157/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 декември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 28 од Законот за комунални дејности (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/97 и 23/99) и член 147 од Законот за водите (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/98).

2. Манчо Манчев од Кавадарци на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законите означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата одредбите од оспорените закони биле несогласни со Уставот затоа што предвидувале за нередовно плаќање на комунална услуга, односно за неплаќање за користење на вода, за оштетување на објектите или за неизвршување на другите обврски утврдени со закон, на корисниците да им се прекине давањето на услугата, односно да им се прекине испорачувањето на водата.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 28 од Законот за комунални дејности е предвидено дека на корисникот може да му биде прекинато давањето на комуналната услуга доколку истата не ја плаќа редовно.

Исто така, Судот утврди дека согласно членот 147 од Законот за водите на корисникот на вода ќе му биде прекинато испорачувањето на вода ако не платил за користење на водата, ако ги оштетил објектите или не ги извршил другите обврски утврдени со закон.

4. Согласно член 56 од Уставот на Република Македонија сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба како и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Од оваа уставна одредба произлегува дека добрата од општ интерес за Републиката уживаат посебна заштита при што, Уставот едновремено упатува овие добра да бидат определени со закон.

Поаѓајќи од неа, законодавецот во членот 2 од Законот за јавните претпријатија како дејност од јавен интерес, меѓу другите, го предвидувал и стопанисувањето со водите и другите видови на природни богатства.

Исто така, законодавецот со членовите 2 и 3 од Законот за комунални дејности снабдувањето со вода за пиење (под што се подразбира зафаќање, обработка и дистрибуција на вода до мерниот инструмент на корисникот) го предвидел како комунална дејност од јавен интерес.

Со оглед на тоа што Уставот го заштитува јавниот интерес на општествената заедница (член 30) и посебно добрата од општ интерес за Републиката (член 56), Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на одредбите според кои на корисникот на вода, односно на комуналната дејност ќе му биде прекинато испорачувањето на вода, односно ќе му се прекине давањето на комуналната услуга, кога не платил за користењето на водата, кога ги оштетил објектите или не ги извршил другите обврски утврдени со овој закон, односно кога не ја плаќа редовно комуналната услуга.

Ова дотолку повеќе што во изворите на средства на јавното водостопанско претпријатие, меѓу другите, се предвидени и средствата од наплатата на вода од хидросистемите наменети за комунални, индустриски и други потреби (член 139 алинеја 3 од Законот за води).

Исто така, согласно членот 140 алинеја 4 од истиот закон, јавното водостопанско претпријатие за одржување и користење на хидросистемите, обезбедува средства од прибраните средства на име надомест за користење на вода за комунални, индустриски и други потреби.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека доколку законодавецот не би ги предвидел прекинувањето на испорачување на вода како, еден вид, казнена мерка поради неплаќањето за корисење на вода, односно комунална услуга, јавното водостопанско претпријатие би се довело во ситуација да нема доволно средства за вршење на водостопанската дејност, како дејност од јавен интерес и со тоа би се довел во прашање интересот на општествената заедница, односно Републиката.

Од тие причини, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на одредбата од член 147 од Законот за водите и член 28 од Законот за комунални дејности.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.157/99
29 декември 1999 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков