149/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членот 28 алинеја 1 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 јануари 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на поднасловот „Договори од мало значење“; член 9 и член 57 во делот „а ќе се применува од 1 јануари 2005 година“, од Законот за заштита на конкуренцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005), и уставноста и законитоста на Уредбата за договори од мало значење, („Службен весник на Република Македонија“ бр.91/2005).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата не можела да постои поделба на договори од мало и големо значење и не можело со подзаконски акт на Владата на Република Македонија да се уредуваат условите во договорите од мало значење, бидејќи тоа биле прашања што се уредувале со закон. Воедно, оспорената Уредба била донесена без предлог од Комисијата за заштита на конкуренцијата, што било законски услов за нејзино донесување. Исто така, со оспорениот член 57 од Законот било уредено дека Законот ќе се применувал од 1 јануари 2005 година и покрај фактот што тој бил донесен на 11 јануари 2005 година и објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2007 на 17 јануари 2005 година, со што Законот уредувал повратно дејство спротивно на членот 52 став 4 од Уставот.

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот како несогласни со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 и став 2, член 51, член 52 став 4, член 54 став 1, член 55, член 61 став 1, член 68 став 1 алинеја 2, член 88 и член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот на Република Македонија. Со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Уредба како несогласна со наведените уставни одредби и со членот 9 став 4 од Законот за заштита на конкуренцијата.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за заштита на конкуренцијата во насловот „Договори и одлуки со кои се ограничува конкуренцијата“, со членот 7 го уредил прашањето на забранети договори, одлуки и договорена практика, на претпријатијата и здруженијата на претпријатијата чија цел или последица е спречување, ограничување или нарушување на конкуренцијата, особено на начин како што е тоа посебно определено со одредбите на овој член.

Во поднасловот „Договори од мало значење“ од Законот, со оспорениот член 9 е предвидено:

„(1) Одредбите од членот 7 став (1) на овој закон не се применуваат на договорите од мало значење.
(2) За договор од мало значење се смета договор во кој заедничкиот пазарен удел на учесниците во договорот и претпријатијата под нивна контрола на пазарот, не го надминува прагот од 10% доколку договорот е склучен меѓу претпријатија кои работат на исто ниво на производство или трговија (хоризонтален) или прагот од 15% доколку договорот е склучен меѓу претпријатија кои работат на различно ниво на производство или трговија (вертикален). Во случај кога е тешко да се утврди дали договорот е хоризонтален или вертикален ќе се применува прагот од 10%.
(3) Одредбите од ставот (1) на овој член ќе се применуваат и доколку пазарното учество на претпријатијата во последните две деловни години не е зголемено за повеќе од 2%.
(4) На предлог на Комисијата, Владата на Република Македонија ги пропишува условите во договорите од мало значење што мора да бидат исполнети, како и ограничувањата и одредбите што не смеат да бидат содржани во договорот“.

Членот 57 од Законот во оспорениот дел е укинат со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.133/2006 од 7 февруари 2007 година.

Судот, исто така утврди дека Владата на Република Македонија врз основа на членот 9 став 4 од Законот за заштита на конкуренцијата, ја донела оспорената Уредба за договори од мало значење,со која се пропишуваат условите кои во договорите од мало значење мора да бидат исполнети, како и ограничувањата или одредбите што таквите договори не смеат да ги содржат.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Поаѓајќи од содржината на наводите во иницијативата Судот утврди дека се оспорува уставноста на Законот и Уредбата само преку нумеричко набројување на норми од Уставот со кои овие прописи биле во несогласност, без аргументи за причините поради кои се неуставни. Имено, оспорениот поднаслов и членот 9 од Законот се оспоруваат поради тоа што подносителот на иницијативата смета дека не можело да постои поделба на договори од мало и големо значење, без да ги изнесе уставните пречки за тоа, а во однос на членот 57 од Законот ја оспорува одредбата и покрај тоа што таа не е во правниот поредок, односно е укината со Одлука на Судот У.бр.133/2006 од 7 февруари 2007 година.

Судот, исто така утврди дека за проблематизирање на уставноста и законитоста на целината на Уредбата не се изнесени посебни причини во иницијативата. Преку наводот во иницијативата дека подносителот сметал дека Уредбата уредувала прашања кои требало да бидат законска, а не подзаконска материја без посебно аргументирање во што се состоела од тој аспект неуставноста на одредбите од Уредбата со нормите од Уставот, произлегува дека на Судот му се препушта уставносудска анализа поодделно на одредбите од предметната материја која е уредена со оспорената Уредба, без посебни наводи во иницијативата, а законитоста на оспорената Уредба не може да се доведе во прашање, бидејќи таа е донесена по предлог на Комисијата за заштита на конкуренцијата, ова согласно членот 9 став 4 од Законот.

Од причини што Судот не е надлежен да одлучува за барањето во иницијативата во однос на оспорениот дел од членот 57 од Законот, бидејќи одредбата не е во правниот поредок, и поради постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата за оспорените акти, Судот утврди дека врз основа на наведените уставни норми и согласно членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, се настапени условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.149/2007
23 јануари 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски