170/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 4 март 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Правилникот за станбени односи на работниците во работната заедница на Стручната служба на Самоуправната интересна заедница за становање и комунални дејности во Куманово, донесен од собирот на работниците одржан на 31 јули 1991 година, во поглед на постапката за неговото донесување.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што не бил донесен со референдум, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека оспорениот правилник е донесен од собирот на работниците на Стручната служба.
4. Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правото на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори. Според член 52 од Законот за основните права од работен однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89), работниците ги користат средствата за заедничка потрошувачка по основ на распределба според трудот и солидарноста според основите и мерилата утврдени со општиот акт односно колективниот договор.
Според член 42 и 42-а од Законот за станбените односи (“Службен весник на СРМ” бр.36/73, 14/75, 27/86, 1/90 и 11/91) давателот на станот на користење со општ акт ги утврдува условите и начинот на давање на станови на користење, односно основите и мерилата за определување редот на првенството за давање на користење.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека работниците своите права по основ на трудот и солидарност, во кои спаѓа и правото за добивање на стан во општествена сопственост, ги остваруваат според основите и мерилата утврдени со општиот акт. Со оглед на тоа што со Уставот и со закон не се уредени начинот и постапката за донесување на општиот акт, односно не е предвидено овој општ акт да се донесува со референдум, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со закон во поглед на постапката за неговото донесување.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.