157/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 септември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на свикувањето и раководењето со седницата на Советот на Општината Кавадарци одржана на 17 јуни 1997 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Глигор Шемов од Кавадарци, за поведување постапка за оценување законитоста на свикувањето и раководењето со седницата на Советот на Општината Кавадарци одржана на 17 јуни 1997 година, затоа што тоа не било направено од претседавачот на Советот на Општината, поради што свикувањето и раководењето со наведената седница не биле во согласност со член 32 став 3 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр. 52/95 и 60/95).

3. На седницата Судот утврди дека со иницијативата се оспоруваат дејствата повикување и раководење со наведената седница, а не се оспорува пропис односно правен акт во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, за чија уставност и законитост е надлежен да одлучува Уставниот суд.

Со оглед на тоа, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува по иницијативата, поради што, согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талески и д-р Тодор Џунов. (У.бр.157/97)