156/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 јуни 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 119 од Законот за банки и штедилници (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/93 и 78/93).
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување на член 119 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорената одредба доверителите на банките во стечај биле доведувани во нееднаква положба, што било во спротивност со член 55 од Уставот на Република Македонија. Одредбата исто така, не била во согласност со Законот за принудно порамнување, стечај и ликвидација (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/89), затоа што според тој закон сите доверители се рамноправни во исплатата на нивните побарувања.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорениот член 119 од Законот е утврден редоследот на наплата на побарувањето на доверителите на банката кога над неа е воведена стечајна постапка. Спорд тој редослед побарувањата на доверителите се исплатуваат од стечајната маса и тоа: побарувања по влогови во банките за кои гарантира Република Македонија; побарувања на Народна банка на Република Македонија; побарувања на доверителите кои не се основачи, односно акционери на банката; и побарувања на основачите односно акционерите на банката.
4. Според член 55 став 1 од Уставот на Република Македонија, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според ставот 2 Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.
Според мислењето на Судот субјектите утврдени со оспорената законска одредба што се јавуваат како доверители на банките во стечај не претставуваат субјекти кои според своите права и обврски кон банката во стечај имаат еднаква позиција во однос на капиталот на банките. Имено, како различни субјекти со различни права и обврски во однос на тој капитал, од една страна се јавуваат Републиката и Народната банка на Македонија како гаранти на влоговите во ганката, од друга страна субјектите што се основачи односно акционери на банката и најпосле и другите субјекти што не се основачи односно акционери односно што се доверители по основ на влог во банката. Според тоа, намирувањето на нивните побарувања кон банката не претставува слободен економски однос на пазарот во кој сите субјекти се рамноправни, туку претставува однос кој непосредно произлегува од нивната различна позиција во поглед на банкарското работење. Поради тоа, редоследот во исполнувањето на нивните побрувања, во рамките на овластувањето на Републиката со закон да ги уреди односите поврзани со стечајот на банките, е работа на целесообразност на законот, во зависност од посебната улога на тие субјекти да го утврди и приоритетот во нивната исплата. Притоа, со тоа не е доведено во прашање самото побарување на било кој доверител на банката во стечај, туку само се работи за приоритет во таа наплата.
Врз основа на изнесеното, Судот смета дека нема основи за поставување на прашањето за согласноста на оспорената одредба од законот со член 55 од Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Што се однесува до наводите во иницијативата за несогласноста на оспорената законска одредба со Законот за принудно порамнување, стечај и ликвидација, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.156/95).