед на наводите од иницијативата кои се однесуваат на меѓусебната согласност на оспорениот закон со Законот за облигационите односи, Судот оцени дека, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува за тоа прашање.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.