16/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 јуни 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на законитоста на Одлуката за организирање на постдипломски студии, донесена од Советот на ЈНУ “Институт за сточарство” на 17.01.2001 година.

2. Д-р Симо Георгиев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, од причина што истиот не бил во согласност со Законот за научно истражувачка дејност.

Имено, според подносителот на иницијативата, организирањето постдипломски студии (ВИИ2 степен на образование) претставувало изведување на дејноста образование, а ЈНУ Институт за сточарство не бил регистриран како образовна институција. Напротив, Институтот бил регистриран согласно Законот за научно истражувачка дејност, како институција која изведува научноистражувачка дејност како своја основна дејност. Оттука, според иницијаторот, оспорената одлука не била во согласност со Законот за научноистражувачка дејност.

Покрај тоа, со иницијативата се бара Уставниот суд да го заштити моралниот интегритет на иницијаторот, кој согласно член 11 став 1 од Уставот на Република Македонија е неприкосновен. Опасноста од загрозување на моралниот интегритет, подносителот на иницијативата ја гледа во неговото согледување дека во изведувањето на постдипломските студии ќе бидат вклучени лица што не се вработени во Институтот, а тој ќе биде заобиколен.

3. Судот на седницата утврди дека со Одлуката само се пристапува кон организирање постдипломски студии. Во неа се посочува дека студиите ќе се организираат врз основа на елаборат за општествено-економската оправданост за нивно основање, правилник со кој се регулираат заедничките основи и општите услови за нивно организирање, согласност од ресорното Министерство и позитивино мислење од Универзитетот.

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни преки за одлучување по иницијативата.

Од содржината на оспорениот акт произлегува дека истиот нема карактер на пропис подобен за уставно-судска анализа. Се работи за претходен, подготвителен акт со кој се пристапува кон организирање на постдипломски студии.

И во однос на второто барање содржано во иницијативата, Судот оцени дека е беспредметно да расправа и да одлучува по истото, како прашање за кое, согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија Судот не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.16/2001
6 јуни 2001 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов