148/1998-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), нас седницата одржана на 3 февруари 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за распоредување на стоките на форми на извоз и увоз донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/96, 64/96, 67/96, 45/97, 66/97, 20/98 и 26/98).

2. “Макпетрол” АД Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека со оспорената одлука на Владата на Република Македонија е воведен режимот ЛБ1 и ЛБ7 во извозот и увозот на одредени производи. Воведувањето на овој режим на извоз и увоз во суштина претставувало забрана на извоз и увоз на одредени производи без добивање на претходна согласност од надлежниот ресорен министер односно од министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство и министерот за стопанство. Иако во својата суштина режимот ЛБ претставувал режим на слободен извоз и увоз нововостановениот режим ЛБ1 и ЛБ7 претставувал режим на слободен извоз и увоз со добивање на претходна согласност од надлежниот орган на управата. Се поставувало прашањето дали со одлука на Владата може да се ограничи извозот и увозот на одредени производи без за тоа да постои уставна основа и законски одредби. Сметаат дека правната природа на овој режим претставува режим на квантитативно ограничување на извозот и увозот на одредени производи. Бидејќи за извоз односно увоз на производите кои подлежат на овој режим

било потребно поседување на согласност за извоз односно увоз кој го издавале ресорните органи на управата и тоа во количински обем, сметаат дека во овој случај всушност се работи за режим кој потпаѓа под режимот К односно режим на квантитативно ограничување – контингент, а за кој режим важела посебна процедура за распределување и определување на обемот утврдена во Законот за надворешно трговско работење. Меѓутоа во оспорените одлуки никаде не било наведено дека за одредени производи важи режимот К, туку напротив секаде било определено дека важи режимот ЛБ и Д а кои како такви биле определени и во Законот за надворешно трговско работење.

Поради тоа оспорените одлуки не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и став 2; член 51 и член 55 став 1 и 3 од Уставот, како и со член 10 став 1 од Законот за надворешно трговско работење.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Одлуката, стоките што се извезуваат односно увезуваат се распоредуваат на следниве форми: слободен извоз, извоз врз основа на контигенти, извоз врз основа на дозвола, слободен увоз, увоз врз основа на контигенти и увоз врз основа на дозвола. Стоките од став 1 на овој член се утврдени во списокот на стоките со форми на извоз и увоз кој е составен дел на оваа одлука.

Согласно член 2 од оваа одлука, стоките чиј извоз односно увоз е слободен се означени во списокот од став 2 на член 1 од оваа одлука со кратенката “ЛБ”; стоките што се извезуваат односно увезуваат по основа на контигенти со кратенката “К”; и стоките што се извезуваат односно увезуваат врз основа на дозвола со кратенката “Д”. Стоките чиј извоз и увоз регионално се насочува, покрај ознаките од став 1 на овој член се означени и со кратенката “С”.

Членот 3 од оваа одлука утврдува дека стоките од член 1 од оваа одлука, покрај ознаките од член 2, се означуваат и со следните броеви:

1 – се означени стоките за чиј извоз односно увоз е потребно да се прибави одобрение односно дозвола што ја издава Министерството за здравство односно Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ако се увезуваат за потребите на ветеринарната служба, за заштита на растенијата, или како семенски материјал, како и други земјоделски производи.
Опојните дроги и психотропни материи за кои дозволи издава Министерството за здравство се наведени во списокот на опојни дроги и психотропни материи што е составен дел на списокот на стоки од став 2 на член 1.

2.- се означени стоките за чиј увоз е потребно да се прибави потврда од Заводот за стандардизација и метрологија дека ги исполнуваат метролошките и другите услови пропишани со закон.

3 – се означени стоките што не се употребувани и за чиј увоз е потребно да се прибави потврда од Министерството за стопанство за извршен преглед и евидентирање на пропратна техничка документација на увезениот производ.

4 – се означени стоките за чиј увоз е потребно да се прибави дозвола од Министерството за урбанизам и градежништво.

5 – се означува забрана на увоз на возила постари од три години од денот на производството.

6 – се означува забрана на увоз на возила постари од пет години од денот на производството

7 – се означени стоките за чиј извоз или увоз е потребно да се прибави согласност од Министерството за стопанство.

Царинските органи при царинењето на стоките што се наведени во списокот на опојни дроги, психотропни материи и материи што ја оштетуваат озонската обвивка контролираат дали царинењето на тие стоки се врши преку Царинарницата која е наведена во дозволата.

Во членот 4 од оваа одлука се содржани податоците што треба да ги содржи барањето за добивање на решение односно дозвола од член 1 од оваа одлука што ги поднесува корисникот на стоките односно производителот пред органите на управата наведени во член 3 од одлуката.

Членовите 5 и 6 од одлуката уредуваат дека при нејзиното спроведување се применуваат одредбите на Законот за царинската тарифа и прописите донесени врз основа на тој закон, како и дека со неа, за сите тарифни ознаки се пропишани задолжителни единечни мерки во зависност од видот на стоките што се извезуваат односно увезуваат.

Со членот 7 од Одлуката е утврдено дека со денот на нејзиното влегување во сила престанува да важи Одлуката за распоредување на стоките на форми на извозот и увозот (“Службен весник на Република Македонија” бр.81/93, 38/94, 52/94, 57/94, 22/95, 50/95 и 21/96), а со членот 8 е уредено влегувањето во сила на оваа одлука.

4. Судот, исто така утврди дека оспорената одлука на Владата е донесена врз основа на член 12 од Законот за надворешно трговско работење, според кој Владата на Република Македонија ги распоредува стоките на одделни форми на извоз и увоз и ги определува стоките чиј што извоз и увоз регионално се насочуваат

Во една од повеќето измени на оспорената одлука, дополнет е членот 3 со нов број 7 кој гласи: “7. се означени стоките за чиј извоз или увоз е потребно да се прибави согласност од Министерството за стопанство”.

Од увидот во списокот на стоките по форми на извоз и увоз кој е составен дел на оспорената одлука, ознаката ЛБ7 се однесува покрај на другите стоки и на извозот односно увозот на нафта и нафтени деривати за чиј извоз или увоз е потребно да се прибави согласност од Министерството за стопанство.

Понатаму, во истиот список, со ознака ЛБ1 се означени голем број стоки за чиј извоз односно увоз е потребно да се прибави одобрение односно дозвола што ја издава Министерството за здравство односно Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

5. Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Со член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според ставот 3 на овој член, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според член 10 од Законот за надворешно трговско работење, извозот и увозот на стоките се слободни (ЛБ). Заради заштита на домашното производство и планираниот развој извозот и увозот на стоки може да се регулира со определување на контингенти (К). Определени стоки можат да се извезуваат и увезуваат врз основа на дозвола (Д) кога се во прашање извршување на меѓународни договори, регулирање на извозот и увозот на вооружување и воена опрема, извоз и увоз на историски уметнички дела и одделни благородни метали. Заради усогласување на размената на стоки и услуги со определени земји или региони, заради наплата на побарувањата од странство и заради спроведување самоограничување во извозот на определни производи чијшто извоз е ограничен со странски увозни бариери, извозот и увозот на определени стоки можат регионално да се насочуваат со издавање согласности. Решението од став 2, дозволата од став 3 и согласноста од став 4 на овој член ги издава Министерството за стопанство.

Согласно член 12 од овој закон, Владата на Република Македонија ги распоредува стоките на одделни форми на извоз и увоз и ги определува стоките чијшто извоз и увоз регионално се насочуваат.

Врз основа на оваа законска одредба Владата на Република Македонија ја донела оспорената одлука.

Тргнувајќи од членот 10 став 1 на Законот за надворешно трговско работење прво се поставува прашањето што се подразбира под поимот слободен извоз и увоз на стоки односно колкав е обемот на таа слобода. Имено, ниедна слобода не може да се свати во апсолутна смисла. Оттука и законската определба за слободен извоз и увоз на стоки не може и сигурно не значи безгранична слобода, бидејќи таа слобода не е цел за себе туку е во взаемен сооднос со редица други услови за чие исполнување треба да се грижи државата.

Во конкретниот случај, членот 3 од оспорената одлука определува дека стоките покрај ознаките од членот 2 (кои се идентични со ознаките утврдени со законот) се означуваат и со броеви од 1 до 7. Всушност со овие броеви се означени стоките за чиј извоз односно увоз без разлика под кој режим припаѓаат (ЛБ, К или Д), е потребно да се прибави одобрение, потврда или согласност

од соодветен орган на управа или пак се означени стоки чиј увоз е забранет заради неисполнување на некој услов (на пример: забрана на увоз на возило постаро од 3 години).

Меѓутоа, според ставот на Судот, самиот член 3 од одлуката само означува дека стоките чиј извоз и увоз е слободен, чиј извоз и увоз е врз основа на контигенти и чиј извоз и увоз е врз основа на дозвола треба да имаат и додатни броеви од 1 до 7. Обврската, соодветен орган да издава одобрение, потврда или согласност или пак забраната за увоз на возила постари од одреден број на години не е материја што ја воведува оваа одлука, туку во одлуката се преземени претходно утврдени законски одредби, според кои извоз или увоз на одредени производи може да се врши само по добиено одобрение, потврда или согласност на соодветен орган за квалитетот на производот или пак постои директна законска забрана за увоз на некој производ.

Оттука, Судот оцени дека ознаките што ги предвидува оспорената одлука претставуваат квалитативно ограничување на стоките при извоз или увоз, а не квантитативно ограничување. Доколку во практиката се врши квантитативно ограничување, тоа е фактички погрешна примена на одредбите од одлуката за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека оспорената одлука на Владата е во согласност со одредбите на Законот за надворешно трговско работење како и со одредбите на други закони. Исто така оспорената одлука не го доведува во прашање уставниот принцип за владеење на правото ниту пак уставната гаранција за слобода на пазарот и претприемништвото бидејќи самата одлука не предвидува никакви ограничувања кои претходно не биле утврдени во некој закон и тоа пред се квалитативни, а не квантитативни ограничувања.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.148/98
3 февруари 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков