Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 27 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 2 март 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување измена и дополна на Деталниот урбанистички план за Урбана единица 4 – Исток – Струга бр.07-1127/5 од 3 јули 2004 година, донесена од Советот на Општина Струга, објавена во “Службен гласник на Општина Струга” бр.38 од 7 јули 2004 година.
2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на Одлуката означена во точка 1 од ова решение.
3. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за оценување на меѓусебната согласност на Одлуката со Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка за планот и начинот на постапката за донесување на урбанистички план (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002) ии Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002 и 50/2003).
4. Ќемаил Османоски од Струга на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата и допрецизирањето на истата, оспорената одлука не била донесена во законски пропишаната постапка, односно пред нејзиното донесување не биле донесени одлука за пристапување кон измена и дополнување на ДУП за УЕ-4-исток, Струга, потоа проектна програма за измена и дополнување на ДУП во која ќе се утврдел степенот на измената и дополнувањето на ДУП, со која би се констатирала и усогласеноста на ДУП со генералниот план за градот Струга. Во иницијативата, исто така, се наведува дека не бил почитуван член 9 став 1 од Правилникот за поблиска содржина и начинот за графичка обработка на планот и начинот и постапката за донесување на урбанистички план како и член 12 од истиот Правилник.
Со поднесената иницијатива исто така се наведува дека при донесување на оспорениот акт не биле почитувани член 2, 3 и 4 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот (“Службен весник на РМ” бр.50/2003) без притоа да ги наведе причините за неговото тврдење.
Подносителот во иницијативата исто така наведува дека при донесување на оспорената Одлука не биле почитувани законските одредби, односно член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторното и урбанистичко планирање (“Службен весник на РМ” бр.53/2001) кој се однесувал на член 21-а, поточно дека не биле применети нормативи и стандарди за уредување на просторот кои се задолжителни при изработување на урбанистички план од член 7 точка 2 од Законот.
Одлуката, исто така, според подносителот на иницијативата била донесена спротивно на член 30 од Уставот на Република Македонија, бидејќи со истата се повредувало правото на сопственост загарантирано со Устаавот.
Поради наведените причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука.
5. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 1 од оспорената одлука се донесува измена и дополна на Детален урбанистички план за УЕ-4-исток, Струга. Во членот 2 децидно се наведува што содржи планот, а во членот 3 се наведува дека извештајот од стручната консултација е составен дел од Одлуката. Во член 4 е определено дека планот ќе го спроведува Министерството за транспорт и врски ПЕ Струга, врз основа на согласноста на Предлог планот бр.13-7390 од 2 јули 2004 година, издадена од страна на Министерството за транспорт и врски-Скопје, а членот 5 определува дека планот се заверува со печат и потпис од Градоначалникот на општина Струга со назначување на бројот и датумот на седницата на која е донесен. Во членот 6 е определено дека Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Струга”. Одлуката е донесена од Советот на општина Струга под бр.07-1127/5 од 3 јули 2004 година.
6. Советот на општина Струга со писмо бр.03-1879/2 од 23 декември 2004 година до Уставниот суд ја достави комплетната документација што претходела на донесување на оспорениот акт и тоа:
– Програма за изработка, измени и дополнување на Урбанистички планови и урбанистичка документација во 2001 година бр.07-189/31 од 26 март 2001 година, донесена од Советот на општина Струга, а на предлог на Главниот архитект на град Струга;
– Извештај од извршена стручна ревизија на ДУП УЕ-4-исток Струга, Нацрт план од јуни 2004 година од ДОО “Простор” – Куманово;
– Одговор на ревизија за измена и дополнување на ДУП УЕ-4-исток, Струга од јуни 2004 година на Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија “Ин-пума” Скопје;
– Записник за утврдување на текстот на Нацртот за донесување на ДУП УЕ-4-исток, Струга бр.23-921/2 од 12 јуни 2004 година на општина Струга;
– Заклучок за утврдување на текстот на Нацртот за донесување на измени и дополнувања на ДУП УЕ-4-исток, Струга бр.23-922/2 од 12 јуни 2004 година;
– Одлука за организирање јавна анкета по Нацрт планот бр.08-923/2 од 12 јуни 2004 година на градоначалникот на општина Струга;
– Соопштение за спроведување јавна анкета за утврдување на Нацрт планот бр.23-924/2 од 12 јуни 2004 година на Општина Струга , а кое е доставено до Радио Струга, ТВ Калприна, Диџеј Радио и Македонија денес;
– Стручно мислење на Нацрт-планот бр.23-935/2 од 12 јуни 2004 година на главниот архитект на град Струга;
– Стручно мислење бр.13-7391 од 11 јуни 2004 година на Министерство за транспорт и врски на РМ – Сектор за уредување на просторот;
– Записник од стручна консултација по Нацрт-измена на ДУП УЕ-4-исток, Струга и ДУП УЕ-4-запад, Струга бр.23-927/3 од 14 јуни 2004 година;
– Анкетен лист бр.03-414/1 од 19 март 2004 година, со прилог, кподнесен од Ќемаил Османоски од Струга;
– Извештај од Комисијата за разгледување на забелешките од анкетните листови за ДУП УЕ-4-исток, Струга бр.23-1029/1 од 23 јуни 2004 година;
– Известување за постапување по забелешките од усвоената анкета и стручна расправа за ДУП УЕ-4-исток, Струга бр.23-1031/1 од 23 јуни 2004 година;
– Согласност бр.13-8566 од 15 јули 2004 година на Министерството за транспорт и врски на Република Македонија;
– Одлука за донесување измена и дополна на ДУП УЕ-4-исток, Струга бр.07-1127/5 од 3 јули 2004 година на Советот на општина Струга;
16. Графички приказ (копие од урбанистичи план) дел од Нацрт УЕ-4-исток;
– Графички приказ (копие од урбанистички план) дел од Предлог ДУП УЕ-4-исток, Струга.
Советот на Општина Струга дополнително достави известување бр.03-89/2 од 25 јануари 2005 година, со кое го извести Судот дека во постапката за донесување на ДУП УЕ-4-исток, не била побарана согласност од надлежен орган за заштита на природните реткости.
Од приложената документација што претходела на донесување на оспорениот акт, Судот оцени дека постапката за донесување на истиот од аспект на Законот за просторно и урбанистичко планирање е законита. Но, имајќи го во вид фактот што во текот на постапката при донесување на оспорената одлука не била побарана согласност, односно мислење од надлежен орган за заштита на природните реткости, Судот оцени дека во конкретниов случај актот не е донесен согласно еден од законите кои ја уредуваат постапката на донесување на актот, односно согласно Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро (“Службен весник на СРМ” бр.45/1997, 8/1980, 51/1988 и 10/1990 и “Службен весник на РМ” бр.62/1993).
7. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и уредувањето и хуманизација на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Од анализата на наведената одредба произлегува дека основна задача на државата е воспоставување рамнотежа меѓу човекот и природата, меѓу економската и еколошката сфера
Оттука, развојот на економијата и индустријата не може да се одвива неконтролирано и до максимум без да се води сметка за последиците што од тоа произлегуваат за животната средина и природата. Имено, Судот смета дека станува збор за темелна вредност која има универзален карактер и како таква треба да биде заштитена и да се негува во средината во која живееме и како таква треба да биде предмет на заштита.
При оценување на законитоста на оспорената одлука Судот ги имаше предвид одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на РМ” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), како и одредбите од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро кој е еден од законите што се однесуваат на заштита и унапредување на животната средина како темелна вредност на уставниот поредок предвидена во членот 8 став 1 алинеја 10.
Според членот 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, просторното и урбанистичко планирање е континуиран процес што се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторните и урбанистичките планови кои меѓусебно се усогласуваат. Според членот 3 од Законот, изработувањето и донесувањето на просторните и урбанистичките планови се работи од јавен интерес. Постапката за донесување на плановите, вклучително и на урбанистичките планови е уредена со самиот закон.
Според член 7 од Законот во зависност од просторот кој е предмет на планирање се донесува покрај другите и детелен урбанистички план.
Според содржината на член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на РМ” бр.53/2001) членот 21-а на кој се укажува во иницијативата е изменет и гласи:
“При изработување на урбанистички план од членот 7 точка 2, општ акт од членот 25 и урбанистички проект од членот 32 од овој закон, задолжително се применуваат нормативи и стандарди за уредување на просторот, создавање услови за хумано живеење и работа на граѓаните.
Стандардите и нормативите од ставот 1 на овој член ги донесува министерот надлежен за работите на уредувањето на просторот”.
Од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот на иницијативата смета дека при донесување на оспорената одлука воопшто не биле почитувани одредбите од членот 21-а од Законот, потоа членовите 2, 3 и 4 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот како и одредбите од Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка на планот и начинот и постапката за донесување на урбанистички план.
Според член 22 став 3 од Законот, општината донесува урбанистички планови од членот 7 точка 1, 2 и 3 од овој закон, а стручната ревизија на урбанистичките планови според програмата на членот 14 од овој закон ја врши правно лице кое има добиено овластување од членот 16 став 1 на овој закон, што го определува градоначалникот. Изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по стручната ревизија. Според член 22 став 6 и 7 од овој закон, урбанистичките планови можат да се спроведуваат по издавањето на согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот. Плановите за кои не е издадена согласност, се сметаат дека не се донесени.
Имајќи ја во вид изложената фактичка и правна состојба, како и целокупната приложена документација во постапката, Судот утврди дека со донесување на оспорената одлука за измена и дополнување на ДУП УЕ-4-исток-Струга, не може да се постави прашањето за нејзината согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање бидејќи со донесување на истата се запазени сите фази на постапката за изменување и дополнување на ДУП, кои што се предвидени во овој закон.
Меѓутоа, имајќи ја предвид одредбата од член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, од која произлегува дека при уредување и хуманизација на просторот се бара почитување на законски прописи кои се однесуваат и на заштита и унапредување на животната средина и на природата, Судот оцени дека во постапката за донесување на урбанистички планови, општините Охрид, Струга, Ресен и Дојран треба да ги почитуваат и одредбите од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро со кои овие езера, како добро од општ интерес се споменици на природата и се под посебна заштита.
Согласно член 1 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро , нивните води, крајбрежија, извори и водотоци, поради карактеристичните одлики и природна убавина, геолошки, геоморфолошки, хидролошки, хидробилошки, лимнолошки
и други научни вредности, културно, естетско, образовно-воспитно, здравствено, рекреативно, туристичко и друго стопанско значење се прогласени за споменици на природата од особено значење за општествената заедница и се ставени под посебна заштита.
За заштита на езерата како добра од општ интерес кои се користат за задоволување на општи и поединечни потреби, Законот предвидел низа превентивни и други мерки за заштита. Меѓу другите, во членот 7 став 1 алинеја 5 од Законот, се предвидува дека заради заштита на езерата се забранува внесување во езерата непречистени отпадни води од населените места и индустриски објекти.
Во членот 9 став 1 од Законот се предвидува дека градежни, хидромелиоративни, хортикултурни или други работи на крајбрежјата на езерата можат да се изведуваат само под услови и на начин утврдени со просторните планови на регионите, просторните планови на општините Охрид, Струга, Ресен и Дојран, урбанистичките планови на населените места и урбанистичките планови на подрачјата со специјална намена, како и со прописите за спроведување на овие планови.
Согласно став 2 на членот 9 од истиот закон, плановите од став 1 на овој член се донесуваат по претходно прибавено мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.
Имајќи го во вид фактот што Советот на општина Струга во постапката која претходела на донесување на оспорената одлука, не побарала мислење од органот надлежен за заштита на природните реткости, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.
8. При донесување на ова решение Судот оцени дека оправдано е да се очекува дека со извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на Одлуката може да настанат тешко отстранливи последици и дека поради тоа се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за запирање на нивното извршување.
9. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува.
Тргнувајќи од содржината на цитираната уставна одредба, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува дали оспорената Одлука е во согласност со Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка за планот и начинот на постапката за донесување на урбанистичкиот план и Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот, односно не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на актите од точка 3 од ова решение, поради што Судот во тој дел иницијативата ја отфрли, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.
10. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.152/2004
2 март 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова